МВР за „Вистиномер“: Центар за странци ќе се гради, но само како замена за постоечкиот во Гази Баба

Постоечкиот центар во Гази Баба. Фото: скриншот

По проверката на тврдењата што ги изнесе ВМРО-ДПМНЕ и некои медиуми, дојдовме до потврда на веста дека нов објект за прифаќање на странци ќе се гради, но тоа не значи и нов, втoр центар, туку станува збор за замена на постоечкиот, руиниран во општина Гази Баба. Она што сигурно нема да се гради, како што се прошири низ социјалните мрежи и во некои медиуми, тоа е некаков камп за илјадници нови мигранти или нов прифатен центар покрај постојниот на територија на Скопје во Гази Баба

 

По проверката на тврдењата што ги изнесе ВМРО-ДПМНЕ и некои медиуми, дојдовме до потврда на веста дека нов објект за прифаќање на странци ќе се гради, но тоа не значи и нов, втoр центар, туку станува збор за замена на постоечкиот, руиниран во општина Гази Баба. Она што сигурно нема да се гради, како што се прошири низ социјалните мрежи и во некои медиуми, тоа е камп за илјадници нови мигранти или нов прифатен центар, покрај постојниот

 

Пишува:  Тео Блажевски

 

Нема нов центар за бегалци во Скопје. Де факто, тоа ќе биде нов објект, но тоа не значи дека во главниот град ќе има два центри, туку новиот објект треба да биде замена за постоечкиот во Гази Баба од 2005 година, кој е целосно некомпатибилен и со многу лоши услови. Ова е веста што ни е потврдена официјално од МВР и е сосема поинаква реалност во однос на шпекулациите на некои медиуми и поединци дека власта има намера да изгради нови центри за прифаќање на бегалци од Блискиот Исток и од Азија.

 

МВР: НОВ ОБЈЕКТ ЗА ПОСТОЕЧКИОТ ПРИФАТЕН ЦЕНТАР ЗА СТРАНЦИ

Истражувајќи ја сторијата, „Вистиномер“ ги спореди изјавите и фактите, при што најпрво утврдивме дека локацијата која била во сопственост на Владата на РМ (веројатно поранешен магацински простор на армијата), го доделила на користење на МВР уште во декември 2017 година. Одлуката е објавена во Службен весник бр. 190 на стр. 74 и носи наслов „Одлука за давање на трајно користење на недвижни ствари на Министерството за внатрешни работи“. Во првиот член се гледа дека станува збор за катастарска парцела 35 во Бардовци, О. Карпош, при што на МВР му се доделуват повеќе ниски објекти од 13 до речиси 500 квадратни метри (вкупно 22), со вкупна површина од 4.483 м2.

Имајќи ги предвид овие факти, упативме прашање директно до Владата на РМ за разјаснување на целата приказна. Одговорот го добивме преку Министерството за внатрешни работи (МВР), кој ќе ви го презентираме во целост:

Министерството за внатрешни работи, ги отфрла инсинуациите и шпекулациите во јавноста, за градење на бегалски кампови во Република Македонија.

Со цел вистинито информирање на јавноста, укажуваме дека во Република Македонија, согласно законската регулатива, функционира прифатен центар за странци „Скопје“ во Гази Баба уште од 2005-та година.

Потенцираме дека во претстојниот период ќе се гради само нов објект за овој, постоечки прифатен центар, Средствата се обезбедени од ЕУ, преку ИПА 2016 програмата „Миграции и азил, гранично управување и борба против тероризмот и организираниот криминал“.

МВР наведува дека причина за ваквата одлука е лошата состојба на постоечкиот центар што е констатирано и при посетите на Советот на Европа од страна на Европскиот комитет за превенција од тортура и нехумано однесување:

Имено, во моментов прифатниот центар е сместен во објект во општината Гази Баба, кој што првично имал сосема друга намена и е целосно некомпатибилен со намената за која веќе повеќе од 13 години, се користи. Во претходните години, иако повеќе пати беа реализирани градежни зафати за подобрување на условите за сместување, овој објект и понатаму не може да одговори на потребите за обезбедување на неопходните стандарди за сместување на странци, особено за ранливите категории на лица – жени, деца, лица со посебни потреби.

Дополнително, од страна на Европскиот комитет за превенција од тортура и нехумано или понижувачко постапување во рамките на нивната посета, спроведена во периодот од 6-17 октомври 2014 година, во прелиминарните опсервации констатирaно е дека овој Центар е во исклучително лоша состојба.

Согласно европските директиви, Република Македонија е должна да обезбеди соодветни стандарди на сместување на странци кои ги исполнуваат условите да бидат сместени во објект од ваков карактер – се вели во одговорот на МВР.

 

ВМРО-ДПМНЕ И ЦАРОВСКА

Целата приказна е стара повеќе месеци, но се актуелизира откако лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ на своите Фејсбук профили излегоа со наслови дека во Бардовци во околината на Скопје „Хунтата на СДСМ ќе гради огромен камп за илајдници мигранти“.

Не е најјасно како Бардовци е заменето со Визбегово, но на својот ФБ профил министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, упати предупредување дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести и дека не е планиран никаков центар за бегалци, туку во Визбегово бил планиран центар за бездомни лица, при што ќе им се обезбеди дом на 80 лица кои живеат на улица. Самата Царовска се корегира за помалку од 48 часа во интервјуто за „Призма“ од 02.07.2018 г., каде што изјави дека „документите кои ги објави ВМРО-ДПМНЕ, се издадени од други институции и нивната релевантност треба да се провери од таму од каде што се издадени.“

Истиот ден кога се појави првичната изјава на министерката за труд и социјална политика, ВМРО-ДПМНЕ преку еден од своите портапроли, Димче Арсовскиизлезе со тврдење дека Царовска не е во право. Арсовски покажа документ од кој се гледа дека станува збор за „прифатен центар за странци“.

Подоцна партијата испрати и скенирани документи од Агенција за планирање на просторот од кои се гледа дека Агенцијата упатила барање за податоци до повеќе институции во текот на јуни годинава, со кои ги известува дека треба да се направи промена на Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови, со цел да се вметне и катастарската парцела во Бардовци.

Согласно фактите што ги утврди „Вистиномер“, ќе се гради прифатен центар за странци, но, станува збор само за нов објект на постоечкиот прифатен центар. Она што сигурно нема да се гради, како што се прошири низ социјалните мрежи и во некои медиуми, тоа е некаков камп за илјадници нови мигранти или нов прифатен центар покрај постојниот на територија на Скопје во Гази Баба.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.