Целосната реконструкцијата на Трета македонска бригада се најавува за октомври

Реконструкцијата на Трета македонска бригада, наместо 120 милиони ќе надмине 250 милиони денари. Фото: Вистиномер

 

Реконструкција и проширување на булеварот „3 Македонска бригада“, од крстосницата со бул. „ Србија“ до Тутунскиот комбинат. Дополнително, ќе се разгледа можноста на поврзување на оваа сообраќајница со булеварот „ Крушевска Република“. Со оваа изведба ќе се поврзе со бул. „ Кочо Рацин“. (Вредност на изведба: 120 мил денари. Рок: 2013-2015 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски пред три години во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ , ( во делот Урбанизам, булевари мостови, стр.56),  најави реконструкција и проширување на булеварот Трета македонска бригада , од крстосницата со булевар Србија до Тутунски комбинат, со рок на реализција 2013-2015 година.  Во Програмата, со која тој излезе на локалните избори во 2013 година,  за овој проект проект уште се вели дека: Дополнително, ќе се разгледа можноста на поврзување на оваа сообраќајница со булеварот „ Крушевска Република“. Со оваа изведба ќе се поврзе со бул. „ Кочо Рацин“Истиот проект го вети и градоначалникот на Општината Аеродром, Ивица Коневски,  во Изборната програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Аеродром“, (2013-2017)  во делот Транспорт и патна инфраструктура (стр. 55).

Изборните проекции за реализација на овој проект (2013-2015)  се пробиени, но со оглед на тоа што во моментот (02.06.2016) се работи на втората фаза од  реконструкцијата на оваа сообраќајница (потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев), а финализацијата на проектот се најавува за октомври оваа година (2016), ова изборно ветување го оценуваме „во тек“.

Од изјавите кои Трајановски ги даваше во изминатиот период, како и од наведеното во неговиот Отчет, може да се забележи дека реконструкцијата на целата сообраќаница – прва и втора фаза,  ќе чини над 250 милиони денари, или двојно повеќе од вредноста што е предвидена  во Изборната програма – 120 милиони денари. Односно, само за  првата фаза од реконструкција на улицата Трета македонска бригада ( од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз), од градската каса се потрошени 147,2 милиони денари, што е за 27 милиони денари повеќе од сумата предвидена за реконструкција на целата улица. Додека, за втората фаза се предвидува дека реконструкцијата за овој дел (од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев) Град Скопје ќе го чини околу 104 милиони денари.

На 11 октомври 2013 година започнаа градежните активности за проширување и реконструкција на првата делница од улицата Трета Македонска бригада што ја поврзува населбата Лисиче со центарот на Скопје. Како што беше тогаш соопштено, целосниот проект предвидува реализација на булеварски профил на сообраќајницата на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата со улицата Никола Карев, при што постоечкиот коловоз ќе се реконструира и ќе се изгради нов коловоз со две сообраќајни ленти, а помеѓу нив ќе се изведе средишно зеленило. Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски тогаш изјави:

Во првата фаза од градежните работи што ги почнуваме денеска, ќе се прошири делница од улицата Трета Македонска бригада – од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз. Со проширувањето на оваа прва делница долга 1.243 метри, улицата Трета Македонска бригада ќе добие четири коловозни ленти, по две во секоја насока и средишно зеленило со ширина од пет метри. Од двете страни на новоформираната сообраќајница ќе се изградат тротоари кои што ќе се покријат со бехатон плочки. Од левата страна тротоарот ќе биде широк 1,5 метри, а од десната страна ќе се оформи зелен појас, велосипедска патека и пешачка патека. (Трајановски)

Во оваа пригода беше кажано и дека градежните работи на оваа делница ќе се искористат за да се постави атмосферска канализација во должина од 1.300 метри со променлив профил, дека новата сообраќајница ќе ја осветлуваат 84 столба за улично осветлување со висина од по 10 метри, на кои ќе се постават 128 светилки,  дека  рокот за завршување на првата фаза изнесува девет месеци, како и тоа дека од градската каса за проширувањето на улицата Трета Македонска бригада ќе се издвојат 133 милиони денари.

Проширувањето на првата делница од оваа сообраќајница заврши во септември 2014 година, на официјалното пуштање во сообраќај (08.09.2014) присуствувааа експремиерот Никола Груевски и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Скопскиот градоначалник тогаш изјави:

По само 9 месеци интензивни градежни работи Градот Скопје доби уште важна сообраќајна артерија – модерен булевар со четири ленти, со уредени тротоари и велосипедски патеки, зеленило и ново осветлување, булевар што ќе овозможи побезбедно одвивање на сообраќајот од центарот на градот кон општината Аеродром и обратно, скратување на времето на патување и забрзан развој на овој дел од градот. Со овој проект, старата и нефункционална улица Трета македонска бригада која беше синоним за сообраќаен метеж, е проширена и реконструирана на потегот од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз, во должина од 1 243 метри. Со проширувањето, оваа сообраќајница доби 4 коловозни ленти, по две во секоја насока. Новоасфалтираната површина изнесува 22.500 квадратни метри, а од двете страни на новоформираната сообраќајница се изградени тротоари. За одведување на атмосферските води на булеварот Трета македонска бригада е поставена и атмосферска канализација. (Трајановски)

Градот Скопје за изградбата на оваа значајна делница потроши 133 милиони денари. Сакам да нагласам и дека новата сообраќајница ја осветлуваат 78 столба со висина од по 10 метри“, изјави градоначалникот Коце Трајановски. Заедно со издвоените финансиски средства за осветлување долж булеварот и за хортикултурно уредување на целиот простор, за првата фаза од реконструкцијата и проширувањето на булеварот Трета Македонска бригада се потрошени околу 147,2 милиони денари.(Трајановски)

treta maked. brigada

На 11 септември 2015 година почна втората фаза на градежните работи на проширувањето и реконструкцијата на улицата Трета македонска бригада, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев, делница долга 1.400 метри. Трајановски тогаш рече:

Градежните работи за проширување на улицата Трета македонска бригада, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев ќе се изведуваат по левата страна (гледано од Аеродром кон Центар). Со проширувањето, оваа тесна и нефункционална улица ќе добие 4 сообраќајни ленти (по две ленти во секоја насока), зелен појас од 1,5 метри, велосипедска патека покриена со асфалт и широка 2 метра и тротоар покриен со бекатон плочки со ширина од 3 метри. Ќе се изгради и средишна разделна жардиниера со ширина од 5 метри. Градежните работи за проширување на улицата Трета македонска бригада, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев, ќе се искористат за да се постави нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.400 метри и полипропиленски цевки. (Трајановски)

Тој додаде дека на булеварот ќе се постави ново осветлување со 81 столб за улично осветлување (73 столба од 10 метри и 8 столба од 12 метри) и светилки од 150 и 250 вати. За градежните работи, за дислокацијата на подземните инсталации и за осветлувањето на оваа новопроширена делница Градот Скопје ќе потроши околу  103,6 милиони денари.

На 21 април оваа година (2016) медиумите информираа дека градоначалниците Трајановски  и Коневски, извршија увид во втората фаза од градежните работи за проширување и реконструкција на сообраќајницата Трета македонска бригада.  Како што рече  тогаш Трајановски,  втората фаза која се изведува на потегот од крстосницата со улицата „Васко Карангелевски“ до улицата „Никола Карев“, во должина од 1.400 метри, се очекува да заврши во октомври.

За градежните работи, за дислокацијата на подземните инсталации и за осветлувањето на оваа новопроширена делница Градот Скопје ќе потроши околу 104 милиони денари. На проширување и реконструкција на улицата Трета македонска бригада, втора фаза, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев работат екипите на градежната компанија „Ескаватори ДОО“. Градежните работи се очекува да завршат оваа есен. Сакам да нагласам дека Градот Скопје во 2014 година го прошири и реконструира првиот дел од булеварот Трета македонска бригада, на потегот од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз, на делница долга 1.243 метри. За проширување, реконструкција и уредување на овој дел од улицата Трета македонска бригада – прва фаза – Градот Скопје вложи вкупно 147,2 милиони денари. (Трајановски)

Во Отчетот  на Трајановски за минатата година (стр.7), за овој проект е наведено:

Проширувањето и реконструкцијата на вториот дел од улицата Трета македонска бригада, во Аеродром, е во тек. Градежните работи се изведуваат на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев, на делница долга 1.400 метри.

Со проширувањето, оваа тесна и нефункционална улица ќе добие 4 сообраќајни ленти (по две ленти во секоја насока), зелен појас од 1,5 метри, велосипедска патека и тротоари. Ќе се изгради и средишна жардиниера со ширина од 5 метри.  Градежните работи ќе се искористат за да се постави нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.400 метри. На булеварот ќе се постави ново осветлување со 81 столб за улично осветлување. За градежните работи, за дислокацијата на подземните инсталации и за осветлувањето на оваа новопроширена делница Градот Скопје ќе потроши околу    104 милиони денари – вели градоначалникот Коце Трајановски.

Па, иако рокот за имплементација на роектот: „Реконструкција и проширување на булеварот Трета македонска бригада“- (2013-2015) ,  е изминат , имајќи предвид дека на оваа сообраќајница во моментот се изведуваат градежни активности и финишот  се најавува  за октомври (2016) ветувањето добива оценка „во тек“. Со забелешка дека  реализацијата на целиот проект ќе надмине 250 милиони денари, што е  двапати повеќе од сумата предвидена во изборните проекции.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска