Постот паушално тврди дека после вакцината се случува епидемија на мозочни удари

Објавата се повикува на текст којшто информира дека во земјава лани биле пријавени 25 илјади случаи на мозочен удар. Но, никаде во написот не се споменува вакцинацијата против ковид-19 како причинител на мозочните удари, тоа е сосема произволна, неаргументирана и непоткрепена констатација на авторот на постот

Објавата се повикува на текст којшто информира дека во земјава лани биле пријавени 25 илјади случаи на мозочен удар. Но, никаде во написот не се споменува вакцинацијата против ковид-19 како причинител на мозочните удари, тоа е сосема произволна, неаргументирана и непоткрепена констатација на авторот на постот

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека во Македонија има епидемија на мозочни удари после ковид вакцините. Потоа се споделува напис од портал во кој пишува дека „во Македонија има епидемија на мозочни удари, најмладиот пациент имал само 14 години“. Кога ќе се прочита докрај написот, се доаѓа до информацијата дека изворот на текстот е Сител телевизија. А, кога ќе се пристапи до содржината од Сител, која може да ја погледнете на овој линк, се доаѓа до фактот дека во новинарскиот прилог се информира за мозочни удари во Македонија, но не во контекст дека тие се случуваат после вакцинацијата против ковид-19, туку генерално.

Прилогот на Сител е објавен на 21 октомври 2022 година и во него се вели дека во земјава лани биле пријавени 25 илјади случаи на мозочен удар. Потоа се информира јавноста дека лекарите предупредуваат дека се намалува возрасната граница, а најмладиот пацинет имал 14 години. Во прилогот на Сител се споменува дека најтешко поминуваат лицата кај кои ковид вирусот ќе предизвика мозочен удар и ова е поткрепено со изјава од професор доктор Анита Арсовска од Клиниката за неврологија која за телевизијата изјавила дека самиот ковид остава долготрајни компликации и последици меѓу кои се наоѓаат и мозочните удари. Во текстот се информира за раните симптоми и нивното препознавање, како и за терапијата што може да ја примат дел од нив доколку побараат медицинска помош многу брзо после ударот. Текстот завршува со едукативен тон, каде се посочува дека редовните контроли на притисокот, шеќерот и маснотиите во крвта, физичката активност и здравата исхрана во 90 проценти може да превенираат мозочен удар.

Текстот објавен на Сител е потоа преземен од сајтот Њуз21Дејли и во насловот е додаден коментар: „Ова е страшно“, со што тој добива сензационалистички призвук. Сепак, ни во текстот кој е пласиран  на Њуз21Дејли, не се споменува вакцинацијата против ковид-19 како причиниетел на мозочните удари.

До овој заклучок, дека епидемијата на мозочни удари во С. Македонија е резултат на ковид вакцините, авторот на постот што го рецензираме не можел да дојде од написите коишто се презентирани на Сител и на сајтот кој го презема текстот. Тоа е сосема произволна, неаргументирана и непоткрепена констатација.

Во текстот линкуван до ваквата информација, се посочуваат сосема други причини за бројот на мозочните удари во земјава, меѓу кои коронавирусот, а не вакцината. Потоа се кажува и дека луѓето треба превентивно редовно да ги мерат притисокот, шеќерот во крвта, да бидат физички активни и здраво да се хранат за да превенираат мозочен удар. Во ниеден дел од текстот, не се информира за вакциналниот статус на лицата кои имале мозочен удар. Не може да се каже дали тие воопшто биле вакцинирани, во колкав број, кога итн. Важно е и да се напомене дека во текстот нема споредбени статистики за тоа колку мозочни удари имало пред пандемијата. Има само една бројка, дека лани имало 25 илјади случаи.

Уште во 2017 година има предвидувања дека бројот на мозочните удари во Европа ќе расте, а во 2017 година кога е направена таа проценка, не постоеше ни коронавирусот ни вакцините.

Тоа што временски мозочните удари се случиле во период кога  во С. Македонија се даваат вакцини против ковид-19, не е доволен показател дека има причинско последична врска меѓу вакцината и мозочните удари.

Мозочниот удар е сериозна акутно настаната животно загрозувачка состојба, која бара итна медицинска помош затоа што мозочните клетки можат да умрат за само неколку минути.

Според „Жан Митрев Клиник“, по процентот на смртност мозочниот удар се наоѓа на трето место веднаш после болести на срецето и карцином. На почетокот на 21-от век, речиси 1.1 милиони луѓе од Европа доживуваат мозочен удар секоја година и од нив 80 отсто се исхемични мозочни удари,

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека нема докази дека вакцините се како било поврзани со мозочните удари во земјава, наспроти изнесеното во постот дека „епидемија на мозочни удари се случува после вакцината“.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција