Необјавената вест за аферата „Македонска банка“ е професионално харакири

„Стапот и морковот се од минатиот век“. Очигледно не за македонските уредници. Илустрација: Nathalie Magniez
„Стапот и морковот се од минатиот век“. Очигледно не и за македонските уредници. Илустрација: Nathalie Magniez

Оние што бројат објавија: веста за постоење на аудио докази за корумпираноста на премиерот од преку 100 телевизии, осум весници и над 100 портали, ја објавиле одвај 10 проценти. Блокадата беше целосна, кај најтиражните и најгледаните, „кај олихарските сопственици и уредничките тајкуни“ (Чомовски)

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Кога неодамна во оваа рубрика пишувавме за обврската на новинарот да објави вест која е од јавно значење, напоменавме, цитирајќи повеќе стручњаци, дека таа постои дури и кога веста се однесува на него лично или фирмата во која тој самиот работи и од чие објавување би имал штета! Објавувањето на вести е основна задача на новинарот, медиумите затоа и постојат, а „светогрдие“ е кога вестите се искривуваат, се даваат селективно или, како што сѐ почесто бива кај нас – целосно се изоставуваат, па настан од јавно значење едноставно „испарува“. А кога го нема во медиумите, тој како и да не постои, како да не се случил, па евентуално преживува како некаква улична, шепнувачка легенда. (види овде)

Нема никакво сомнение дека содржината на неколку прес конференции што во континуитет ги држеше претседателот на најголемата опозициона партија СДСМ, Зоран Заев, што содржеа директно и спектакуларно обвинување за лидерот на политичкиот конкурент, дека примил мито во кеш за продажба на акции на банка која се третираше како партиска, не е работа која може да се премолчи! Значи, печатените медиуми да не ја испечатат, а електронските медиуми да не ја споменат, ниту со слика ниту со збор. За тоа презентирање постои несомнен интерес, како заради фактот што се однесува на човекот кој е премиер и воедно лидер на партија, туку и заради тоа што тој во времето на создавањето на аферата и денес е јавна личност, односно потоа и функционер кој е задолжен да го чува образот на правната држава, по функција.

 

Медиумскиот молк даде простор за институционален молк

„Опозицијата го извлече предизборниот адут. Со покажување документи, со транскрипт од телефонски дијалог меѓу двајца соговорници, социјалдемократите се обидуваат да ја детронизираат владејачката ’фамилија’. Само ТВ Телма, 24 вести, Алсат, Утрински, неколку портали и интернет-страници, се одважија да го спречат колективното новинарско гилотинирање. Од преку 100 телевизии, осум весници и над 100 портали, одвај 10 проценти објавија извештај од прес-конференцијата на лидерот на СДСМ. Блокадата беше целосна, кај најтиражните и најгледаните, кај олихарските сопственици и уредничките тајкуни…Молк…Медиумски и институционален. Премиерот ги игнорира прозивките, обвинителот вапца јајца пред Велигден“ (Inbox7)

 

Постоеја некакви забелешки, кажани од тн. експерти, еден вид на објаснувања на тој феномен. Тие имаа некаков обид за „рационалност“ за постапката кај молкот во огромното мнозинство на медиуми во однос на аферата „Македонска банка“ Значи, кои се тие наводни аргументи за затворањето на вратата за пресот на Заев?
Едно од тие објаснувања е дека скандалот не е докажан, значи не треба да се објави? Па „кога ќе се појави ваков скандал на документирана корупција поврзана со премиер на влада, тој секогаш и на сличен начин станува достапен до јавноста – со доказ кој е веројатен, но никогаш стопроцентно докажан, имено тоа се очекува да се стори во истрагата која следува“- вели проф. Фрчковски во својата колумна насловена како „Корупција“ (Libertas)

 

Различни влогови кај политичките актери

Тука би додале дека е вистина оти влогот на објавувањето на оваа вест по еден од борците на политичкиот ринг е голема (Груевски), ама и влогот на оној кој обвинува не е помала (Заев). Дури, познавајќи ги состојбите кај нас во областа на правосудството, може да речеме дека ризикот на објавувањето на сознанието дека има корупција кај претставникот на власта е поголем отколку кај оној кој е во случајот обвинет и треба да се брани.

Постојат и такви кои велат дека ваква вест не се објавува во време на избори! Имено, таа евидентно би му наштетила на еден од актерите на политичката сцена. Но, тука мора да се додаде дека тоа е од второстепено значење, бидејќи „намерата и контекстот се второстепени во однос на тежината на можното кривично дело, веројатноста на изложените докази и неговото влијание на општата легитимност на правниот и политички поредок“ (Фрчкоски).

Да замислиме и еден пример од „цивилниот живот“. Да речеме – се готви свадба, младенците и родителите се впуштиле во големи трошоци и пред да го кажат она судбоносно „да“, некој дознава и мора да соопшти дека едниот од младоженците сѐ уште е во нераскинат, претходен брак, односно не може да склучи нов, полноважен. Да, има трошоци, сватовите се дојдени, некои можеби и од далеку и свадбата е практично готова ама последиците по легитимноста на бракот се над ситуацијата и трошоците.

Имено, да замислиме, во актуелниот контекст, дека изборите ќе поминат и дека личноста која е посочена како корумпирана, односно на која е покажано со прст и обелоденити некои факти за кои се тврди дека се докази, значи за која постои основано сомнение дека ја нарушила претходно состојбата која се нарекува „правна држава“ – оформи кабинет. Таа влада потоа, набргу, под дејство на фактите кои се посочени, под притисок кој може да е и надворешен и внатрешен, мора да падне и да се направат евентуално нови избори и нови трошоци?!

 

Товарот на докажувањето

Секако дека тежината на докажувањето и поведувањето постапка е во рацете на обвинителот, но тој исто така, кога не е притиснат од јавноста, вели дека нема доволно кадри за да се бави со секоја чуена вест! (види овде). Значи доаѓаме одново до медиумите и до една од нивните улоги во демократското општество – да бидат додатен притисок врз институциите тие да си ја вршат својата работа. Една од оние лица, Татјана Каракамишева, која на малите екрани често настапува во медиумите како коментаторка на приликите во една своја колумна, јасно признава дека

„Власта, од друга страна, има обврска и спрема медиумите. Таа е обврзана да гарантира сопствена непристрасност, но и немешање на трети страни во новинарската слобода на медиумите во текот на изборите“ (Утрински)

Но дали во овој случај проработе цензурата или автоцензурата кај новинарите?

Речиси е фрапантно како главните уредници на медиумите не се обидоа самите го објаснат својот професионален „харакири“. На директно барање на Алсат-М да го објаснат својот чин на премолчување на „афера колку врата“, првиот човек на информативниот сектор на јавниот сервис МРТВ – „Горан Петрески (кого јавноста го памети како еден од новинарите кои студиозно се занимаваа со Македонска банка, додека беше во А1), прво најавил дека ќе го образложи својот став, но неколку часа подоцна го информирал Алсат дека согласно хиерархијата во МРТВ, ставот ќе го изнесе Диме Ратајковски, кој е одговорен во телевизијата. Ратајковски, кој како и Петрески, прима плата од народни пари, не одговарал на повиците на Алсат“.

Од Алсат – М се чуле и со Лидија Богатинова, главен уредник во Канал 5, но таа „децидно“ одговорила дека нема коментар, што е несвојствено за уредник на телевизија. Уредникот на Сител, Драган Павловиќ – Латас не одговарал на повиците, додека Коле Чашуле, кој е на челната позиција во Алфа Телевизија, одговорил дека не дава изјави на празници (види овде).

 

Кривата на девијацијата

Ова јасно покажува како по една почетна деформација новинарството ја зголемува девијантната крива и натаму, не престанува да ја покажува својата додворничка травестија и дека целосно го инхибира професионалниот нерв, кој подразбира да се реагира на секоја појава или сознание кое има јавен дискурс.
Практично, новинарите место пионери на вистината, стануваат поголеми „ноеви“ од обичните луѓе. Колку за нив, за обичните луѓе, екслузивно добивме како проект Сервис за проверка на фактите можност да го објавиме делот од необјавениот извештајот на МЦЕО, резултат на анкета спроведена од 1.03 – 19.03.2014 на репрезентативен примерок од 1.300 анкетирани лица. По анкетата дури 53 отсто од граѓаните сметаат дека не смеат слободно да го искажат своето мислење во земјата! Дури 81,3 отсто од тие 53 отсто, сметаат дека таа неслобода се должи на стравот дека нешто лошо може да им се случи ним или на нивното семејство! Еден мал дел (3,8 отсто) велат дека ја жртвуваат слободата на мислење за лични добивки.

Дали уредниците во македонските медиуми се чувствуваат загрозени или – купени? Некои појави во последно време (раскинот на договорот и тужбата против дописничката на Утрински од Битола, на пример, смената на главниот уредник на Нова Македонија, тргањето на новинарка на Вест од економската рубрика, дури и смената на главната уредничка на еден женски магазин, заради „погрешно интервју“) кои се случуваат кондензирано, покажуваат дека изборот е стар, ама актуелен – стапот или морковот!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција