Студентскиот оброк не е „примање од државата“ ниту се однесува за „сите млади“

Фото: pixabay.com

Ова е уште еден сензационалистички „кликбејт“ наслов, кој дезинформира  дека сите млади лица  може да аплицираат за месечни примања од државата. А, всушност, МОН информира дека до 31 декември сите редовни студенти запишани на државните и приватните универзитети можат да аплицираат за субвенциониран студентски оброк.  Што значи, станува збор за субвенција, односно државна помош, а не месечно примање

Ова е уште еден сензационалистички „кликбејт“ наслов, кој дезинформира  дека сите млади лица  може да аплицираат за месечни примања од државата. А, всушност, МОН информира дека до 31 декември сите редовни студенти запишани на државните и приватните универзитети можат да аплицираат за субвенциониран студентски оброк.  Што значи, станува збор за субвенција, односно државна помош, а не месечно примање

 

Три дезинформации во еден наслов споделен на Фејсбук, со кој, всушност, од збор до збор се пренесува соопштение од Министерството за образование и наука (МОН) за јавен повик за аплицирање за студентски оброк.

Добијте Месечни Примања Од Државата: Сите Млади Можат Да Аплицираат – Еве Ги Деталите

Ова е насловот на текстот во којшто МОН информира дека до 31 декември сите редовни студенти запишани на државните и приватните универзитети можат да аплицираат за субвенции од 120 денари за студентски оброк.

Насловот етипчен кликбејт“ наслов, кој дезинформира со што сака да ги наведе корисниците на социјалните мрежи да го кликнат. По отворањето на текстот читателите добиваат содржина несоодветна со насловот.

Прво, субвенционираниот студентски оброк не е месечно примање од државата, како што стои во насловот. Станува збор за субвенција, односно државна помош, а не месечно примање. Оваа форма на парична помош за студентите од државата е регулирана со Законот за субвенциониран студентски оброк , донесен од Собранието на 5 февруари 2020 година. Во Член 8 од овој Закон пишува:

Субвенционирањето на студентскиот оброк се врши од средствата од Буџетот на Република Северна Македонија кои се користат само за таа намена.

Законот го овластува министерот да ги пропише формата и содржината на пријавата, како и начинот и условите во постапката за пријавување за корисници на субвенциониран студентски оброк. Во оваа функција е соопштението издадено од МОН, со кое се повикуваат студентите да се пријават, со објаснување дека се однесува на редовни студенти, кои досега не успеале да се пријават за субвенцијата.

Месечен надоместок е примање што се добива по основа на работен однос, вклучувајќи го и доходот по договор за повремено или привремено вршење услуги на органите на државната управа, на домашните и странските правни лица, како и на домашните и странските физички лица кои вршат самостојна дејност, за што се плаќа данок од доход на државата (Закон за данокот на личен доход).

Месечен надоместок е и редовно примање во текот на целата календарска годиниа, што не е случај со субвенционираниот студентски оброк, што втората дезинформација. Студентите субвенцијата ја добиваат за период од 9 месеци, додека трае студиската година. Законот пропишува дека ова право не се остварува „од 1 јули до 14 септември во годината во која студентот се стекнал со правото на субвенционирање на студентски оброк, како и за време на државни, верски празници и неработни денови“ (Член 5, Закон за субвенциониран студентски оброк).

И третата дезинформација од насловот е дека „сите млади може да аплицираат“, што е неточно.

Корисници на субвенциониран студентски оброк се само редовните студенти на додипломските студии на државните и приватните универзитети, државјани на Република Северна Македонија, како што пропишал Законот.

Како што понатаму е објаснето и во соопштението на МОН, со субвенционираниот студентски оброк редовните студенти за време на студирањето „добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци“.

Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата, пишува во соопштението.

Како што објавува Миинстерството, ова право на субвенциониран студентски оброк досега го оствариле 27.319 студенти, на кои редовно им се префрлаат средства на личните трансакциски сметки.

Според тоа, ова е уште еден сензационалистички „кликбејт“ наслов, кој дезинформира, а медиумот не успеал точно да пренесе обично известување од владина институција.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција