Во тек е изградбата на училиштето во Капиштец
Наша цел е општина Центар да биде општина со најдобри училишта, и во смисла на просторни и работни услови и во смисла на квалитет на воспитно-образовниот процес. За таа цел, во претстојниот четиригодишен период ќе пристапиме кон изградба на ново основно училиште во Капиштец
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
„Изградба на ново основно училиште во Капиштец”, вети градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, во Изборната програма со која настапи на локалните избори во 2013 година ( страница 12). Училиштето почна да се гради пред три месеци (октомври 2016) и неговата реализацијата е во тек.
На 03.12.2015 Жерновски го најави проектот за изградба на основно училиште во населбата Капиштец. Тогаш беше соопштено дека на „последната седница на Советот на Општина Центар, сите советници гласаа за изградба на ново училиште за деца од шест до петнаесет годишна возраст, со капацатитет од 500 ученици“. Училиштето ќе се гради на локацијата која се наоѓа на улиците „Васил Ѓоргов“ и „Адам Мицкијевиќ“ и ќе се простира на 10.600 м2, со планирана површина за градба на објектот од 3142 метри квадратни.
Ја имаме таа чест да го објавиме почетокот на еден многу значаен проект, за нас како општина, а пред се за граѓаните на Капиштец. Ова е многу битен сегмент од нашата заложба како коалиција да водиме сметка за најмладите во општината. Морам да кажам дека изградбата на овој објект доби поддршка од сите советници на општина Центар, што посебно ме радува – (Жерновски)
Изградбата на училиштето почна на 06.10.2016 година, на поставувањето на камен – темелникот градоначалникот Жерновски изјави:
Денеска ја почнуваме изградбата на новото основно училиште „Капиштец“. Последното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар е изградено 1969 година, а последната градинка пред 41 година.
Во ова училиште секој ученик ќе има минимум ппростор од 5 квадратни метри, а во секоја паралелка ќе има од 25 – 28 ученици. Новото, современо училиште „Капиштец“ ќе биде едно од најубавите на Балканот, со капацитет од 500 ученици ( Жерновски)
На 18 јануари 2017 година Јордан Ристески, советник во Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на прес- конференција обвини дека градоначалникот, Жерновски „сè уште го нема реализирано ветувањето дадено пред граѓаните за изградба на училиште во Капиштец“.
Денеска се наоѓаме повторно пред проектот „Училиште во Капиштец“ на Андреј Жерновски. Дали гледате некаде училиште? Не, нормално не гледате. Не го гледате училиштето кое требаше да го направи мрзливиот Андреј Жерновски бидејќи не го изгради веќе 4 години
Тој вети дека ќе го направи училиштето уште во 1-вата година од својот мандат, а денес после 3 ипол години еве што има од училиштето. Само камен темелник, слики од мрзливиот Жерновски со лопати и гола пропаганда.
Да потсетиме дека целата документација и буџет и ДУП беа подготвени од претходниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Но нема, училиште сеуште.
На Андреј Жерновски поважни му се боемските улици од 1.2 милиони евра, тамбурашите и диџеите како Стив Аоки од стотици илјади евра.
Андреј Жерновски е пример за „дрво” од градоначалник. (Ристески)
На ваквите обвинувања на советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Ристески, истиот ден (18.01.2017) реагираше Општина Центар. Во реакцијата се оценува дека прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ се одржуваат за лично да се навредува градоначалникот Андреј Жерновски.
Бесцелно е веќе да им се одговара на лагите и навредите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ. На Ристески ќе му поставиме само едно прашање: Ако се било подготвено за ново училиште и нова градинка од страна на ВМРО-ДПМНЕ, зошто тие цели 13 годни не го изградија? (соопштение од Општина Центар)
На 23 јануари во емисијата „Фчерашни новости“ на телевизија Телма, Жерновски меѓу другото, рече дека училиштето се гради и во моментот се подигаат столбовите. Прашан: „Зошто нема абер од школото во Капиштец“, тој одговори:
Земјиштетето за да почнеме да градиме ни требаше година дена да ги молиме од Владата, на крај ни го дадоа. Сè е завршено што се однесуца до темелите, ги дигаме столбовите, така што многу бргу ќе го видиме училиштето излезено над земја и плочата готова. Можеби е нескромно, тоа училиште ќе биде најубаво на овој дел од Балканот, 47 години ние чекаме основно училиште во Центар (од 14,54 до 15, 20 минута од видеото)
* Забелешка
„Вистиномер“ во март 2015 година направи проверка на ова изборно ветување на Жерновски, во тоа време Општина Центар чекаше одговор од Владата на дописот во кој побара мислење и согласност за основање ново основно училиште во Капиштец.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на Андреј Жерновски (стр. 12) [Пристапено на 24.01.2017]
- Тајм.мк (03.12.2015):Ново училиште со современ архитектонски израз ќе се гради во Капиштец [Пристапено на 24.01.2017]
- Порта 3 (03.12.2015): Општина Центар ја најави изградбата на модерно основно училиште во Капиштец [Пристапено на 24.01.2017]
- Тајм.мк (06.10.2016): Почна изградбата на ново училиште во Центар [Пристапено на 24.01.2017]
- МКД.мк (06.10.2016): Почна изградбата на ново училиште во Центар [Пристапено на 24.01.2017]
- Тајм.мк (18.010.2017): Ристески: Центарци ги бараат проектите што им ги вети Жерновски [Пристапено на 24.01.2017]
- Нетпрес (18.01.2017): Ристески: И по 3 години од ветувањето, Жерновски не изгради училиште во Капиштец [Пристапено на 24.01.2017]
- 18.01.2017: Центар: Срамниот вокабулар на Ристески – резултат на страв, гнев и недостаток на домашно воспитување [Пристапено на 24.01.2017]
- Телма (23.01.2017): Фчерашни вести (Епизода 9) [Пристапено на 24.01.2017]
- Вистиномер (27.03.2015): Андреј Жерновски: Изградба на ново основно училиште во Капиштец [Пристапено на 24.01.2017]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар