Со лажна фотографија се промовира мешавина од јаткасти плодови како „лек“ за забременување

Фото: pixabay.com

Со фотографија објавена во 2014 година на „Еј Би Си Њуз“ од извесна Триана Лавеј, во оваа објава на Фејсбук е претставена наводната битолчанка Ивана. Исто така, во постот недокажана мешавина од јаткасти плодови се препорачува како лек. Ова може да им даде лажна надеж за забременување на жените кои не можат да имаат деца поради поинакви потешкотии со репродуктивното здравје, неповрзани со исхраната

Со фотографија објавена во 2014 година на „Еј Би Си Њуз“ од извесна Триана Лавеј, во оваа објава на Фејсбук е претставена наводната битолчанка Ивана. Исто така, во постот недокажана мешавина од јаткасти плодови се препорачува како лек. Ова може да им даде лажна надеж за забременување на жените кои не можат да имаат деца поради поинакви потешкотии со репродуктивното здравје, неповрзани со исхраната

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се промовира „магичен лек за неплодност“. Во текстот е претставена приказна на наводна битолчанка Ивана, мажена во Германија која не можела да има деца, сè додека мајка ѝ не ѝ го кажала „магичниот лек“.

Првиот показател дека приказната е измислена е фактот што фотографијата која е претставена во склоп на текстот, не е од Ивана од Битола. Фотографијата е објавена во 2014 година на „Еј Би Си Њуз“ во текст за трендот на фотографирање селфи фотографии и програмите за разубавување на истите фотографии, како и за тоа дека некои девојки почнуваат да прават пластични операции со цел нивните селфија да бидат поубави.

Од прилогот објавен на „Еј Би Си Њуз“, се гледа дека на сликата е претставена Триана Лавеј, девојка која се одлучила за пластична операција. Во постот што го рецензираме таа е претставена како да е од Македонија, со цел содржината на написот да се доближи поблиску до читателската публика и да се направи  поприемна за истата.

Понатаму, во текстот кој го рецензираме, се претставува наводен магичен лек за забременување кој се состои од: 500 грама мед, 50 грама ореви, 50 грама бадеми, 50 грама несолени кикирики и 50 грама лешници, 50 грама кокосово брашно, 50 грама семки, 50 грама семки од тиква несолени, 50 грама суво грозје и по 50 грама суви сливи и суви кајсии.

Научниците на Харвард имаат објавено рецензија од минати научни трудови кои испитувале како храната влијае на плодноста. За жените кои природно се обидуваат да забременат без ин витро постапка, според научниците на Харвард, важни се фолната киселина, витаминот Б12, омега 3 масните киселини и здравите режими на исхрана како медитеранската, на пример.

Од друга страна, антиоксидансите, витаминот Д, млечните производи, сојата, кафеинот и алкохолот според оваа рецензија немаат позитивен ефект на плодноста. Транс мастите и нездравите диети богати со процесирано и црвено месо, компири, слатки и засладени пијалаци, исто така било пронајдено дека имаат негативни ефекти.

Да, здравата храна е добра идеја за мажите и жените кои сакаат да добијат дете. Екстра фолна киселина, Б12 витамин, омега 3 киселини може да се од помош за жените, но здравиот начин на исхрана е веќе препорачан на сите луѓе, а пренаталниот витамин како фолна киселина е веќе препорачан на жените кои се обидуваат да забременат. Фолната киселина долго време е познато дека спречува развој на невролошки проблеми кај фетусот, пишуваат истражувачите на Харвард.

Оттаму додаваат дека сите жени што сакаат да забременат треба да се на здрава исхрана не прецизирајќи ги состојките кои се наведени во постот кој го рецензираме. Дури ни научниците на Харвард не се осмелуваат да ја претстават храната како лек, за разлика од неодговорниот и бомбастичен, сензационален рецепт во текстот, според кој, мешавина од ореви, бадеми и слично претставува „лек“.

Многу лекари, според Харвард, препорачуваат жени во репродуктивна возраст да примаат пренатален витамин секој ден.

Жените кои планираат забременување треба да го примаат барем еден месец пред да почнат да се обидуваат да забременат. Докторите, исто така, препорачуваат за да се максимизираат шансите за забременување да се одржува здрава телесна тежина пред забременувањето. Обесните жени имаат повисок ризик од компликации. Преголемо количество на витамин А може да е лошо за развојот на фетусот. Некои лекарства се штетни за фетусот и треба да се прекинат пред да се планира бременоста. И немојте да се храните нездраво и да одбегнувате суплементи како витамини или омега 3  како форма на заштита. Нездравата исхрана, избегнувањето на суплементи и фолна киселина, не е форма на контрацепција, пишува Харвард.

Британската асоцијација на диететичари, има објавено информација во 2021 година во која се вели дека моменталната литература не е конклузивна дали постои врска меѓу внесот на масти и плодноста и затоа треба да се биде внимателен кога се сугерира промена во исхраната кај тие што сакаат да забременат.

Секој партнер игра еднаква улога во зачнувањето и плодноста и машката неплодност е во игра во една третина од случаите. Важно е затоа, двајцата партнери да ја оптимизираат исхраната. Исто така, треба да се стави фокус на тежината и начинот на кој се готви храната. Тие што планираат принова треба да јадат балансирана, разновидна храна и да се свесни дека животниот стил на двајцата партнери е важен. Како диететичари треба да ги охрабруваме жените да бидат свесни за големината на порциите како и да ги заменат лошите масти со маслиново масло, маслинки, авокадо. Сумирано, тие што работат со лица кои сакаат да имаат дете, треба да охрабрат исхрана богата со целосни јаглехидрати, овошје и зеленчук повеќе протеини од растително наместо од животинско потекло како и јод, цинк, антиоксиданти и фолна киселина, пишуваат од Британската асоцијација на диететичари.

Стручната јавност не го промовира „лекот“ претставен во постот што го рецензираме. Исхраната, исто така, не е гарант за забременувањето, но е поддршка во процесот. Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во постот со лажна фотографија е претставена наводната битолчанка Ивана. Исто така, во постот недокажана мешавина од јаткасти плодови е претставена како лек. Ова може да даде лажна надеж за забременување на жените кои не можат да имаат деца поради поинакви потешкотии со репродуктивното здравје неповрзани со исхраната.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција