Превирањата во опозицијата и молкот на медиумите

Plotna Zaev Rada Stevo Branko 004 cropped final final 002
Фотографии: Зоран Заев, СДСМ, 2011; Радмила Шеќеринска, СДСМ Крива Паланка, 2011; Бранко Црвенковски, СДСМ, 2011; Стево Пендаровски, FOSIM, 2013; фото колаж: СПФМ

Провладините и провмровски медиуми сите до еден видливо диригирани од еден центар глумат неутралност. Нагло секнаа нападите против Бранко Црвенковски, кој до вчера беше изложен на невидена црна кампања, сатанизација и хајка (…) Острите критичари, пак, на власта и режимот на Груевски деновиве го прозваа Бранко Црвенковски по едногодишниот молк да се огласи во јавноста. Откако тоа Црвенковски го направи, сега тие молчат.

 

Пишува: Ерол Ризаов

 

Опозицијата има причини да не ги признае изборните резултати од претседателските и вонредните парламентарни избори. Тоа го потврдува и Извештајот на ОБСЕ, ОДИХР во кој нема ни една директна и индиректна оценка дека тоа беше слободно и демократско изјаснување на граѓаните. Констатирани се повеќе суштински неправилности кои не дозволуваат ниту честитки на победниците од името на влади и држави, претседатели и премиери, ниту квалификатив на чиста и голема победа. Меѓутоа, опозицијата ќе мора да признае еден друг пораз што може самата да си го нанесе по неделното изјаснување за доверба на претседател на најголемата опозициска партија и тоа без оглед на изборниот резултат. Тоа би било гаснење на последната надеж за уривање на режимот, или за пресуден притисок врз Груевски да ги одблокира демократските процеси во Македонија.

Гласањето за доверба на Зоран Заев стана главна тема во државата во една мошне деликатна постизборна ситуација во која се најдоа Груевски и Ахмети, по јавната медиумска препорака на поранешниот долгогодишен претседател на социјалдемократите Бранко Црвенковски дека најдобро решение за СДСМ е избор на Стево Пендаровски за претседател. Тоа разбирливо предизвика бурни реакции и во партијата и во пошироката јавност. Не затоа што Црвенковски тоа го кажал и се изјаснил, туку затоа што ова беше првата работа што ја изусти јавно по една година молчење и доброволен егзил. Така картите се наредија што кој и да „победи“ во СДСМ по едно вакво патерналистичко замешателство не може, а да не остави негативни последици. Ако Зоран Заев ја добие довербата на мнозинството делегати тоа нема да заврши само со честитки и повици за единство. Од понеделник внатрепартиските судири ќе добијат нови можеби не пожестоки, но сигурно поинакви димензии. Ако дојде на дневен ред изјаснување и за Стево Пендаровски и тоа како нарачка на Бранко Црвенковски, расколот во опозицијата само ќе се забрза. Целата оваа ситуација може да се спречи и ублажи само на еден начин. Со доблест на главните играчи да се надминат делбите пред изјаснување на делегатите што мислам дека и ќе се случи. Мислам дека Пендаровски нема да ја прифати нарaчката.

 

Лидерската криза во СДСМ почна уште во 2004 година

 

Бранко Црвенковски во своето интервју за Дојче Веле, покрај препораката за избор на Стево Пендаровски за претседател, зборува и за кризата во СДСМ чиј почеток го лоцира со настаните на 24 декември 2012 година во Собранието на Македонија и со различните концепти за отпор и бојкот меѓу него и сегашното актуелно раководство Заев-Шеќеринска. Што е точно, само што датумот за кризата во СДСМ е погрешен. Лидерската криза во оваа голема и моќна политичка партија започна 2004 година по абдицирањето на Црвенковски од функцијата премиер и кандидирањето за Претседател на државата по смртта на Борис Трајковски. Оtтогаш досега се изредија повеќе претседатели на СДСМ. Сите до еден по препорака на Црвенковски, но ниту еден партиското раководство не го прифати за вистински лидер, пак со амин на Црвенковски . Сите тие постојано беа во сенката на Црвенковски, чуствувајќи силен притисок при донесување на одлуките. Ниту Владо Бучковски, ниту Радмила Шекеринска, ниту Зоран Заев не беа прифатени како лидери. Во една политичка партија која е на власт и со коалиционите партнери има двотретинско мнозинство во Парлaмeнтот да се сменат тројца претседатели на партијата и тројца премиери е рамно на целосна деградација на лидерските позиции. Токму тоа му се случи на СДСМ во периодот од 2002 до 2006 година.

По големата изборна победа за премиери се изредија Бранко Црвенковски, Хари Костов и Владо Бучковски, а за претседатели на партијата Бранко Црвенковски, Владо Бучковски и Радмила Шеќеринска, а потоа на два пати по неколку месеци беше претседател Зоран Заев и уште еднаш Бранко Црвенковски. Сите што имаат барем мало искуство во политиката знаат дека ова се катастрофални грешки кои не овозможуваат ниту лидерски, ниту државнички позиции. А, решението беше многу едноставно, исто како што тоа сега го направи Никола Груевски. По загинувањето на претседателот Борис Трајковски имаше многу причини да се организираат вонредни парламентарни и претседателски избори, па дури и локални. ВМРО-ДПМНЕ беше во раскол по судирот меѓу Љупчо Георгиевски и Никола Груевски. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не беше послаб отколку таа 2004 година. Бранко Црвенковски процени дека е најдобро да оди само на претседателски избори, одржувајќи ја постојано својата позиција во партијата. Така реши и погреши. Дека тоа ќе беше голема победа на тројни избори за СДСМ 2004 година јасно покажува победата на СДСМ на локалните избори 2005 година и тоа кога ВМРО ДПМНЕ е веќе консолидирана партија во која лидерската позиција му припадна на Груевски по пресметката со Георгиевски. Тој судир и таа победа на Груевски му овозможи јасна дистинкција од претходните грешки, иако и самиот беше еден од клучните луѓе во владата на Георгиевски.

 

Замолкнаа и провладините и критичките медиуми

 

Лидерската криза во СДСМ е во голем дел грешка на Црвенковски, но и грешка на избраните претседатели кои не успеаја да се ослободат од неговото влијание. За прв пат сега по десет години еден партиски претседател на СДСМ има шанси да израсне во самостоен лидер, но очигледно на Зоран Заев уште му е тешко да излезе од сенката на Црвенковски. Но, овојпат, ако ја добие поддршката од делегатите, се насетува дека токму тоа ќе се случи. Стево Пендаровски, кој е силен адут на СДСМ во натамошните пресметки со режимот на Груевски и кој освои големи симпатии во јавноста, не верувам дека ќе прифати да биде ставен на партиски кантар и да се најде во ситуација довербата на Заев да ја доживее како свој пораз.Тоа би било голем пораз и на СДСМ. Затоа и на Заев и на Пендаровски и на Црвенковски и неговите следбеници во СДСМ во недела им треба голема мудрост и здрав разум, без суети и самобендисаност, да донесат значајни одлуки кои нема да бидат порази и раскол на опозицијата нанесен од самата себе.

Многу индикативни и интересни се медиумите блиски на власта и на опозицијата како пишуваат за потезите на Бранко Црвенковски пред партискиот конгрес и за превирањата во СДСМ. Провладините и провмровски медиуми сите до еден видливо диригирани од еден центар глумат неутралност. Нагло секнаа нападите против Бранко Црвенковски, кој до вчера беше изложен на невидена црна кампања, сатанизација и хајка како најголем виновник за сите несреќи и зла низ кои поминува Македонија во својата сѐ уште незавршена и најдолга во Европа тешка и мачна транзиција. Очигледно во ВМРО ДПМНЕ се на мислење дека е добро во опозицијата да си ги вадат очите меѓу себе во овие деликатни ситуации и маки на составување коалиција и барање оправдување за предизборната фарса за максимум еднонационални гласови за наводно да се спречат меѓусебните ултиматуми меѓу довчерашните, денешните и утрешните партнери во делба на власта. На Груевски очигледно повеќе му се допаѓа за иден противник претседателот на опозицијата да го има ореолот човек по нарачка на Бранко Црвенковски.

Острите критичари, пак, на власта и режимот на Груевски деновиве го прозваа Бранко Црвенковски по едногодишниот молк да се огласи во јавноста. Откако тоа Црвенковски го направи, сега тие молчат. Не знам како тоа да го протолкувам: дали се задоволни од тоа што го чуле, или занемеа од тоа што не го слушнаа. Мудрите велат молчењето значи одобрување. Да, ама не е секогаш баш така.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција