5Г технологијата не е оружје за масовно убивање

Фото: pixabay.com

Научната јавност е категорична  дека 5Г технологијата ќе се користи за подобрување на комуникацијата во воените комуникации, но не како оружје за масовно убивање. Експертите  велат дека е бесмислено да се шират застрашувачки гласини дека 5Г се користи како оружје од војската. Целиот електромагнетен спектар може да се подели на два вида на зрачење: јонизирачко зрачење, кое убива луѓе и нејонизирачко зрачење, кое не го прави тоа. Технологијата на мобилната мрежа 5Г се пренесува преку нејонизирачки радиобранови

Научната јавност е категорична  дека 5Г технологијата ќе се користи за подобрување на комуникацијата во воените комуникации, но не како оружје за масовно убивање. Експертите велат дека е бесмислено да се шират застрашувачки гласини дека 5Г се користи како оружје од војската. Целиот електромагнетен спектар може да се подели на два вида на зрачење: јонизирачко зрачење, кое убива луѓе и нејонизирачко зрачење, кое не го прави тоа. Технологијата на мобилната мрежа 5Г се пренесува преку нејонизирачки радиобранови

 

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук кој се тврди дека 5 Г е оружје за масовно уништување.

Во објавата стои:

Е сега на оваа физичарка знаеш ли колку среднисти од Македонија ќе и противречат.

А, во рамките на постот се споделува три години стар текст со наслов:

АМЕРИКАНСКА ФИЗИЧАРКА: 5Г Е ОРУЖЈЕ ЗА МАСОВНО УНИШТУВАЊЕ.

Ова е дезинформација.

Во текстот кој е објавен на 15 март 2020 година стои:

Физичарот д-р Кетрин Хортон смета дека не само што 5Г е токсичен за вашето здравје, туку е и високо-технолошко оружје за масовно уништување што може да се искористи за убивање на непожелни дисиденти без да остави трага.

 

Системот 5Г најдобро е да се замисли како влада, или онаа сива група која ја превзеде власта, заземајќи го секој град на планетата и секое село, па дури и најмалото место, па дури и шумата, каде мислите дека нема ништо, поставувајќи скриени митралези што ве следат вас и вашето семејство, насочени токму кон вас – Д-р Кетрин Хортон

Впрочем, оваа теорија на заговор беше доста актуелна пред три години. Дури се одеше и дотаму дека преку 5Г се пренесува вирусот ковид-19. Популарните верувања и теории на заговор дека безжичните комуникации претставуваат закана веќе долго време постојат.

Дека 5Г технологијата не е оружје за масовно уништување пишуваше Mobile century пренесувајќи ги текстовите на повеќе медиуми кои работат на проверка на факти.

5Г технологијата ќе се користи за подобрување на комуникацијата во воените комуникации, но не како оружје за масовно убивање, вели науката.

Воените стратегии се потпираат на сигурни, безбедни, брзи комуникации и 5G технологијата ќе овозможи далечинскa и сигурна поврзаност, намалување на латентноста, да бидат енергетски ефикасни и да имаат широк опсег. Сето ова ќе овозможи реално пренесување на ситуацијата, што веројатно ќе ги намали жртвите во воената зона. 5G исто така ќе го подобри споделувањето на информации во рамките на различните борбени групи, со безбедно и сигурно споделување видео со помош на камери и споделување локација, беше истакнато на Третата меѓународна конференција за компјутери и мрежни комуникации (CoCoNet’19) на тема 5G за воени комуникации.

Д-р Мишел Дикинсон – инженер по иновативни и влијателни STEM интеракции вели бесмислено е да се шират застрашувачки гласини дека 5G се користи како оружје од војската и дека планот на владите е преку инсталирање 5G да не нападнат сите нас.

 

Навистина, некои воени оружја користат нешто познато како активен систем за одбивање, кој користи високо енергетски милиметарски бранови, но тие се насочени бранови, многу различни од широко појасните бранови што би ги користела антената за мобилни комуникации. Брановите не се смртоносни и се користат како невидлива заштитна ограда, за да го направат тоа треба да работат на фреквенција од 95 GHz, што е многу повисока од горната фреквенција што ќе ја користи 5G. Тие, исто така, работат со над 30 киловати, додека малите базни станици со помала моќност 5G генерално даваат 2-10 вати, пишува д-р Мишел Дикинсон на Линкедин.

Безжичната мрежа од петтата генерација (5Г) е најновата итерација на мобилната технологија, изградена за значително да ја зголеми брзината и одзивноста на безжичните мрежи.

Така да сумираме, да, 5Г технологијата може да се користи како оружје, но не од 5Г мобилните антени, тие едноставно не можат да произведат моќ или фреквенција за да го направат тоа. Инциденцата на тумори на мозокот се намалува, додека употребата на мобилни телефони драстично се зголемува, па веројатноста е дека телефонот не ви штети на мозокот. Да, зрачењето е опасно, но тоа е јонизирачко зрачење како она што се произведува во рендгенските зраци, а не нејонизирачко зрачење што го користи вашиот мобилен телефон, додава Дикинсон.

Митови и вистина за 5Г технологијата

Има повеќе митови и дезинформации за 5Г мрежата кои досега се разоткриени.

Дали 5Г може да користи како оружје?

Има многу работи што 5G технологијата може или не може да ги овозможи на среден до долг рок. Како што вели Мавракис од ABI Research:

И покрај сите приказни за автомобили без возачи кои ќе го носат поголемиот дел од нивните компјутери, тие воопшто немаат многу врска со 5G, вистинските предности на 5G се во идеите што допрва треба да се размислат.

Но, користењето на 5G како оружје?

Лесно е да се разбере од каде потекнува идејата, бидејќи 5G користи суб-милиметарски и милиметарски бранови, а исто така и прототип на уред од американската војска што се користи за контрола на толпата.

5Г мрежата не може да се користи како оружје. Навистина мислам дека нема ништо во тоа. Ова е далеку од тоа да кажеме дека 5Г може да се користи како оружје. Освен ако не го фрлате телефонот кон некого, вели Мавракис и  додава

Со секоја нова технологија има многу нови грижи за влијанието и употребата на електромагнетното зрачење кај некои луѓе, како што беше и со 4Г.

Дали 5Г предизвикува рак?

Со еден збор, не – 5Г не предизвикува рак, ниту пак, доведува до тумори на мозокот.

Целиот електромагнетен спектар може да се подели на два вида на зрачење: јонизирачко зрачење, кое убива луѓе и нејонизирачко зрачење, кое не го прави тоа. Технологијата на мобилната мрежа 5Г се пренесува преку нејонизирачки радиобранови.

Секој опсег на фреквенции што се користи за мобилна комуникација е во нејонизирачкиот дел од електромагнетниот спектар, вклучувајќи ги фреквенциите од 28 гигахерци (GHz) и 39 GHz што се сметаат за 5Г милиметарски бран, со екстремно мала бранова должина.

Технологијата 5Г спаѓа во тековните упатства за изложеност на Федералната комисија за комуникации (FCC), кои наведуваат дека луѓето можат да бидат изложени на зрачење помеѓу 300 килохерци и 100 GHz. Во моментов, 5Г го опфаќа опсегот помеѓу 25.250 GHz и помалку од 100 GHz.

 

Дали кулите 5Г ќе убиваат птици?

Не, мобилната  мрежа 5Г не убива птици. Емисиите на радиобранови од антените за пренос на радио – вклучувајќи ги и столбовите за мобилни телефони – над 10 мегахерци, не е познато дека им штетат на птиците.

Овој мит беше воведен од 5Г теоретичар на заговор кој тврдеше дека тестот на 5Г антената предизвикал умирање на јато птици.

Иако истражувачите теоретизираа дека клеточните фреквенции можат да влијаат на тоа како се движат птиците преселници, тие забележаа дека тоа не е до штетен степен. До денес, истражувачите не откриле никакви директни докази дека 5Г има какви било штетни ефекти врз птиците.

Мобилните мрежи добиваат надградба со доаѓањето на технологијата на петтата генерација или „5Г“. Како и со претходните генерации, потрошувачите може да очекуваат нови апликации и подобрени кориснички искуства.

Надвор од мобилните телефони, големиот напредок во поврзувањето овозможен преку 5Г ќе овозможи користење од телемедицина до помагање на заедниците да управуваат со локалните ресурси, како што се сообраќајните сигнали и снабдувањето со вода. 5Г ќе поддржува сè поголем број поврзани уреди кои се очекува да го подобрат квалитетот и ефикасноста на сите видови производи и услуги што ги уживаат потрошувачите денес, стои на официјалната страница на Федерална комисија за комуникации.

На прашањето дали 5Г мрежата може да биде оружје, одговорот на експертите е не.

Само во САД има стотици илјади телекомуникациски антени. Ако некој сака да направи нешто лошо, имал 30+ години да го направи тоа. 5Г е само мобилна мрежа. Користи различни фреквенции и различна модулација и кодирање. Но, тоа е само радиосигнал, вели Дејвид Фред комуникациски инженер.

Секоја нова комуникациска технологија може да се користи во воен контекст. На крајот на краиштата, основната технологија за пристап до медиумите за 3Г првично беше развиена за воена употреба. Во 4Г, карактеристиките на масовна комуникација од типот машина, ултрасигурна и ниска латентна врска, прецизно позиционирање би имало смисла за воените корисници. Но, тоа не значи дека 5G се претвора во оружје, вели Курт Бенке истражувач и физичар.

Вистиномер неколкупати пишуваше дека нема докази дека 5Г мрежите имаат влијание врз имунолошкиот систем и дека не е опасна по здравјето на луѓето. 5Г мрежите на мобилните провајдери, кои ветуваат побрзи врски, долго време се мета на скептиците и теоретичарите на заговори кои велат дека овие мрежи имаат негативни здравствени ефекти.

Во телекомуникациите 5Г е петта генерација на мобилна мрежа. Таа користи радио бранови со висока фреквенција и поблиску дистрибуирани безжични пристапни точки за да создаде побрзи и посигурни интернет конекции. Радиобрановите се форма на електромагнетно зрачење. Експерти во изјава за Ју-ес-еј Тудеј велат дека терминот опишува неколку различни видови на енергија на електромагнетниот спектар.

Од биолошка гледна точка, најважната разлика во типовите на EMR се јавува кога енергијата ќе го достигне ултравиолетовиот регион на спектарот и пошироко. Во овој дел од спектарот – ултравиолетовите и повисоките енергии – EMR има доволно енергија да ги одвои електроните од атомите, вели за Ју-ес-еј Тудеј Џеролд Бушберг, виш потпретседател на Националниот совет за заштита од радијација и мерења.

Д-р Марвин Зискин, почесен професор по радиологија и медицинска физика на Медицинскиот факултет на Универзитетот Темпл вели дека:

Тврдењето дека ЕМФ зрачењето од 5Г има и ќе има огромно влијание врз вашиот имунолошки систем е неточно и без никакво научно оправдување.

Светската здравствена организација, на својата веб-страница вели дека „ниту еден негативен ефект врз здравјето не бил каузално поврзан со изложеноста на безжични технологии“.

До денес, и по многу извршени истражувања, ниту еден негативен ефект врз здравјето не е каузално поврзан со изложеноста на безжични технологии. Заклучоците поврзани со здравјето се изведени од студиите извршени низ целиот радиоспектар, но досега се направени само неколку студии на фреквенциите што треба да се користат од 5Г, пишува СЗО.

И Австралиската агенција за заштита од радијација и нуклеарна безбедност вели дека „нема утврден доказ дека изложеноста на ниско ниво на радио бранови од 5Г влијае на имунолошкиот систем“.

Не постојат утврдени докази дека ниското ниво на изложеност на радиобранови од 5Г и други безжични телекомуникации може да влијае на имунолошкиот систем или да предизвика други долгорочни или краткорочни здравствени ефекти, пишува Австралиската агенција за заштита од радијација и нуклеарна безбедност.

И Европскиот парламент има објавено целосна студија за влијанието на 5Г технологијата врз здравјето на луѓето и животната средина.

Нема никакви докази дека безжичните комуникации – без разлика дали се 5Г или претходните верзии – му штетат на имунолошкиот систем, смета Миртил Симко, научен директор на SciProof International во Шведска, кој поминал децении истражувајќи го ова прашање.

Во април 2020 година директорот на АЕК Димитријоски за МИА изјави дека 5Г мрежата нема штетно влијание.

Изминативе години често се споделуваат невистини за 5Г мрежата и незјиното штетно влијание на луѓето.

Против 5Г технологијата во земјава имаше и протест во јуни 2020 при што беа изнесени конспиративни лаги и дезинформации за кои веќе пишуваше Вистиномер.

Имајќи го предвид изнесените факти  можеме да кажеме дека 5Г технологијата не е оружје за масовно убивање, ниту има штетно влијание врз здравјето на луѓето.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција