Зошто и како (ќе се) се засилува хајката против Катица Јанева: ВО СТРАВОТ СЕ ГОЛЕМИ ОЧИТЕ

„Специјалниот јавен обвинител е дел од системот на јавното обвинителство. Тој е, во крајна линија, одговорен пред Собранието, односно пред граѓаните од кои и го влече својот суверенитет. Процедурално не е направено ништо што излегува надвор од можностите кои ги дава Законот за јавното обвинителство. (…) Сè што не е забрането со законот е дозволено, што значи и формирање на внатрешни структури со цел адресирање на актуелни специфични проблеми. Само еден затворен ум кој размислува во системот на социјализмот во кој, се што не е дозволено со закон е забането, може да види проблем во еден ваков институт“, вели проф. Мирјана Најчевска

 

Пишува: Александар Писарев

 

Иницијалната каписла што ја активираше државниот обвинител, Марко Зврлевски, против специјалната обвинителка Катица Јанева, прогласувајќи го нејзиниот избор за противзаконски, а специјалното обвинитество за политичко-партиска институција, беше доволна провладините медиуми да отворат баражен оган против неа и против институцијата на чие чело е избрана. Маргинализирани се сите аргументи дека таа е избрана во согласност и договор со сите политички партии кои учествуваа во долги и напорни разговори за почетокот на решавање на полтичката криза во земјата и дека нејзиниот избор и законот се донесени со мнозинство во Парламентот.

Масло на огнот е долеано и со иницијативата која ја поднел адвокатот Томе Тодоровски од Свети Николе пред Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за специјално обвинителство, која потоа беше повлечена. „Кантата за долевање масло“ е очигледно дополнета. И Тодор Петров со иницијатива до Уставниот суд.

Со тоа провладините медиуми имат зелено светло отворено да го оспоруват изборот на Катица Јанева и да го прогласуват за неуставен нејзиниот избор, а со тоа да стане неуставно и Специјалното обвинителство, кое треба да ја расчисти аферата со прислушувањето.

Така започна хајката против неа, која според интензитетот сè повеќе се засилува како се доближува 15 декември, датумот кога според нејзината изјава ќе почне да ги разгледува првите случаи од нејзината надлежност.

Парадоксално е што во првиот момент по нејзиниот избор дел од провладините медиуми не само што протоколарно ја пренесоа оваа вест за нејзиното именување, туку имаше и обиди за нејзино претставување во позитивно светло. Откако после нејзините први изјави дека со цела сериозност ке ги отвора случаите за кои е именувана, Зврлевски ја спушти првата клапа на филмот, кој треба да го оцрни нејзиниот избор, лик и делото, пред таа да почне со работа. И, уште погласно и панично хорски, повикувајќи се и на обвинителите предводени од него изјави дека изборот на Јанева е извршен противзаконски и противуставно и дека политичка творевина и затоа „правдата обвинителите ќе ја барале на највисоката судска инстанца.“ (Зврлевски: Специјалното обвинителство е политичко и паралелно“.)

 

ТЕКСТОВИ ПОД ИНДИГО

Работите во односот на пропагандата против Јанева се менуваат нагло кога специјалната обвинителка го престави планот за работа. Со оглед што е повеќе од јасно дека обвиненијата ќе бидат насочени кон некој од функционерите што се слушаат во „бомбите“ на опозицијата, тоа дефинитивно го вклучи алармот и беше јасен знак во кој правец треба да се движи пропагандната машинерија. Дополнително, се крева паника и се исфрлаат отровните стрели дека Јанева „првите обвиненија од нејзина страна ќе бидат објавени во периодот од 15 декември до 15 март“, период во пресрет на предвремените парламентарни избори. Тоа е алиби за напад со оглед што е повеќе од јасно дека обвиненијата ќе бидат насочени кон некој од функционерите што се слушаат во „бомбите“ на опозицијата. Иако оваа информација не е точна, бидејки Јанева во тој период само ќе ги разгледува првите случаи, тоа дефинитивно го вклучи алармот и беше јасен знак во кој правец треба да се движи пропагандната машинерија.

Текстовите кои потоа ќе уследат се работени под индиго и се креирани или диктирани од еден ист центар на политичка моќ. Дури и наднасловите и насловите им се идентични, а сите се повикуваат на некаква „ексклузивност“ со која го оспоруваат нејзиниот избор, а неа како личност ја дискредитираат заедно со институцијата која е формирана со посебен Закон усвоен во Парламентот со огромно мнозинство на гласови и од опозицијата и од владејачката партија.
Така, Република ќе објави:

Ексклузивно: Нов скандал во специјалното обвинителство: Mегаломанство и партизација кај Катица Јанева Уште не започнало со работа, а специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева веќе прераснува во епицентар на случувања со негативна карактеристика кои ја брануваат јавноста.

Истиот текст под индиго го објавуват и Нетпрес , Пресс24 , Република, Курир, Денешен, Канал5 , објаснувајќи дека се работи за:

Мега скандал составен од редица скандали! Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева полека, но, сигурно прераснува во епицентар на случувања со негативна карактеристика кои ја брануваат јавноста и кои оставаат темни дамки на оваа институција.

Курир покрај ексклузивност објавува против Катица Јанева и серија написи под заеднички наднаслов „Скандал“ и потенцира дека:

Заради сите овие причини во Јавното обвинителство, помеѓу обвинителите кои работат во истото точката на вриење е стигната на највисоко ниво. Деновиве речиси сите јавни обвинители имале жестоки реакции на овие самобендисани излети на специјалната обвинителка.

Oна што веќе станува карактеристично за овој тип пропагандни написи е што освен што се користат исти наднаслови, наслови и текстови, под нив нема потпис на авторот, што е уште една потврда дека се лиферувани од одреден центар за комуникации, а според нивната провениенција патоказот е свртен кон владејачката партија, бидејќи и без некое внимателно читање очигледно е дека ни во еден текст нема ни редакциска интервенција со која меѓу себе би се разликувале. Тоа јасно укажува дека се работи за „новинарски производ“ издиктиран од еден центар и дека медиумите, односно нивните уредници, што го објавуваат и преобјавуваат, не смеат да интервенираат во текстот. Според тоа, јасно е дека центарот кој ги праќа и ги нарачува овие текстови е блиску до Владата.

 

ЕКСПЕРТИ СИМНАТИ ОД ЈАЖЕ ЗА АЛИШТА

Како да биле наредени на јаже за сушење алишта, медиумите почнуват да ги симнуваат експертите еден по еден и да ги пренесуват нивните „референтни мислења“ кои ја тераат водата на воденицата на владата. Повторно во истите медиуми, блиски до владеачката партија, се објавуваат истите текстови, под исти наслови, без потпис на авторот и им се сервираат на читателите во форма на стручно мислење. (Латас: Специјално јавно обвинителство е неуставно).

Специјалното јавно обвинителство треба да биде сектор, оддел во рамките на Јавното обвинителство бидејќи излегува од уставот. Тоа е неуставно, вели уредникот на Сител Драган Павловиќ Латас.

Напаѓачите повеќе не се задоволуват само со домашни „експерти“, па пронаоѓат истомисленици, „експерти“ од соседството за кои никој никогаш не слушнал и тие ја застапуваат истата теза за противуставниот избор на Катица Јанева. Јулијана Кенинг, Општински тужител во Велика Горица во Хрватска, која од 1990 година не живее во Македонија, не е експеерт по уставно право, не е експерт ни по меѓународно право, отворено дели совети дека сме во „катастрофална ситуација бидејќи ни е погазен Уставот“ во опширно, учигледно нарачано интервју, таа од позиција на „експерт“ во интервјуто во Дневник вели:

Формирање на специјално јавно обвинителство како паралелно законско тело за кривичен прогон со Јавното обвинителство на Република Македонија, пред сè, е неуставно и е контрадикторно решение. Уставот не ја пропишува можност по потреба да се формира Специјално јавно обвинителство, па затоа треба да се утврди негова уставност.

 

Дневник 18.11.2015
Дневник 18.11.2015

 

ПРИТИСОК НА УСТАВЕН СУД

Хајката против Катица Јанева и специјалното обвинителство е очигледн притисок врз Уставниот суд да го прогласи специјалното обвинителство како неуставна институција или во најмала рака, таквото толкување постојано да ѝ виси над глава на Катица Јанева како Дамоклов меч.

Како и зошто одеднаш се појавува „експертка“ од Хрватска може да се открие преку онаа народна поговорка „карам те ќерко, сети се снао“. Да не сака можеби Јулијана Кениг да ѝ обрати внимание и на домашната експертска и друга јавност во Хрватска дека не би било полезно и во Хрватска некому случајно да му текне да покрене идеја или да направи специјално обвинителство. Таа е загрижена и вели:

Не е исклучена во потполност можност и во Хрватска да не се случи ваков правен парадокс па да интервентират меѓународните институции затоа што сите сме под нивен мониторинг.

Иако не е подлабоко запознаена со причините за политичката криза во земјата, како ни со причините поради кои меѓународната заедница морала да интервенира и да посредува во формирање на специјалното обвнителство и изборот на специјалната обвинителка, гостинката од подалечното соседство под иста диригентска палка го „брани “ уставниот поредок на Македонија, прогласувајќи го изборот на Јанева за неуставен и штетен за македонската држава и општество.

Професорот Љубомир Фрчковски смета дека со ширење на вакви стереотипи против Јанева власта и нејзините медиуми јасно ја обележуват како цел и на идните напади, кои веројатно ќе продолжат и во наредниот период. Ваков тип на експерти и коментатори-толкувачи на Законот за специјалното обвинителство и за ликот и делот на специјалната обвинителка во правната наука се идентификуваат како ad hominem, тие немаат сила на аргументи, доказите не им се логични и се директно насочени кон дисквалификација.

Едноставно преведено – тие велат „законот не е добар и изборот на Катица Јанева не е добар затоа што таа е малку полничка, а ние такви не сакаме“.

frckovski-crop-resizeИмаме ситуација тој што дава коментари и оценки да не е релевантен и квалификуван тоа да го прави од проста причина што не го знае типот на кризата во која се наоѓа државата и дека во центарот на кризата се институциите кои се корумпирани и самите тие во системот создаваат паралелни институиции за кои меѓународната заедница проценила дека морат да се заобиколат и тоа не е противуставно. Противуставно би било ако би наложиле да се укинат или забранат сите други институции. Тој тип на анонимуси експерти допрва ќе се појавуваат во весници кои се квалификувани како жолт печат, бидејки таков тип на медиуми и не може да претендира на пореферентни соговорници, така што тие едноставно меѓусебно се дополнуваат“ вели професорот Љубомир Фрчковски.

Проф. Мирјана Најчевска не смета дека нападите се насочени против Катица Јанева. Таа е сосема прифатлива за сите политички партии.

najcevska-crop-resizeМислам дека се насочени против идејата за специјален обвинител кој би гонел специјален криминал. Не смее да се дозволи отсуство на критика кога станува збор за неа. Меѓутоа, оспорувањето на потребата од постоење на специјален јавен обвинител и прогласување дека е неуставно, дефинитивно е продукт на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам негирањето да се зголеми со евентуалното започнување на случаи поврзани со конкретни луѓе (посебно доколку станува збор за високи функционери од актуелната власт). Меѓутоа, не смееме да го мешаме ова со критички анализи кои се пожелни и кои можат да спречат изигрување на институцијата или нејзина злоупотреба, вели Најчевска.

Најчевска вели дека Специјалниот јавен обвинител не е противуставен.

Тој е дел од еден политички компромис. Компромисот не се состои во тоа да се воспостави јавно обвинителство кое излегува надвор од системот, туку да не се разреши од должност актуелниот јавен обвинител и поголем дел од актуелните јавни обвинители. Имено, сите извештаи укажуваат на големи пореметувања на правосудниот систем, на корумпираност на јавното обвинителство, на злоупотреба на должноста и несоодветна примена на правото. Специјалниот јавен обвинител е дел од системот на јавното обвинителство. Тој е, во крајна линија, одговорен пред Собранието, односно пред граѓаните од кои и го влече својот суверенитет. Процедурално не е направено ништо што излегува надвор од можностите кои ги дава Законот за јавното обвинителство. Со него не е забрането формирање на спецификувани структури (што е веќе порано направено со формирањето на јавниот обвинител за следење на организираниот криминал). Сè што не е забрането со законот е дозволено, што значи и формирање на внатрешни структури со цел адресирање на актуелни специфични проблеми. Само еден затворен ум кој размислува во системот на социјализмот во кој, се што не е дозволено со закон е забането, може да види проблем во еден ваков институт. Во рамките на различни институции се прават task forces кога треба да се постапува во конкретна ситуација и тоа никој не го смета за противуставно, вели Најчевска.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *