Спортскиот центар со ергела во Злокуќани остана на хартија

Вака беше замислен спортскиот центар во Злокуќани Фото: Принтскрин - Изборна програма на Стевчо Јакимовски (2013)

 Проект: Изградба на спортски центар кај фудбалското игралиште на ул. Скупи со ергела во Злокуќани

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за „изградба на спортски центар со ергела во Злокуќани“, е неисполнето ветување на градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски. Проектот е дел од неговата предизборна програма за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Визија за Карпош“ (стр.44).

Во склоп на спортскиот центар во населбата Злокуќани, како што најави Јакимовски во предизборната кампања (март 2013),  беше предвидено да се изградат ресторани, кафе барови, тениско игралиште, кошаркарско игралиште, ергела и фонтана. Медиумите тогаш пренесоа изјава на Јакимовски во која тој  вели:

Ова ќе биде едно од најубавите спортски игралишта во Скопје и она што е најбитно, граѓаните ќе имаат пригодно место за дружење, не само од овој дел на Карпош, туку за целото Скопје. Она што е најбитно е дека околу 30-на жители од овој дел од Злокуќани ќе се вработат и ќе бидат работно ангажирани за реализација токму на овој проект. (Јакимовски) 

Ветувањето за спортски центар во Злокуќани, Јакимовски го спомнува и во интервју за порталот „Фактор“, објавено на 22.03.2013 година, зборувајќи за економскиот просперитет на Општина Карпош.

Ќе продолжиме со реконструкција на детските градинки, а во Злокуќани ќе направиме и спортски центар, ергела, и низа други објекти. Ќе ги привлечеме сите инвеститори кои ќе вложат во економскиот просперитет и развој на нашата општина, вели меѓудругото Јакимовски во интервјуто.

Според сознанијата на „Вистиномер“, овој проект е останат само на хартија, а тоа ни го потврдија и од Општина Карпош.

Споменатиот објект не е возможно објективно да се спроведе заради тоа што на земјиштето кое беше планирано за таа намена, со Генералниот урбанистички план – ГУП, што го донесе Градот Скопоје, е предвидено „заштитно зеленило“ и на него не можат да се градат никакви објекти, да се склучуваат какви било  договори, приватни јавни партнерства и сл. Во проектот, покрај штала, магацин за складирање храна, затворен оддел за тренинзи, отворен оддел за тренинзи, беше предвидена и кафетерија. За жал, во „заштитно зеленило“ ,  никому, по ниедна основа, не може да му се даде дозвола за градење, вклучително и на Општина Карпош, нѝ  рекоа од Општината.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Стевчо Јакимовски за изградба на спортски центар во населбата Злокуќани, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција