Изградена пречистителната станица во Волково, се прави пристапната улица

Проект: ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВО ВОЛКОВО

Град Скопје ќе учествува во проектот за довршување колекторски систем во соработка со Министерството за животна средина, ЈП „Водовод и Канализација – Скопје“ и на Општина Ѓорче Петров. Неговата изградба е од големо значење за Ѓорче Петров и за градот Скопје. (Рок: 2013-2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За проектот: „ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВО ВОЛКОВО“ , најавен  во  Изборната програма на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“  (во делот Водоснабдување, атмосферски и фекални канализации стр.64), е наведено дека ќе биде реализиран во периодот 2013-2014 година,  но неговата реализација се развлече и во наредните две години. Според последните информации во медиумите објектот на пречистителната станица е изграден  и се прави пристапната улица која, пак, се очекува да биде асфалтирана овој месец (јуни 2016), така што, ова изборно ветување го оценуваме „ во тек “.

Изградбата на пречистителната станица за отпадни води „Волково“  почна на шести декември 2010 година, за време на првиот мандат на Трајановски. Медиумите тогаш информираа дека вредноста на инвестицијата вклучувајќи го проектирањето изнесува 5.841.000 евра, од кои 30% се донација од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија. Изведувач е „РИКО“ од Љубљана, а станицата треба да профункционира најдоцна до мај 2012 година.

Ваквите прогнози не се остварија и изградбата на пречистителната станица се пролонгира во овој градоначалнички мандат на Трајановски.

Во предизборието за локоалните избори во 2013 година (18.03.2013)  Трајановски и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, како и заминик – министерот за животна средина и просторно планирање Соња Лепиткова,  го посетија местото каде што се одвиваат градежните работи за изградба на пречистителна станица на реката Лепенец во  Волково. Трајановски тогаш изјави

Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во реката Вардар во Ѓорче Петров ќе има голем еколошки бенефит бидејќи се затвораат 6000 септички јами кои во моментов се потенцијална опасност за загадување на воздухот, почвата и подземните води. Особено поради тоа што се наоѓаат во близина на бунарскиот систем на Лепенец, кој е дополна на скопскиот систем за водоснабдување од Рашче. Оваа пречистителна станица ќе ги прифаќа отпадните води од населени места Кучково, Орман, Волково и Ново село или околу 30.000 жители  (Трајановски).
Во  февруари 2016 година медиумите информираа дека пречистителната станица за отпадни води  е во својата завршна фаза и за да може да профункционира треба да се изгради патот што води до неа. За таа цел во јануари 2016 година во Општината Ѓорче Петров се одржал состанок со претставниците на изведувачот на пречистителната станица. Од Општината тогаш информираа дека

Целта на овој состанок беше трите договорни страни, „Рико“ од Словенија, предводена од директорот на фирмата Андреј Иванц, општината Ѓорче Петров и Министерството за животна средина и просторно планирање, да преземат соодветни мерки со кои би се забрзале завршните работи на пречистителната станица и пристапот кон неа. 

Во март 2016 година Лепиткова соопшти дека со „буџетски средства веќе се изградени четири пречистителни станици“, меѓу кои, ја спомена и пречистителната станица во Волкова, за која кажа дека од „ први април  ЈП„ Водовод“ ќе ја преземе во управување, односно ќе почне со работа“.

На 22 април 2016 година медиумите повикувајќи се на  Министерството за животна средина и просторно планирање информираа  дека пречистителната станица во Волково е готова и наскоро треба да се пушти во употреба.

Пречистителната станица во скопската Општина Ѓорче Петров, која се гради во село Волково, со пробна работа треба да почне до крајот на месецот, бидејќи веќе е изграден објектот.

Во истиот период имаше информација дека во населбата Ново Село во Општина Ѓорче Петров во тек се активности за изградба на улица бр. „5“, во должина од 780 метри и шест метри ширина. Од Општината информираа

Со изградбата на оваа улица ќе се реши пристапниот пат до новата пречистителна станица  и ќе се решат и долгогодишните проблеми на граѓаните кои години наназад, зависно од годишното време, мораа да газат кал… Општината претходно постави нова канализациска и водоводна мрежа.

На 27 мај имаше информација дека  се при крај финалните подготовки за асфалитрање на оваа улица која води до пречистителната станица Волково и дека се очекува таа да биде  готова во јуни, па со оглед на тоа ветувањето добива оценка „во тек“.

 

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција