Модерна не произвела 100 илјади дози од вакцините против ковид во 2019

Директорот на Модерна, Стефан Бансел Фото: Принтскрин видео

Постот шири невистини дека Модерна имала произведено 100 илјади вакцини против ковид-19 пред пандемијата воопшто да започне. Директорот на Модерна не кажал такво нешто на конференцијата во Давос, кога тој зборува за 100 илјади вакцини во 2019 година, тоа се однесува на вакцини за други вируси, а не за коронавирусот кој во тој момент не беше ни откриен

Постот шири невистини дека Модерна имала произведено 100 илјади вакцини против ковид-19 пред пандемијата воопшто да започне. Директорот на Модерна не кажал такво нешто на конференцијата во Давос, кога тој зборува за 100 илјади вакцини во 2019 година, тоа се однесува на вакцини за други вируси, а не за коронавирусот кој во тој момент не беше ни откриен

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

МОДЕРНА НА ТАПЕТ

Директорот на Модерна на конференција на СЕФ кажува дека во 2019 (пред почетокот на ‘пандемијата’) имале направено 100.000 вакцини и дека на производителот му рекол дека следната година треба да направат милијарда затоа што ЌЕ има пандемија.

Понатаму Марија Барторомо го прашува за тоа што во “ковид вирусот” е пронајдена секвенца патентирана од Модерна, 3 години претходно на што не дава одговор…

И уште… 

Во постот и се споделува линк до наводните докази за ваквите тврдења.

Но, директорот на Модерна не кажа дека фармацевтската компанија направила 100 илјади вакцини против ковид пред да почне пандемијата. Станува збор за изјава односно излагање на директорот на Модерна коешто е комплетно извадено од контекст или погрешно пренесено и разбрано, со цел да се создаде конфузија и да се инсинуира дека пандемијата против ковид-19 е инсценирана и планирана за бенефит на фармацевтските компании.

Точно е дека на конференцијата во Давос 2023 година, директорот на Модерна, Стефан Бансел зборуваше колку брзо компанијата успеала да ја зголеми продукцијата на вакцините на стартот на пандемијата со ковид-19, но не кажа дека Модерна произвела 100 илјади ковид вакцинални дози пред воопшто пандемијата да почне. Во панел дискусијата, Бансел рече дека Модерна произвела вкупно 100 илјади дози вакцини во 2019 година и се соочила со околностите во 2020 година да мора да ги зголеми капацитетите за да може да произведе милијарда дози поради пандемијата. Модерна која во 2019 година имаше барем 4 други вакцини во фаза на клинички тестирања, во јануари 2020 година објави дека ќе почне да произведува и вакцина против ковид-19.

Целосната сесија од овој разговор одржан во Давос во 2023 година на 18 јануари може да го погледнете на следниот линк.

Модераторот го прашува Бансел за тековниот производствен капацитет на Модерна за да произведува вакцини против специфичните варијанти на ковид-19 (на 9 минута и 30 секунда во видеото). Бансел одговара дека прво кога пандемијата почнала, Модерна имала произведено 100 илјади дози во 2019 година во текот на целата година:

И се сеќавам дека после Давос, влегов во канцеларијата на мојот раководител за производство и му реков можеме ли да направиме милијарда дози следната година. И тој ме погледна малку чудно и јас му реков, да, мора да направиме милијарда дози следната година, ќе има пандемија.

Во 2019 година, „Модерна пријави барем четири различни вакцини во клинички тестирања, вклучително и вакцината против Зика вирусот, вакцина против инфлуенца, и вакцини против други респираторни вируси. Исто така објави резултати од клиничко тестирање на вирусот чикунгунја.

На 23 јануари 2020 година, производителот на лекови и вакцини „Модерна“, објави дека се финансирани за да работат на потенцијална вакцина против коронавирусот во партнерство со Националниот институт за алергологија и инфективни болести на САД.

Крис Ридли, портпарол на Модерна за Ројтерс потврдува дека излагањето на Бансел од видеото кое го рецензираме, е за тоа дека Модерна произвела 100 илјади дози вкупно и целосно како аутпут во цела 2019 година, а не дека тоа биле вакцини против ковид.

„Модерна“ не произвела 100 илјади дози од вакцините против ковид во 2019. Бројката од 100 илјади која што Бансел ја спомена за време на сесијата во Давос, се однесува на целосниот број на дози за целото наше портфолио, вакцини, ретки болести, канцер, се во склоп на делокругот на работата, вели Ридли.

Во своето излагање Бансел рече дека „Модерна“ сега е во својот целосен производствен капацитет како што покажува и тоа што брзо доставува и бустери кои се специфични за омикрон во 2022 година.

Што се однесува на делот од постот што го рецензираме, според кој „во ковид вирусот е пронајдена секвенца патентирана од „Модерна“ три години претходно”, проверувачите на факти на Политифакт, пишуваат дека тоа не е показател за планирана пандемија.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Во него неточно се тврди дека Модерна имала произведено 100 илјади вакцини против ковид-19 пред пандемијата воопшто да започне. Директорот на Модерна не кажал такво нешто на конференцијата во Давос, кога тој зборува за 100 илјади вакцини во 2019 година, тоа се однесува на вакцини за други вируси, а не за коронавирусот кој во тој момент не беше ни откриен.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција