ТВ-дневник: Како го премолчеа Кежаровски

Во денот откако Кежаровски беше вратен во затвор, шопингот во Солун и неговите ценовни специфики главна тема на саботниот ТВ Дневник. Фото: видео клип скриншот
Дента откако беше донесена пресудата за Кежаровски и тој однесен во затвор, шопингот во Солун и неговите ценовни специфики главна тема на саботниот ТВ Дневник. Фото: видео клип скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на ТВ „Сител“, 17.01.2015, 16.00]

 

Минирање на штрајкот на СОНК преку натрупани и исчитани изјави на непретставени анонимуси, разликите во цените на производите при пазарење во Грција и во Македонија, новоовторена градинка во Припор. Ова беа главните теми на саботниот ТВ-дневник дента откако беше објавена пресудата за Кежаровски и тој беше оденесен во затвор.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Еден ТВ-дневник својата професионалност ја црпи од актуелностите што се случиле во текот на денот. Притоа, мора да се запази „хиерархискиот“ приоритет на настаните, а за таа цел најчесто го користиме моделот на јавен интерес. Тоа што кај граѓаните би предизвикало или веќе предизвикува поголем интерес, според логиката на професионалното новинарство, треба да биде и прв прилог во една телевизиска информативна емисија. Но, тоа не беше случај со првиот ТВ-дневник на телевизија „Сител“ во саботата.

 

ЗАМИЖУВАЊЕ ЗА СЛУЧАЈОТ НА КЕЖАРОВСКИ

По брзото пренесување на новинарот Томислав Кежаровски во затворот во Шутка, кога социјалните медиуми експлодираа од реакции, да се отвори ТВ-дневник без овој настан, е непримерно, непрофесионално и неетички. Да не зборуваме за колегијалната и за етичката компонента. Иако се очекуваше, ако не од колегијални или други побуди, туку од чисто професонални, да се извести за овој настан, тоа не се случи. Инаку, од пренесувањето на Кежаровски на одлежување на казната затвор, до почетокот на ова издание, поминаа повеќе од 20 часа, па не е можно колегите да не знаеле дека медиумите веќе беа преплавени од реакции. Најмалку поради тоа што реагираа сите можни меѓунардни институции и организации, како и домашните здруженија на новинари.

Реагираше и преставникот на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ, која рече:

„Јас секогаш ја препознавав и истакнував важноста на владеењето на правото и работата на судството, но оваа одлука и итното апсење вчера е многу разочарувачка. Затворањето на новинари за тоа што ќе го кажат и напишат е неприфатливо во демократија. Затворањето на Кежаровски е опасен преседан за слободните медиуми и истражувачките новинари. Крајно време е властите во земјата да го намалат притисокот врз медиумите и да ги почитуваат слободните и критички гласови. Кежаровски треба итно да биде ослободен.“

Оваа изјава, која беше пренесена во голем број независни медиуми, не беше објавена во овие вести. Со замижувањето пред овие настани, само се руши улогата на медиумот кој, пред сѐ, треба да информира, посебно за настани кои имаат голем „импакт“ фактор.

Реагираа и политички партии, поединци, а и колеги. Сепак, сето тоа не беше доволно да се покрие овој настан и да се даде придонес кон професионалното новинарско известување.

Како прилог кон непрофесионалноста на овој ТВ-дневник оди и тоа што иако пред неколку дена е најавен протест против затворањето на новинарот, во ова информативно издание немаше за тоа ниту збор. Згора на сѐ, кон овој протест се приклучија, или своја подршка дадоа, и политички организации, невладини организации, поединци, политичари… Сепак, и тоа не беше доволно силно за вестите да пренесат дел од овие информации.

 

НИШТО НЕ ПРАВИМЕ БЕЗ ГРАДИНКАТА ВО ПРИПОР

Поважна од експресното затворање на новинар беше новоотворената градинка во Припор, соообраќајната бркотница, прилепското кафе и, главниот настан во вестите, пазарењето во Солун.

Минирањето, пак, на штрајкот на Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК) беше проследено со дури два прилози – овде и овде. Тие прилози беа со телеграфски изјави од наставниците кои тврдат дека во нивните општини нема да се штрајкува. Во прилозите немаше објективност, поради што тие беа еднострани. За еден новинарски производ да биде содржаен, треба да се праша и другата страна, а тоа е раководството на СОНК. Особено кога таа втора страна е нападната, како што е овде случајот. Никаде во прилозите ја нема изјавата на првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, дека штрајкот на наставниците ќе се одржи. Вака, во чисто пропагандистички стил, беа прикажани луѓе, без име и презиме, како држат лист хартија и читаат од него.

 

nepretstaveni anonimusi sonk - gore

ТВ-прилог (видео): Членството на СОНК му го сврте грбот на раководството

nepretstaveni anonimusi sonk - dolu

Ја немаше ниту изјавата на претседателот на СОНК дека барањата на синдикатот се основани и нема да отстапат доколку не бидат целосно исполнети:

„Неделков тврди дека иако од повеќе локални претставништва на СОНК стигнаа соопштенија дека се против штрајкот, тој сепак нема да пропадне. Тврди дека притисок има, а тој најчесто е, како што вели, од општинските власти и одредени партиски приврзаници блиски до власта.“

Пристапот на овие прилози е крајно тенденциозен и може да се заклучи дека спинот е застапен за сметка на вистинитоста, изворите се несоодветни, наведени без имиња и презимиња и без функцијата што ја извршуваат. Само така би можело да им се верува на овие прилози. Покрај тоа, пак, ги нема ниту информациите кои велат дека овие претставници се членови на владејачката партија. Ако ги имало, би можеле да зборуваме за објективност и за содржајност на текстот. Содржината, вака, е крајно пристрасна, а прилозите се политички мотивирани со штрајкбрехерска заднина.

 

„ШОПИНГ-МАНИЈА“, ГЛАВЕН НАСТАН

И тамам кога човек ќе помисли дека најлошото поминало, тоа допрво дојде. Главен настан, со единствениот линк во живо, во ТВ-дневникот беше пазарувачката треска во Солун. Да, тоа беше  настанот на денот во овие вести.

По прилогот дека денеска почнуваат големите попусти во Солун, а редици македонски возила чекаат за влез во Грција, искористувајќи го поврзаниот со празник викенд, имаше и линковско вклучување за дообјаснување на овој „феномен“. Пред камера, за телевизијата зборуваше директорот на Пазарната инспекција, кој објаснуваше зошто (?!) Македонците одат на пазарување во Солун, а не пазарат во Македонија. Разговорот, пак, беше инфантилен, избрзан, без содржина, со прашања кои се повторуваа и со бледи одговри без цел.

soping solun intervju - gore

ТВ-прилог (видео): Зошто голем попуст кај исти трговци во Грција

soping solun intervju - dolu

И доколку се известеше за главните настани на денот, сите други прилози ќе имаа содржина и цел. Причината за нивното појавување токму тогаш и токму во тој ТВ-дневник ќе беше оправдана. Ако тоа беше така, тогаш со десетка ќе беше оценет одличниот прилог за бездомникот од Скопје, кој беше направен со сите нишани. Од разговор со него, до разговор со луѓето кои работат во прифатилиштето за бездомници. Прилог со професинален новинарски пристап, со поучен, но мирен тон, без непотребна вулгаризација или самопретставување. Сепак, овој прилог остана во сенката на тоа што се вика непрофесионален ТВ-дневник.

Можеби уредувачката политика на приватен медиум дозволува да се изземат некои настани од централните дневници, но настани од голем калибар не смеат да се премолчат. Најмногу и поради ефектот што го предизвикаа. Да се премолчат реакции од сите страни и да се остават неинформирани гледачите не може да се премолчи. Работата на секој медиум е да информира и притоа информирањето да биде вистинито. Само така една информативна емисија ќе ја постигне својата цел – да биде гледана и јавно прифатена. Вака, штетата покрај тоа што ја трпи и јавноста поради селективното информирање, неа ја трпи и самиот медиум.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција