Нема абер од спортско-рекреативниот центар во Пржино
Изградба на спортско-рекреативен центар на игралиштето Славија во населбата Пржино
Изградба на спортско-рекреативен центар на игралиштето Славија во населбата Пржино, каде ќе се одржуваат спортски натпревари, подготовки и рекреативни спортски активности. Проектот ќе се реализира со средства од буџетот на општината Кисела Вода. (Рок за реализација: декември 2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, во Програмата „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Кисела Вода!“ (стр.28), со која настапи на локалните избори во 2013 како кандидат на ВМРО – ДПМНЕ, вети „Изградба на спортско-рекреативен центар на игралиштето Славија во населбата Пржино“. Рокот на реализација на овој проект е декември 2015 година, но досега (12.06.2016) ваков спортски центар во населбата Пржино не е изграден, така што ова ветување не е исполнето.
На веб-страницата на Општина Кисела Вода, нема информации за „изградба на спортско-рекреативен центар на игралиштето Славија во населбата Пржино“.
Единствено, во постарите објави може да се најдат вести во кои се споменува и игралиштето „Славија“ во Пржино, како што е на пример, случај со информацијата од (18.05.2015)за поправка на оштетените реквизити на детските игралишта.
Дел од уништените детски реквизити беа поправени, дел заменети со целосно нови. Се работеше на игралиштата на улиците “Киро Фетак” и “Бранко Заревски” во населба Драчево, игралиштето на сред село во с. Драчево, во населбата Усје, игралиштето “Детски сон” во населба Пинтија, игралиштето “Славија” во населба Пржино, трите игралишта во парк “Македонија”, во 11 Октомври-Бараки, просторот за детска игра на улица “Кавалска”, детското игралиште во ОУ “Кузман Јосифовски- Питу”, поправени се и клупите и оградата на манастир Еремија, како и оградата на спортско игралиште на Теферич.
Беличанец не го споменува спортскиот центар ниту при нејзините теренски обиколки на оваа урбана заедница Општината (07.10.2015):
Во УЗ Пржино градоначалникот нагласи за извршената реконстуркција на пристапна патека на ул. Мегленска, крпење на ударни дупки на ул. Мариовска, ул. Зеленгора и ул. Банско, како и тековно одржување на детски игралишта, улично осветлување и урбана опрема.
Граѓаните беа информирани и за идните планови, за изградба на атмосферска канализација по улиците во населбата, изработка на партерно уредување на тротоари за ул. Милан Мијалковиќ, тековна санација крпење на ударни дупки, чистење депонии, како и тековно одржување на урбана опрема и улично осветлување.
Со пребарување по инетрнет не може да се најдат информации за некакви активности околу реализацијата на овој проект, освен стари вести од 2012 година – во времето кога градоначлник на Општина Кисела Вода беше Марјан Ѓорчев, а кој имаше и поабициозни планови на оваа локација да ја претвори во „национален спортски центар на Македонскиот олимписки комитет“. Ова тој го најави на 21.09.2012 кога свечено ги предаде во употреба реконструираното повеќенаменско спортско игралиште за фудбал и кошарка и новоизграденото детско игралиште во состав на фудбалското игралиште „Славија”.
Јас мислам дека ова катче во иднина треба да прерасне во еден голем спортски центар, тука имаме можности за хотел имаме можности за базен, и може да биде дури и национален центар на Македонскиот олимписки комитет. Тоа го понудивме на МОК, одговор чекаме од нив, од директорот Владимир Богоевски, од инвеститори. А дотогаш дечињата од ова училиште и дечињата од Пржино ќе можат да го користат. (Ѓорчев)
На игралиштето Славија во Пржино нема активности кои укажуваат на тоа дека се работи на изградбата на ветениот спортско-рекреативен центар. Со оглед на сето ова, може да се констатира дека ова изборното ветување на градоначалничката Билјана Беличанец – Алексиќ е неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ и Билјана Беличанец Алексиќ (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Кисела Вода! (Спорт и млади, стр. 28) [Пристапено: 12.06.2016]
- Веб – страница на Општина Кисела Вода [Пристапено: 12.06.2016]
- Веб – страница на Општина Кисела Вода (18.05.2015): Поправени детските игралишта во општина Кисела Вода
[Пристапено: 12.06.2016] - Веб – страница на Општина Кисела Вода (07.10.2015): Градоначалникот Беличанец – Алексиќ во посета на Припор и Пржино [Пристапено: 12.06.2016]
- Веб – страница на Општина Кисела Вода (21.09.2012):Ѓорчев:„Сакаме игралиштето „Славија“ да го претвориме во Национален спортски центар“ [Пристапено: 12.06.2016]
- Вечер (21.09.2012): Игралиштето Славијаа прераснува во спортски центар [Пристапено: 12.06.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар