Фалсификувањето на сертификатите за вакцинација, феномен присутен и во РСМ

ЕУ дигитален сертификат. Фото: EУ/веб

Со воведувањето на мерката со која сите граѓани кои сакаат да влезат во затворени објекти се обврзани да покажат сертификат за вакцинација, се појавија и лица кои создаваат лажни сертификати. Неодамна грчката телевизија откри скандал со дистрибуција на лажни сертификати во казино во Дојран. Во меѓувреме, МВР привело 8 лица со фалсификувани сертификати за вакцинација, а со вакви фалсификувани сертификати во територијата на РСМ се обиделе да влезат вкупно 16 лица. Зошто се случува ова и како може да се спречи, за Порталб.мк ни одговори основачот на „ЛакиМедиа“, Локман Муслиу

 

Брзото ширење на коронавирусот пред извесно време ги „принуди“ државите да воведат рестриктивни мерки против невакцинираните лица, со што се презентираше и идејата за Дигитални Ковид-19 сертификати, меѓутоа не одеше се според планот.

Полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција и од СВР Струмица и Гевгелија, на 5 јануари по судска наредба извршиле рации на повеќе локации поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела и тоа фалсификување и дистрибуција на лажни сертификати за вакцинација во некои казина во Дојран.

Грчките медиуми објавија сторија во која се тврди дека казино во близина на граничниот премин со Грција на посетителите им дава лажни негативни тестови за да можат да се вратат во Грција.

Иако им се обративме со одредени прашања, од Пазарниот инспекторат не ни одговорија за точниот број на лица кои се фатени со лажни сертификати за вакцинација.

Но, од МВР за Порталб.мк потврдија дека до 17 јануари во Тетово, Битола и Скопје биле приведени 8 лица со фалсификувани сертификати за вакцинација. Освен тоа, изречени се 16 казни за лицата кои со фалсификувани сертификати се обиделе да влезат во Северна Македонија преку два гранични премини.

Зошто се случува ова и како може да се спречи?

Локман Муслиу, основач на „ЛакиМедиа“ и воедно дипломиран експерт по компјутерски науки, нагласи дека процесот на фалсификување на сертификатите за вакцинација е многу лесен поради недостигот на механизам за проверка на нивната автентичност.

Локман Муслиу – сопственик на Лакимедија. Фото: Порталб.мк

„Фалсификувањето на сертификатите за вакцинација е многу лесен процес. Попрво би рекол дека тоа се случува затоа што лицето кое го прави тестот не може да докаже дали е автентичен или фалсификуван сертификат за вакцинација. Забележав дека во неколку случаи за проверка на сертификатот се употребени различни слики од екранот или линкови кои ве испраќаат на веб-страници кои изгледаат исто како онаа на Министерството за здравство, а кои всушност се копии“, изјави Локман Муслиу за Порталб.мк.

Сепак, според Муслиу, решение има и тоа многу едноставно. Тој предлага Министерството за здравство да создаде посебна апликација која ќе им овозможи на вработените во гастрономските објекти да вршат скенирање на сертификатите за вакцинација пред да ги послужат своите гости.

„Мислам дека овој проблем може да се реши многу лесно. Министерството за здравство мора да креира една апликација која ќе им овозможи на гастрономските објекти да вршат скенирање на сертификатите за вакцинација, при што лицето кое го врши скенирањето ќе мора да има пристап во оваа апликација. Скенирањето веднаш покажува дали сертификатот за вакцинација е автентичен или е фалсификуван. Што се однесува на имплементацијата тоа оди многу едноставно, бидејќи податоците веќе постојат“, рече Муслиу.

Тој додаде дека најдобриот модел што треба да се копира е оној на Европската Унија, поточно целосно повлекување на сегашниот внатрешен систем за сертификати и негова замена со нешто слично на “CommonPass”.

Еден друг начин за спречување на оваа појава е воведувањето на европски системи, како што е „Сommonpas“ и целосно повлекување на внатрешниот систем на сертификати кој  постои во моментов. Колку што знам, „Сommonpas“ автоматски ја проверува автентичноста, а исто така и датумот на истекување на вакцините“, додаде Локман Муслиу од „ЛакиМедиа“.

Дигиталниот сертификат на ЕУ за Ковид-19 е дигитален доказ дека едно лице:

  • е целосно е вакцинирано против Ковид-19
  • ја прележало болеста Ковид-19
  • има негативен резултат од тестот за Ковид-19

До сега, 33 земји (и територии) кои не се членки на ЕУ се приклучија на системот за дигитални сертификати на ЕУ за Ковид-19. Со исклучок на Косово и Босна и Херцеговина, сите балкански земји се поврзани со системот на ЕУ за издавање на дигитални сертификати за Ковид-19. Овој сертификат се издава во дигитална форма, но може и да се испечати. Мора да има QR-код, да се дава бесплатно од здравствените власти, мора да биде на националниот јазик и на англиски јазик и да важи во било која земја членка на ЕУ.

Инаку, фалсификувањето на документите за вакцинација против коронавирусот стана глобален проблем, на пример и за безбедносните власти во Германија, но овој проблем е доста запоставен од политиката. Шефот на службата за борба против криминалот (БДК), Себастијан Фидлер, за весникот „Ханделсблат“ изјавил: „Проблемот веќе постои и ќе остане актуелен уште долго време, бидејќи со целосна вакцинација се ослободувате од ограничувањата на основните права или пак, во иднина ќе имате можност за слободно движење“. Затоа, лицата кои одбиваат вакцинација ќе бидат заинтересирани да го имаат овој документ за да го избегнат карантинот.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција