Тетовски медиуми – солидно, но и стерилно известување во тешки услови

Покрај Пена. Тетово. Фото: Adam Jones, 2013
Покрај Пена. Тетово. Фото: Adam Jones, 2013

 

Како и во целата држава, главниот извор на информирање на граѓаните се телевизиите. Печатени локални изданија не постојат, а радиостаниците се речиси целосно ориентирани на забавна програма, со ретки и незначајни информативни содржини. Кога зборуваме за локалните информативни интернет-страници, пак, интересно е што и покрај експанзијата на овој вид веб-страници на национално ниво, во Тетово тие се малку на број и со релативно ограничено влијание и читаност.

 

Пишува: Жарко Настоски

 

Тетово е еден од најважните македонски политички и економски центри, седиште на два универзитети, најголемиот град во Северозападна Македонија, во која, според официјалните податоци, се одвива најзначајната стопанска активност во државата, надвор од Скопје. Во исто време, градот е најважен центар на албанската заедница во Македонија и седиште на двете најголеми политички партии на Албанците во земјата. Сево ова на тетовските медиуми им дава многу можности, но и им наметнува одговорност за темелно и за објективно известување за повеќе од 350.000 жители на регионот.

Во градот работат пет телевизиски станици (две на македонски: „Кис“ и „Менада“ и три на албански јазик: „Коха“, „Арт“ и „Супер скај“), кои се водат како регионални, бидејќи според конфигурацијата на Полошката Котлина, емитуваат сигнал во Тетово и во Гостивар. Повеќето од овие телевизии се отворени во средината на 90-тите години на минатиот век, што значи дека веќе работат по дваесетина години, како изградени брендови меѓу својата публика. Од нив, четири телевизии имаат новинарски редакции и редовни информативни содржини, а повремено емитуваат и информативно-политички емисии со гостувања, главно на локалните политичари (иако во предизборниот период се случува да се појави и некој „поголем“ политичар). Две од телевизиите, „Кис“ и „Коха“, имаат свои веб-портали, додека „Менада“ и „Арт“ немаат веб-страници, но ги прикачуваат своите прилози и други информативни содржини на свои канали на „Јутјуб“.

Како може да се опише квалитетот на известувањето на локалните медиуми? Пред да се обидам да го одговорам ова прашање, како автор на овој текст, но и како некој што работел пет години во две тетовски телевизии, чувствувам потреба да дадам кус „бекграунд“ за условите во кои работат тетовските новинари и медиуми.

Тетово и регионот беа средиште на воениот конфликт во 2001 ГОДИНА, но и претходно, од осамостојувањето на Македонија, ова беше средиште на политички и на етнички турбуленции, кои наметнуваа потреба од силни и стабилни медиумски и новинарски ресурси, кои ќе информираат за бројните случувања во градот. Впрочем, во националните медиуми – телевизии и весници, отсекогаш било приоритет да се има дописник од Тетово, токму поради потребата непосредно да се следат овие случувања.

Патоказ во темница. Фото: СПФМ, 2014
Партиски обележан патоказ во темница. Фото: СПФМ, 2014

Оттаму, може да се каже дека новинарските редакции на четирите информативно-ориентирани телевизии поминаа низ темелно професионално „калење“ во изминатите две децении и дека во нив работат искусни медиумски работници кои „си ја знаат работата“. По конфликтот во 2001, регионот имаше значајна поддршка од странски фондации, насочени кон промовирањето на објективното и професионално, граѓанско известување во правец на надминувањето на меѓуетничките разлики. Многу од новинарите, уредниците, снимателите и другите вработени во телевизиите, во овој период поминаа низ квалитетни обуки и тренинзи.

 

ОБЈЕКТИВНО, НО СТЕРИЛНО ИЗВЕСТУВАЊЕ

Генерално гледано, телевизиските редакции во Тетово прават релативно објективни вести – со добра доза на дистанца информираат за проблемите во градот, за активностите на сите политички партии, за културните случувања и за граѓанските иницијативи. Сепак, во нивното известување се забележува извесна стерилност, а настаните најчесто се гледаат еднострано и половично. Иако во Тетово има два универзитета, а во градот живеат и работат експерти од голем број области, нивното мислење не секогаш се вклучува во новинарските прилози, дури и за теми во кои тоа е неопходно. Телевизиските прилози, главно, се сведуваат на извештаи од настани, со минимална информативна вредност. Недостига критички став кон одговорните, особено ако одговорноста паѓа врз локалната самоуправа. Отворена критика на општината или на градоначаниците е речиси непозната во тетовските медиуми.
Оваа слика се менува кога постојат теми со значење што ги надминува локалните граници и стигнува до националните медиуми. Со оглед на тоа што дописниците за националните гласила од Тетово во исто време се и новинари во локалните телевизии, тие известуваат за ваквите теми секој во склад со уредувачката политика на националниот медиум за кој работат како дописници. На пример, ако медиумот на ниво на државата негува критички однос кон властите, таков ќе биде и прилогот на дописникот за националниот медиум, но во локалната телевизија во која истовремено работи, за истата тема, тој мора да се воздржи од овој критички однос.

Во вестите на локалните телевизии во Тетово генерално нема лесно забележлива политичка пристрасност, каква што можеме да видиме во некои национални медиуми, но самиот пристап кон обработувањето на темите (со избегнување да се посочи на одговорноста на властите за состојбите), упатува кон заклучок дека ваквата пристрасност е, сепак, присутна во тетовските медиуми.

 

ИЗБОРИТЕ НОСАТ ПОВЕЌЕ ПАРИ ОТКОЛКУ ФИРМИТЕ ЗА ЦЕЛА ГОДИНА

Телевизиите за кои зборуваме работат во исклучително тешки услови, во кои пазарното, комерцијално опстојување е речиси невозможно – и покрај големиот број стопански субјекти во регионот, кои се потенцијални огласувачи, цените на рекламирањето во локалните медиуми се многу ниски, а пазарот е главно ограничен на локалните фирми и трговци (големите најчесто избираат да се рекламираат на националните медиуми). Оттаму, сите овие телевизии имаат тешкотии дури и тековно да функционираат, без да стане збор за инвестиции и за развој. Ова, од друга страна, значи дека на тетовските телевизии добро им доаѓаат годините во кои има избори, кога во предизборните кампањи партиите кај нив оставаат повеќе пари отколку што локалните фирми даваат за реклами во текот на целата година. Со оглед на тоа што многу повеќе пари за огласување имаат партиите кои се на власт, ова, заедно со редовните владини реклами кои се емитуваат на некои од овие телевизии, претставува уште еден притисок врз независноста и врз објективноста на овие медиуми.

Поделеноста на граѓаните во Тетово по етничка основа во голема мера се отсликува и во известувањето на медиумите. И покрај напорите на редакциите да ја задржат професионалната дистанца и да известуваат во граѓански дух, во многу случаи, изборот на темите и начинот на кој тие се обработуваат и пласираат остава впечаток дека телевизиите им се обраќаат само на припадниците на својот етникум. Сепак, одвреме-навреме може да се забележат охрабрувачки спротивни трендови, кои, сепак, се ретки исклучоци од оваа општа практика. Пример е ова гостување на пратеничката во републичкото Собрание Светлана Карапетрова на телевизијата „Коха“. Интервјуто, кое е спроведено на македонски јазик и без превод, сепак не е поставено на каналот на „Коха“ на „Јутјуб“, каде ги има сите други емисии „Мегдан“.

Специфичноста на локалниот медиум, кој известува за „помали“ теми, кои, сепак, се значајни за граѓаните, е можеби единственото нешто поради кое овие телевизии сè уште имаат одредена релевантност и успеваат да опстојат во ерата на кабелската телевизија и на интернетот. Ако нивната функција ја гледаме само низ оваа, тесна призма, тогаш може да се заклучи дека тетовските телевизии си ја вршат работата релативно добро, со оглед на тешките услови во кои се принудени да работат.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција