Стапувањето на сила на законот за јазиците и натаму е неизвесно

Изгласувањето на Законот за употреба на јазиците, отвори нови дилеми. Фото: принтскрин

Закон за албанскиот јазик кој ќе го унапреди користењето на албанскиот јазик во Македонија, (3 столб од клучните ветувања на ДУИ)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Едно од клучните ветувања на ДУИ години наназад, закон со кој ќе се унапреди користењето на албанскиот јазик во Македонија и ќе овозможи негова поопширна употреба, е дадено во речиси сите политички кампањи, на речиси сите избори во кои учествуваше ДУИ како партија, а последно и пред парламентарните избори одржани на 11 декември 2016.

По изгласувањето на ваков закон во Парламентот, иако со неколку месеци задоцнување од последното ветување, го сметаме како исполнето од страна на ДУИ, бидејќи тој е изгласан, но, сепак, со оглед на тоа што указот за законот сè уште не е потпишан и тој не е влезен во правна сила, крајната оценка е дека исполнувањето на ветувањето е во тек .

Законот за јазиците беше едно од приоритетните ветувања на ДУИ и на Алијансата на Албанците во времето пред парламентарните избори, за што, според медиумите, имаше и потпишан договор со владејачката СДСМ, за негово приоритетно гласање во првите 100 дена. Ахмети во кампањата за парламентарните избори во декември 2016 спомна 5 столбови во програмата на ДУИ во новата влада, меѓу кои, како реден број три беше и имплементирање на закон за употреба на албанскиот јазик на целата територија на Република Македонија.

Законот за јазиците, за унапредување на албанскиот јазик беше дел и на заедничката изјава на албанските партии, таканаречената „Тиранска Платформа” составена од барања на албанските политички партии за новата владина коалиција, а која беше предмет на жестоки меѓупартиски судири во текот политичката криза што кулминираше со настаните во Собранието на РМ на 27 април 2017 година.

Сепак, овој закон не се најде во законодавниот дом во првите 100 дена, како што, впрочем, беше договорено и дебатата за него започна на 5 септември минатата година во Комисијата за eвропски прашања, додека парламентарното мнозинство ги констатираше потребите за негово имплементирање на 15 ноември истата година. За првото гласање на овој закон требаше да се чека до 11 јануари 2018, кога Законот за употреба на јазиците беше усвоен со 69 гласа „за“ и без присуство на опозицијата. Но, како што и се очекуваше во јавноста, законот не беше потпишан од претседателот Ѓорѓе Иванов со оправдување дека го загрозува унитарниот карактер на државата, суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и предизвикува целосно блокирање на институциите. Во неговото излагање се вели дека законот е изгласан без јавна дебата, без опозицијата и без професионално толкување од страна на ескпертите, а е злоупотребено и европското знаме со тоа што законот е обележан како европска реформа.

Претседателот на Парламентот, Талат Џафери, после 30 дена, повикувајќи се на ставовите 3 и 4 од членот 38 од Законот за Собранието, како и во членот 173 од Деловникот на Собранието, на 14 март го стави повторно во процедура, и беше по вторпат разгледан и усвоен од парламентарното мнозинство и покрај обидот за спречување од опозицијата со 35 илјади амандмани и физичко спречување на денот на неговото гласање.

А, откако Иванов по втор пат се изјасни дека нема да го потпише, Џафери рече дека претседателот е должен тоа да го стори, при што за медиумите изјави:

Членот 75 на Уставот на Република Македонија е јасен дека по второто изгласување на законот со мнозинство гласови од бројот на пратеници на Парламентот, што е случајот со законот, Претседателот е должен да го потпише овој закон. Во спротивно ќе ги прекрши нормите на Уставот.

Сличен став имаше и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој, исто така, смета дека Иванов е должен да го потпише овој закон, откако истиот е изгласан за втор пат во Собранието.

Сепак, Иванов нема да го потпише законот за јазиците, а без негов „амин“ , законот нема да се објави во „Службениот весник“, а со тоа нема ни да стапи во сила. За решавање на овој проблем има различни видувања во јавноста. Некои аргументи се дека законот може да стапи во сила само со потписот на Џафери, а според други аргументи дека треба да се побара толкување од Уставниот суд, од каде ќе се констатира уставноста на овој закон.

Од Владата се огласија дека овој закон, после усвојувањето, можно е да се прати до Венецијанската комисија, од каде забелешките би можеле да се вградат во законот, а исто мислење дели и премиерот Заев, кој смета дека Иванов треба да го потпише законот и со тоа да овозможи тој да заживее, а за него да се изјаснат Уставниот суд и Венецијанската комисија.  Одбивањето на претседателот Иванов да го потпише указот, според него, претставува „флагрантно кршење на Уставот и кукавичлук“.

Според методологијата на „Вистиномер“, усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во Парламентот, го сметаме како исполнето ветување од страна на ДУИ, бидејќи законот е изгласан, но, сепак, бидејќи тој не е потпишан и не е влезен во правна сила, крајната оценка е дека исполнувањето на ова ветување е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Дрилон Салиу

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција