Недоследности и популизам околу „Мерцедесот“

 

Владата на РМ на 57-та седница, меѓу другите заклучоци го донесе и овој, што го сметаме за недоследност:

Владата на Република Македонија го става во мирување процесот на продавање на возилото “Мерцедес” до завршувањето на судскиот спор во кој може да се појави потреба да биде доказен материјал. Оваа одлука се носи со цел да се оневозможи избегнување одговорност на обвинетите во судскиот процес каде возилото е предмет на интерес.

[Извор: Влада на РМ, 57 седница – датум: 06.03.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Одлуката која што ја донесе Владата на својата 57 седница во врска со стопирањето на продажбата на „Мерцедесот на Груевски“, е недоследна и е последна епизода во сторијата која се повеќе се користат и популистички манири.

Но, најпрвин за недоследноста. Приказната за Мерцедесот започна уште со емитувањето на снимките од прислушуваните телефонски разговори до кои дојде СДСМ во 2015 година. Потоа, на сите митинзи актуелниот премиер Зоран Заев, како лидер на најголемата опозициска партија ветуваше дека ќе го продаде „Мерцедесот“ и за тие пари ќе купи амбулантни возила. Тоа беше ветувано и во изборните кампањи за предвремените избори, а можеби и во кампањите за локлните избори, во општиот дел на говорите.

При крајот на минатата година МВР донесе одлука да го отпише „Мерцедесот“ од својата листа на опрема и да ѝ го предаде на трајно користење на Владата – на Секторот за општи и заеднички работи. Нешто подоцна, на 12 декември 2017 година, Владата на својата 43 седница ја констатира оваа одлука и наведува дека ќе го продаде Мерцедесот и со парите добиени од тоа ќе набави болничка опрема:

Владата денеска ја усвои одлуката со која автомобилот „Мерцедес“, кој беше во сопственост на Министерството за внатрешни работи, му се дава на трајно користење без надоместок на Влада на Република Македонија – Служба за општи и заеднички работи, со што се создава можноста ова возило да биде отуѓено и средствата добиени од тоа да бидат наменети за набавка на болничка опрема.

Потоа е извршено вештачење, па Владата на 13.02.2018 г. носи дефинитивна одлука за продажба преку аукција:

Владата денеска донесе одлука да се изврши продажба на патничкото моторно возило Мерцедес Бенц С600 преку електронскиот систем за јавно наддавање со кој управува и оперира Министерството за финансии. Почетната проценета вредност на овој автомобил, согласно проценката на Бирото за судски вештачења, изнесува 14.372.208,00 денари (230.000 евра). Јавното наддавање ќе се изврши електронски на интернет страницата www.e-aukcii.finance.gov.mk

За цело ова време во тек е судска постапка околу набавката на Мерцедесот по подигнато обвинение од Специјалното јавно обвинителство уште во јануари 2017 г., со тврдење на обивнителството дека е направена злоупотреба при набавката од страна на функционери во МВР, на која биле наведени од поранешниот премиер Никола Груевски.

Сосема е јасно дека правниците во Владата, кои не се малку на број, можеле многу порано да проценат дали во таков случај смее или не смее да се продава предметот што би можел да послужи како доказ. Но, тоа не е сторено во подолг временски период.

Откако Владата на реагираше, на прашање на порталот „Фактор“, реагираше поранешниот судија во Врховниот суд, Дане Илиев, кој, исто така, се чуди на одлуката на Владата:

Мерцедесот би требало со судската одлука привремено да биде одземен до крајот на завршување на постапката, а потоа Судот треба да одлучи што понатаму со возилото – дали ќе го довери на некој орган или ќе го продава, итн. Продавањето на автомобилот визави истиот предмет не е допуштено. До правосилноста на пресудата, Мерцедесот, кој е дел од истрага на СЈО, е во надлежност на Судот и не може да се оттуѓува.  Се чудам како никој во Владата не знае дека не може да се продава предмет (Мерцедесот) кој е дел истрага.

Откако ова се случи минатата недела, Владата на својата седница одржана вчера донесе одлука за стопирање на продажбата со слично образложение како она на пензионираниот судија Илиев.

Сето ова е сосема доволно, според методологијата на „Вистиномер“, одлуката на Владата да ја оцениме за недоследна.

 

* * *

 

Но, бидејќи околу целата сторија со Мерцедесот има и доста популизам и извртени вистини (од типот – не ни треба, МВР и СОЗР имаат доволно возила со висок степен на безбедност, итн.), во овој текст ќе одвоиме малку простор и за извртените вистини во него.

Главно се препознаваат два елементи. Прво, тезата дека не ѝ требало такво возило на РМ и второ, дали цената на која е проценето за продажба како почетна е погрешна и вештачки намалена.

Според сознанијата со кои располагаме, на РМ апсолутно ѝ е потребно возило со толкав висок степен на заштита каков што го има споменатиот Мерцедес, зашто друго такво возило, со такви безбедносни карактеристики нема во посед на државните институции. Второ, кога доаѓаат високи државници во посета на РМ, особено од поголемите и позначајните земји во светот, тие или мора да носат сопствено возило, зашто безбедноста што ја барат е таква или како што веќе имаше непотврдена информација, Македонија ги изнајмува таквите возила од компании што се занимаваат со тоа, најчесто од Софија.

Вториот момент е цената. Мерцедесот купен за околу 600 илјади евра и со многу малку поминати километри и години на старост е проценет на околу 200 илјади, а одлуката на Владата беше да се стави на надавање со почетна цена од 230 илјади евра. Иако ова е малку, зашто има тврдења дека цената на странскиот пазар за истото возило е многу поголема, најважно од сè е дали државата ќе има, едноставно кажано „ќар“ или, пак, ќе биде во зијан, зашто повторно ќе мора да плаќа за возило со висок степен на безбедност – или да го купува или да го изнајмува.

Сосема е јасно дека намерата за продажба е политичка одлука и произлегува од ветувањето дадено од премиерот Заев. Мотивот е јавно кажан – Мерцедесот да се продаде како симбол на едно време на расипничко трошење. Па сепак, тој дел кој се граничи со популизам во политиката, бидејќи треба да асоцира на скромност на новата политичка елита, некогаш е подобро да не се спроведе отколку да се прават вакви недоследности какви што ги што констатиравме во првиот дел од текстот.

Само за потсетување, таков вид на популизам е познат уште од Социјалистичка Република Македонија, од времето на последната еднопартиска Влада предводена од Глигорие Гоговски. Владата и единствената владејачка партија, комунистичката, во тоа време соочени со жесток јавен притисок поради економската криза, некаде при крајот на 80-тите години од минатиот век донесоа одлука министрите и партиските функционери да не се возат во „Мерцедесите“ и ги заменија со многу поскромни возила „Опел“ од моделите „Астра“ и „Вектра“.

Но, ефектот на божемната скромност во јавноста не беше постигнат. Кризата и натаму траеше, а во тие времиња се случи и најголемиот штрајк во тогашна Југославија – штрајкот на околу 10.000 работници од скопскиот гигант „Железара“, кои беа без плата.

Заклучокот од ова би бил дека вистински политичари, кои не сакаат да ја оптоваруваат државата и јавните пари со скапи службени возила, би постапиле сосема спротивно. Сите на работа би оделе со сопствени возила или со велосипеди, односно со јавен транспорт за оние функционери за кои безбедносните проценки тоа го дозволуваат. Државата треба и да најде начин, конечно, да се исплаќаат нормални износи за патни трошоци. А, „Мерцедесот“ би го зачувале поради државните интереси – безбедност на највисоките функционери, домашни или странски.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *