СДСМ го смени ставот за избор на претседателот на Комисијата

СДСМ рекоа па порекоа - претседателот на Комисијата, сепак, определен пред пленарната седница во Собранието Фото: Принтскрин

 

 

Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски на прес-конференцијата одржана по координацијата на пратеничките групи на 23.03.2017 година, соопшти дека е постигната согласност за составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и за претседател на Комисијата. Спасовски тогаш, меѓу другото, изјави:

Иако постоеше едно од низата неразумни барања коешто беше поставено од ВМРО ДПМНЕ, ние прифативме претседателот на Комисијата да биде од ВМРО ДПМНЕ се со цел да се откочат процесите во Р.Македонија, да профункционираат демократските тенденции и се со цел ниту граѓаните ниту законодавниот дом да не бидат заложници на било кој политичар или политичка партија во Македонија. На тој начин сакаме да го ставиме во функција Собранието на Р.Македонија како највисок претставнички дом на граѓаните на Р.Македонија.

[Извор: веб – страница на СДСМ , датум: 23.03.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквиот став на СДСМ, искажан од генералниот секретар  Оливер Спасовски,  го сметаме за недоследен во поглед на претходните ставови на партијата за ова прашање, поточно во однос на тоа што го кажа лидерот на СДСМ, Зоран Заев по средбата со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан (21.03.2017). Заев тогаш на новинарско прашање дали претседателот на Комисијата за избори именување ќе биде од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека тоа ќе се направи на конститутивната седница, а не на коридинацијата.

Цело време со внимание посветени на целиот процес. Додека буквално не дриблаа, дека некој е приватно зафатен, па не може да се одржи координација, го почекавме тој момент. Кога стоеја на своите стојалишта дека составот на членовите треба да биде 6, 5, 1, 1, а мислевме ние поинаку, да биде 5, 5, 2, 2 и тоа го прифативме. И сега се бара претседателот на Комисијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ. Ние немаме проблеми ни со ова работа, но тоа е само уште една причина за да биде блокиран изборот на претседателот на Собранието, е тоа нема да го дозволиме. Легитимно е да се знае, дека согласно Деловник, парламентот на пленарна сесија бира претседател на Комисијата за избори и именувања и заменик претседател. Бира членови и заменици-членови. Нека ги каже ВМРО-ДПМНЕ своите аргументи зошто треба да имаат претседател на Комисијата за избори и именувања, пред целата јавност, на пленум да се дискутира за оваа работа. Ние ќе ги кажеме нашите аргументи и на крајот се знае како во демократска земја се одлучува, ќе се дигнат двата прста или ќе се притисне копчето и ќе се одлучи кој да го има претседателот на Собранието – изјави Заев (од 0.00 до 1.23 минута од видеото).

Оттука, имајќи ги предвид двете изјави се забележува недоследност во ставот на СДСМ, особено по најавата на Заев дека за изборот на претседател на Комисијата треба да се дебатира во Собранието и на тој начин ќе се одреди која партија ќе го добие претседателското место. Според последната изјава на Спасовски, пак, јасно е дека  претседателот на Комисијата е веќе определен, а во Собранието само со гласање ќе се потврди негово назначување.

Исто така, да споменеме и дека според Деловникот на Собранието, член 20, став 1, Собранието го избира претседателот на Комисијата за избори и именување.

  • Собранието на конститутивната седница, по предлог од најмалку десет пратеници, избира Комисија за прашања на изборите и именувањата.

 ИЗВОРИ:

 

Оцени: Димитар Тануров

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција