Не бил заменик-министерот Буши фатен со марихуана, туку негов роднина

Фото: Принтскрин

Буши во изјава за „Аласт М“ вели дека тоа што еден од членовите на неговото семејство е осомничен во полициската акција за откривање на дрога во Крушево, е индивидуална одговорност на осомничениот. Тој додава дека не го искористил својот авторитет и нема да го искористи за да влијае на истрагата

Буши во изјава за „Аласт М“ вели дека тоа што еден од членовите на неговото семејство е осомничен во полициската акција за откривање на дрога во Крушево, е индивидуална одговорност на осомничениот. Тој додава дека не го искористил својот авторитет и нема да го искористи за да влијае на истрагата

 

Објава на Фејасбук дезинформира дека заменик-министерот во Министерството за внатрешни работи (МВР), Назиф Буши, бил фатен со 150 килограми марихуана. Тоа не е вистина, станува збор за случај со кражба на 60 килограми марихуана, во кој е инволвиран близок роднина на Буши, а не лично тој.

Во постот, којшто е прилично вирален – има 272 реакции, 86 коментари и 83 споделувања на денот на објавувањето на оваа рецензија,  неточно се тврди:

На заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши пред два часа му е фатена 150 кила марихуана во викенд населбата Трстеник Крушевско!

За што всушност се работи?

На 19 декември во полициска акција во околината на Крушево се запленети 60 килограми марихуана. Наредниот ден – 20.12.2020 г. МВР соопшти дека во акцијата биле биле уапсени три лица – Т.С.(22) од Скопје, В.К. (35) од Албанија и Р.К. (22) од Косово, поради сомнение дека сториле кривично дело неодзволена трговија со дрога:

Поради постоење основи на сомнение дека во викенд куќа во с.Врбоец, крушевско, се наоѓа поголема количина наркотична дрога марихуана, за која постои сомнение дека е одземена од простории на правно лице од крушевско за производство на медицински канабис, со наредба од судија на претходна постапка од Основен суд Прилеп извршен е претрес во викенд куќата, при што се пронејдени и одземени шест вреќи со околу 60 килограми марихуана. При претресот било затекнато едно лице кое се дало во бегство, но за кратко време било лишено од слобода, при што е констатирано дека станува збор за Т.С.(22) од Скопје.

Исто така, со судска наредба од Основен суд-Крушево, претрес бил извршен и во изнајмени соби од сместувачки објект во Крушево, во кои престојувале лицата: В.К., Р.К., Л.С.(23) и Т.С., при што биле пронајдени и одземени масло од хашиш и марихуана. В.К. и Р.К. биле лишени од слобода.

На приведените лица, во координација со Јавен обвинител од ОЈО Прилеп, им е одредена мерка притвор, по што од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје против нив ќе биде поднесена кривична пријава, поради постоење основи на сомнение дека како организирана криминална група сториле кривично дело предвидено и казниво по член 215, ст.3 од Кривичниот законик, соопшти Сузана Прањиќ Талевска, началник на Одделение за информации од јавен карактер.

Истиот ден, 20 декември, телевизијата „Алсат М“ повикувајќи се на полициски извори, објави дека уапсеното лице  22-годишен скопјанец со иницијали Т.С., е близок роднина на заменик-министерот за внатрешни работи, Буши.

На 21 декември Буши во изјава за „Аласт М“, вели дека тоа што еден од членовите на неговото семејство е осомничен во полициската акција за откривање на дрога во Крушево е индивидуална одговорност на осомничениот. Буши додава дека не го искористил својот авторитет и нема да го искористи за да влијае на истрагата.

Одговорноста е индивидуална и секој од нас има индивидуална одговорност и мора да одговaра. Не можам да бидам одговорен за никој друг, она за што сме обврзани се нашите деца. Преземањето правни мерки против некој што има семејна врска со носители на јавни функции само докажува дека правдата функционира и пред правдата сите ќе се појават, вели Буши.

Тој бара од властите да го испитаат и неговото лично обезбедување, кој е брат на првоосомничениот во полициската акција:

Дури и за момчето кое е мое лично обезбедување, сите мерки ќе бидат преземени ако биде вмешан, но засега нема такво нешто. Ако нешто излезе, тој исто така ќе сноси лична одговорност, додава Буши.

Така што, јасно е дека објавата што е предмет на нашата рецензија, шири невистини на Фејсбук, дека заменик-министерот во МВР бил фатен со 150 килограми марихуана. Не се работи за Буши, туку за негов роднина кого полицијата го уапси под сомнение дека украл 60 килограми марихуана заедно со уште две лица.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција