Новинарите треба да бидат одговорни кон публиката, но најмногу кон себе

screen-shot-2012-03-05-at-11-58-05-am-framed
Потерова кутија: 1. Дефиниции-факти, 2. Лојалности, 3. Принципи и филозофии, 4. Вредности. Инфографик: caughtinthemiddleofhateinafunplace

Дали постои начин како да се задржи етиката на медиумот? И како новинарот да одлучи дали некоја вест е за објавување или не? И како да си ја преземе одговорноста?  Секако дека постои начин.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Слобода на говор претставува слободно зборување без цензура или ограничување, или, пак, двете заедно. Во пракса правото на слобода на говор не е неограниченo каде и да е.

Правото на слобода на говорот е признаено како човеково право според членот 19 од Универзалната декларација за човекови права, како и во меѓународните закони за човекови и граѓански права – International Covenant on Civil and Political Rights. Овој документ го признава правото на слобода на говор како „право да се има мислења без мешање“. Секој треба да има право за слобода на изразување. Исто така, слободата на говорот е признаена во сите национални законодавства.

Сепак, во современите демократски општества медиумската слобода е нераскинливо врзана со моралната одговорност која треба да ја преземат медиумските работници – од новинарите до издавачите. За својата задача да ја извршуваат што поквалитетно, медиумите би требало да делуваат во рамките на професионалната етика на новинарството. Притоа, основен критериум на моралното делување треба да биде човековото достоинство и почитувањето на човекот како цел, а не како средство. За новинарството да се приближи на таа идеја новинарот во својата работа (известување) е должен да ги следи етичките начела:

  • Вистина
  • Објективниост
  • Слобода, и
  • Одговорност

Овие начела се основни и во македонскиот Кодекс на новинарите според кој:

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и имаат право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Одговорноста, пак, на новинарот треба да биде кон публиката, кон оние за кои се пишува и кон изворот на инфорамцијата, но пред сѐ, новинарот треба да биде одговорен кон себеси.

 

ИСКРИВЕНА СЛИКА

 

Посебно во Македонија искривената слика во новинарството и непочитувањето на моралните и етичките норми има „свое“ место. Можеби и масовните медиуми сами по себе не се лоши, туку стануваат такви кога ќе дојдат во погрешни раце. Во демократските општества тие можат да бидат средство за постигнување на цели, како што се зголемувањето на комуникациската способност, која подоцна ќе понуди и нов хуманизам. Тие со модерната технологија сѐ повеќе ги зближуваат граѓаните, а би требало (што кај нас сѐ помалку го има) да предупредуваат на корупцијата и злоупотребата на власта.

За жал, секојдневно сме сведоци на кршење на стандардите кои се втемелени во Кодексот на новинари. На медиумите не им е непознато да шират невистини, да омаловажуваат, да го повредуваат угледот и честа на јавните личности (а, и на колегите новинари). Многу често се среќаваме со вести од сомнително потекло, очигледни клевети или намерни подбивања. Многу често последниве неколку години се пишува и се објавува без било каква одговорност. Но, ако сакаме да делуваме за општото добро и во рамките на етичките и моралните норми, слободата мора да биде неделива од одговорноста која расте пропорционално со моќта на медиумот. Сѐ што новинарот прави како носител на таа моќ мора да биде и одговорно.

Значи, целата работа е во етиката на одговорноста.

Тоа е содржано и во Македонскиот кодекс на новинари во следниве членови:

7. Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.
Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост;

 

8. Начинот на информирање, во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Секаде во светот (повеќе или помалку) во највисоките државни акти е загарантирана слободата на говорот. Но, најеклатантен пример е оној во САД.

Првиот амандман на Уставот на САД го штити правото на слободата на религијата и слободата на изразување од мешањето на владата. Слобода на изразување се состои и во тоа граѓаните, новинарите… да можат да поднесуваат претставки до владата за исправање на неправдите.

Сепак, европските земји не познаваат вакви примери, но кај високоразвиените демократии постои строга одговорност кај новинарите. Таа одговорност, пак, многу се разликува од земјите на Балканот, посебно во Македонија.

 

БЕЗ ОДГОВОРНОСТ

 

Новинарите во Македонија немаат одговорност за напишаното или изговореното. За да почнат земјите од ЕУ Македонија да ја сметаат за демократска држава, во која делуваат медиуми, кои се придржуваат на новинарскиот кодекс потребно е пропагандните активности, говорот на омраза, политички ангажираните новинари и слично, да се намалат на минумум.

Ако не го сфатиме тоа никогаш нема да напредуваме на листата на Фридом Хаус со вакви текстови:

Вториот голем проблем што го прават ваквите текстови е табоидизирање на медиумите. Не дека не треба да ги има, но тие како да го преземаат приматот. А, таблоидизацијата на медиумите значи и таблоидизација на државата.

Кога се зборува за таблоидизација на медиумите веднаш се мисли на жолто новинарство. Тоа, пак, е новинарство кое навлегува во приватноста на познатите, а и на непознатите луѓе. Информациите за тие луѓе можат да бидат и потполно точни. Друга работа е ако имаме полуписмени текстови кои се базираат на полувистини, измислици, површински текстови, злонамерни…

Дел од популацијата, сепак, мисли со своја глава и ја знае разликата помеѓу ѓубре и квалитет. Тоа значи не е жолто, туку лошо новинарство. И го има застрашувачки многу.

 

ПОТЕРОВА КУТИЈА

 

Дали постои начин како да се задржи етиката на медиумот? И како новинарот да одлучи дали некоја вест е за објавување или не? И како да си ја преземе одговорноста?  Секако дека постои начин.

Еден од најраспоространетите начини на донесување на одлуки е познат како Потерова кутија (Patterson,P-Wilkonsin,L – 1994) . Него го развил харвардскиот теолог Ралф Потер. Тој се состои од четири чекори до носење на одлука. Првиот чекор е разбирање на фактите, вториот е потцртување на важните моменти, третиот чекор е примена на филозофскиот пристап и четвртиот – артикулирана лојалност.

Етичарите се фокусираат на следниве принципи: „Не му го прави на друг, тоа што тебе не сакаш да ти го прават“ (Конфучие), „Не ги повредувај другите со тоа што тебе би те повредило“ (Буда) , „Сѐ тоа што сакате вам да ви се случи, правете им го на другите луѓе“ (Исус). Овие правила кои се застапени во различни религии многу се слични и имаат иста порака: Почитувајте ги другите и правете добро.

Аристетоловата златна средина, или златно правило, се однесува, на пример, кога имате фотографија од новинар-фоторепортер, а со неа и етичка дилема дали да се објави. Самата фотографија не е етичка доколку е сензационалистичка, што би била една крајност, но не е ниту професионална доколку е банална, затоа што не би привлекла внимание кај читателите. Значи, треба да се најде прецизна линија да не се премине професионалноста, а притоа и да се биде актуелен. Сепак, ако сакаме поточно да разбереме што значи Потерова кутија, тоа значи да се избере и да се објави информација која индиректно или директно не би го нарушила општото добро. Тоа добро може да не биде видливо (контрола на власта) или, пак, да биде јасно како ден (известувањето за помошта на Србија), но, новинарите треба само, секако со помош на уредниците, да ја најдат – златната средина.

 

КАКО ДА СЕ РЕШИ

 

Овој модел во Македонија најверојатно многу малку или воопшто не се употребува.

Но, кој би требало да сноси одговорност за ваквото однесување на медиумите?

Иако новинарите ги создаваат содржините, тие не се единствената алка во медиумскиот ланец. Одговорноста мора да ја сносат сите – уредниците, сопствениците на медиуми, владата, државните институции, но и граѓаните како публика. Со тоа состојбата во медиумите, која е далеку од добра, можеби би можела да се поправи преку заедничка иницијатива. Затоа, во сложени процеси во општеството секој од нас е должен на себе да преземе дел од одговорноста за да го подигнеме квалитетот на новинарството. Но, најнапред она што треба да се стори е изградба на општоприфатени регулативни механизми кои без цензура, по теркот на меѓународната и европската пракса ќе се создадат и ќе ги почитуваат домашните закони.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција