Рецензија: Се вмеша ли и политиката во протестите во Ѓорче?

ujk-09876-0987-crop-resize

Ако пред фактите и боговите молчат, тогаш сигурно по читањето на овој текст би имале дебатна сесија и не би можеле уста да затворат. Неприкосновената обврска известувањето да се темели на факти, а не на непоткрепени мислења и сугестивни тврдења, кои немаат ниту еден релевантен доказ, се занемарува во корен.

ujkЛинк до оригиналниот напис: Се вмеша ли и политиката во протестите во Ѓорче?

Датум и време на објавување: 20.05.2014, 21:37

Датум на рецензирање: 22.05.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Прво што запаѓа во очи е тоа што во овој текст не може да се пронајде извор. Воопшто не  е оправдана одлуката да се повикува на други медиуми, во случаи кога тие не нудат ниту извори, ниту докази за своите тврдења. Оттука, имаме препишување или, пак, преадаптирање на една те иста идеја на повеќе места, со што таа се размножува и стигнува до повеќе читатели, а всушност изворите ги нема.

На пример, формулацијата „според информациите од теренот“ иако може некому да му личи на атрибуирана информација, тоа нималку не е така. Атрибуирањето на „информациите од теренот“ е непрецизно, бледо и неуверливо. Како информациите би можеле нешто да тврдат? Понатаму:

Присустните на протестите велат дека постојатно се слушаат партиски директиви и инструкции, навреди на партиска основа, како и разговори дека по секоја цена треба да се предизвикаат судир со полицијата и дека на протестот се присутни со единствена цел да се направи инцидент што подоцна би можел да се искористи во партиски цел, пишува Нетпрес.

Од овој цитат не може да бидеме  уверени дека навистина ова се случува, бидејќи не е наведен изворот. Премногу е да се очекува да биде уверливо и вредно за верување она што се тврди, дека „присутни на протестот“ тврдат нешто, бидејќи станува збор за преопшта и непрецизна формулација.

Оттука и сериозната дамка врз вистинитоста, која критичкиот читател запознаен со новинарските стандарди не би можел да ја легитимира и признае.

Од аспект на содржајноста, елементите се многу оскудни. Наместо факти се презентирани непоткрепени тврдења, со коментаторски дискурс. Се остава впечаток дека се сака да се смири тензијата што ескалираше на улиците на начин што таа тензија ќе и се припише на партија, а не на револтот на жителите на Ѓорче. Од самото тоа што ова се прави без аргументи и се припишува неосновано и без докази на една партија, произлегува и пристрасноста и необјективноста. Самото тоа што се работи за компилација од повеќе медиуми, не ја прави одговорноста помала. Она за кое се прашува во насловот, се тврди во текстот. Едноставно суштински недостасуваат цврсти поткрепи на непоткрепените тврдења.

НетПрес додава дека меѓу присутните на протестот постојано се слушаат политички шпекулации и дезинформации со цел да се разгневат граѓаните кои на улици денеска излегоа во знак на протест поради убиството на осуманесетгодишниот Ангел Петковски.

Како ова може да има влијание на протестот и гневот на граѓаните, ако веќе се тврди дека тие излегле на протест гневни поради убиство? Какви шпекулации и дезинформации од политичка природа би можеле да го сменат овој факт?

Сосема е нејасно како може да се тврди наедно дека граѓаните кои протестираат ем се „граѓани на Ѓорче“ ем се „припадници на навивачки групи“ ем се „од опозицијата“. Зарем немаат сите уставно право на протест независно од се останато? Дури и да е ова вистина (што со ништо не се потврдува) не би требало да се проблематизира.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција