Рецензија: Кражбите на охридските плажи намалени петпати

FireShot Screen Capture #039_NM_0987-0909-crop-resize

Во време кога стигнуваат поразителни извештаи од охридското крајбрежје за рапидно намалениот број на туристи (види прилог во неделникот Капитал на таа тема под наслов „Охрид е попразен отколку за време на војната“), овде е објавен напис за намалување на бројот на кражбите. Белким како еден вид на утешна констатација – плажите се празни, ама се безбедни.

FireShot Screen Capture #039_NM_0987-0909Линк до оригиналниот напис: Кражбите на охридските плажи намалени петпати

Датум и време на објавување: 01.08.2014

Датум на рецензирање: 02.08.2014

Рецензент:  Љубомир Костовски

„Разните улични крадци и измамници на кои охридските плажи во летната сезона им е омилено место на работа, годинава останаа со кратки ракави, оти, засиленото присуство на полицијата успешно ги одби речиси сите нивни напади врз паричниците на туристите. Официјалната полициска статистика во последните три месеци забележала само пет кражби на охридските плажи“.

Од овој цитат јасно произлегува дека намалениот број на кражби на споменатите места е резултат на „засилено присуство на полицијата,“ а не на непостоење на објекти кои би биле цел на агресија на арамиите!

Лани имало 25 пријави на кражби а годинава само пет. Без обид да се направи статистичка споредба колку капачи имало лани, а колку годинава, за што, ако постоела волја можело да се дознае – барем плажите и паркинзите издаваат влезници и се сега со статистичка мерливост. Место тоа, се вели дека и за тие кражби што се случиле „најчесто станува збор за кражби извршени поради невнимание на туристите“, значи кога сите би внимавале кражби и не би ни имало.

Индикативно е инсистирањето на авторката на долг текст, бидејќи, и покрај само пет кражби се инсистира на нивна типизација, па имаме опис на вообичано ограбување на таквите невнимателни туристи – влегуваат во вода, а телефонот го остават на песокот, на пешкирот или под чадорот. Веројатно се проценува дека сите капачи имаат водоотпорни телефони! Или дека секој капач треба да обезбеди по барем еден чувар на својата облека и приватни работи?

Баналните бројки (пад на кражбите од 25 на 5) без создавање на релевантна статистичка поткрепа во текстот неколку пати се споменува како „рекордниот пад на кражби“, за нели, да се пофалат полицајците, небаре тие не се платени да го чуваат имотот на граѓаните. Се споменува дека се формирани дневни патроли и дека полицајците често седат на плажите облечени како цивили (да се надеваме дека се работи за тоа дека тие се соблечени како цивили), па, така, будно внимаваат на мирот и безбедноста на плажите. Потоа, ни се објаснува и дека патроли има и на целото крајбрежје, како и дека се делат поучни флаери и се водат „неформален разговори“ со кои се советуваат туристите да внимаваат на своите предмети. Со други зборови, на полицајците не им така лошо летово на крајбрежјето!

Не е заборавено да се истакне дека крадците не се од Охрид, туку дека доаѓаат од други градови. Немаме, се разбира, податок дали се тоа 3 од 5 или можеби дури и 4 од 5?

Добивме пример како со вакви прилози во секое зло (дебаклот на туризмот) има и доволно прилики да се пофали политиката на власта или во случајот – на некој владин ресор.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција