Има подземни контејнери, ама има и смет

Подземни контејнери Фото: Принтскрин Општина Кисела Вода

 

Во согласност со искуствата од главните градови во регионот, се предвидува поставување „подземни контејнери“ низ територијата на градот. Со поставување на овие контејнери ќе се придонесе за подигнување на степенот на хигиената во градот, за подобра естетика на просторот и за подигнување на степенот на заштита на животна средина. (Вредност на проектот: 120.000.000 денари, Рок: Kонтинуирано)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во изборната програма на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, „Мојот избор“, стр.12, е ветено поставување „подземни контејнери“ низ територијата на градот. Ова ветување го оценуваме за исполнето.

На 27.02.2015, медиумите пишуваа дека градоначалниците на Град Скопје и Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, како и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Ракип Дочи присуствуваа на промоцијата на системот на подземни контејнери во Општина Аеродром, на улица „Февруарски поход“.

Градот Скопје продолжува со реализацијата на проектот системот на подземни контејнери, каде денеска ги промовирани првите контејнери на територијата на Општина Аеродром. Овде се поставуваат три (3) подземни контејнери со зафатнина на секој контејнер од три метри кубни (3 м3), од кои два (2) се за мешовит отпад за домаќинствата и еден (1) контејнер е за П.В.Ц амбалажа. Ова е една од трите локации кадешто се поставуваат подземни контејнери на територијата на Општина Аеродром. Вкупната инвестицијата на овој проект изнесува 6.600.000 денари и во неа подеднакво, со по 2.200.000 денари учествуваат Градот Скопје, ЈП “Комунална хигиена” и Општина Аеродром, кажа градоначалникот Трајановски.

Медиумите во април 2015 година известија дека Град Скопје ги пуштил во употреба подземните контејнери за одлагање комунален отпад на улица Димитрие Чуповски во населбата Драчево, што е дел од втората фаза на проектот за поставување Систем за подземни контејнери.

Празнењето на подземните контејнери е на хидрауличен погон, за што ќе се употребуваат три од постојните возила на ЈП „Комунална хигиена“, коишто се специјално надградени за оваа намена. Системот за собирање на комуналниот отпад во подземни контејнери е исклучително софистициран и успешен и веќе подолг период се применува во светски рамки, со одлични ефекти во заштитата и зачувувањето на здравјето на граѓаните и природната околина. За реализација на овој значаен проект се издвоени вкупно 6,6 милиони денари, од кои секоја од трите вклучени страни издвојува по 2,2  милиони денари, односно подеднакво инвестираат Градот Скопје, општината Кисела Вода и ЈП „Комунална хигиена“, кажа градоначалникот Трајановски.

Поставувањето на подземните контејнери низ градските општини беше најавено уште во 2012 година, како решение за расфрланото ѓубре што ги задушуваше скопските улици. Првите контејнери беа поставени во 2013 година, во општините Центар и Чаир, а од 2014 година скопските властите одлучија да го прошират проектот и на територија на општината Кисела Вода.

Во 2014 година почна втората фаза од Проектот за поставување систем за подземни контејнери во градот Скопје. Во општината Кисела Вода како што тогаш најави градоначалникот Коце Трајановски ќе бидат поставени вкупно девет контејнери на три микролокации, на тој начин што два контејнера ќе бидат наменети за одлагање на мешан комунален отпад, а еден за одлагање на ПЕТ-амбалажа. Во рамките на оваа фаза на Проектот беше предвидено да бидат поставени подземни контејнери на уште шест микро-локации во општините Аеродром и Гази Баба.

Системот за подземни контејнери ќе го инсталира фирмата „Ф-ка Карпош“ од Скопје, со подизведувачот „АТРИКОТ“ од  Крушевац, а истиот ќе чини 19,8 милиони денари, при што една третина од средствата ги обезбедува ЈП „Комунална  хигиена“-Скопје, една третина – Градот Скопје и една третина – односната општина. Предвидено е инсталирањето на втората фаза од Системот за подземни контејнери да заврши најдоцна 60 дена од потпишувањето на договорот со фирмата-изведувач.

Подземни контејнери според записите во медиумите има низ целата територија на Скопје, така што може да се заклучи дека ова ветување е исполнето.

Сепак, иако, ова ветување е исполнето  има многу проблеми, при што најголем е тој што кога ќе се наполнат контејнерите ѓубрето се остава околу нив. Низ градот, пак, има локации каде што нема надземен контејнер, со што ѓубрето останува по тротоарите. Потоа, во такви ситуации се доведуваат во опасност и контејнерите за рециклирање (хартија и пластика) зашто кога нема место во оние за комунално ѓубре, неретко тоа се фрла во контејнерите за пластика или хартија.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција