До 22 мај трае пријавувањето на младите за обуката за проверка на факти во Штип

Фото: Вистиномер

Обуката што ќе се одржи на англиски јазик е отворена за младите од Источниот и Североисточниот регион на земјава и е бесплатна за учество, и тоа не само за младите новинари, туку и за оние кои имаат интерес да стекнат знаења во делот на проверката на факти

Сите заинтересирани млади лица на возраст до 29 години имаат можност до 22 мај да се пријават за учество во Програмата за медиумска обука „Дезинформации и проверка на факти“, која што ќе се одржи од 24 до 26 мај во Штип. Обуката што ќе се одржи на англиски јазик е отворена за младите од Источниот и Североисточниот регион на земјава, и тоа не само за младите новинари, туку и за сите студенти и млади лица кои имаат интерес да стекнат знаења во делот на проверката на факти. Пријавувањето за обуката може да се направи преку пополнување на формуларот на следниов линк: https://icfj.tfaforms.net/4995004.

Младите имаат можност да учествуваат бесплатно на оваа обука, а за сите оние што не се од Штип, обезбедено е покривање на трошоците за превоз, сместување и храна за време на трите дена од обуката.

Притоа, најдобрите учесници претстојново лето ќе имаат можност за практиканство во медиумите на Метаморфозис: Мета, Порталб или Вистиномер, а двајца млади ќе имаат можност да поминат еднонеделна студиска посета во САД. Ова е четврта обука која ја организира Фондацијата Метаморфозис, во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ).

Обучувач на четвртата обука „Дезинформации и проверка на факти“, меѓу останатите, ќе биде еминентниот новинар Џон Гринберг, дописник на PolitiFact. Гринберг бил дел од тимот на PolitiFact за време на претседателските избори во 2012 година и е еден од проверувачите на факти кои го основаа PunditFact во 2013 година – проект посветен за проверка на точноста на тврдењата на експерти, колумнисти, блогери, политички аналитичари, водители и гости на ток-шоуа. Гринберг два пати бил добитник на награди од Здружението на професионални новинари за истражувачко известување. Покрај Грибнерг, обучувачи ќе бидат и Владимир Петрески, уредник на Вистиномер.мк, и Мери Јордановска, заменик-главен уредник на Новинската агенција Мета.

Меѓународниот центар за новинари и Фондацијата Метаморфозис го спроведуваат проектот во три фази во текот на 2023 година и тој вклучува четири тродневни работилници. Обуките се дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука“ на Фондација Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција