Агресивниот пензионер е снимен во итната служба на Неапол, а не на вакцинален пункт

Фото: Принтскрин видео

Видеото од објавата што ја рецензираме не е од центар за вакцинација туку од итната помош во Неапол. Како што информираат проверувачите на факти на на Factcheck.vlaanderen, самата болница пред која се случил инцидентот, воопшто не служи како вакцинален центар. Станува збор за насилен инцидент во чекалната на службата за итни случаи во Неапол, откако човекот се изморил од чекање

 

Видеото од објавата што ја рецензираме не е од центар за вакцинација туку од итната помош во Неапол. Како што информираат проверувачите на факти на на Factcheck.vlaanderen, самата болница пред која се случил инцидентот, воопшто не служи како вакцинален центар. Станува збор за насилен инцидент во чекалната на службата за итни случаи во Неапол, откако човекот се изморил од чекање

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Италија. Пензионер после пелцање, дознал за штетните ефекти од “вакцини” се враќа назад на пунктот и трас бум трас.

На видеото во објавата се гледа вознемирен агресивен човек, пред медицинска установа (во позадина се гледа амбулантно возило) кој удира по вратата со нозете и е видно незадоволен.

Меѓутоа, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, овој агресивен пристап нема никаква поврзаност со вакцинацијата и нејзините наводни штетни ефекти за кои овој пензионер дознал.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Factcheck.vlaanderen, снимката од повозрасниот човек кој удира во вратата од италијанската болница не е поради вакцинација или поради негативните ефекти од вакцината за кои дознал. Нема никакви индикации дека човекот станал лут поради вакцината. Во првите објави кога се има појавено видеоматеријалот на социјалните мрежи, вакцината воопшто не се споменува.

Дополнително, како што велат од Factcheck.vlaanderen, болницата која е претставена на видеото не е центар за вакцинација. Во реалноста, станува збор за насилен инцидент во чекалната на службата за итни случаи во Неапол, откако човекот се изморил од чекање. Ниту мажот, ниту случајните минувачи на видеото не кажуваат ништо за вакцина. Од текстот што го гледаме испишан на зградата на видеото, можеме да заклучиме дека се работи за итна служба (‘Pronto Soccorso’) на болничка единица (‘Presidio Ospedaliero’) во областа Неапол-Јужна 3 (‘ASL Napoli 3 Sud ‘). „ASL“ значи „Azienda Sanitaria Locale“, локални здравствени власти на Италија.

Локалните медиуми, исто така, имаат известено за овој настан.

Организацијата Nessuno tocchi Ippocrate, која се бори против насилството врз здравствените работници, го објави видеото на нивната Фејсбук страница. Од првите фотографии што ги објави организацијата се гледа дека мажот прво направил штета во чекалната внатре пред да излезе надвор. Исто така, тој го нападнал и персоналот пред да почне да удира по влезната врата од итната помош надвор.

Според Factcheck.vlaanderen, станува збор за пациент кој седел во просторот за чекање и бил фрустриран и изнервиран од чекањето. На крајот бил уапсен.

Синдикатите на ASL Napoli 3 Sud напишаа заедничко писмо како одговор. Според нив, насилните инциденти стануваат се почести во болницата Торе дел Греко и другите болници во областа. Се наведуваат различни причини за инцидентите, како недостиг на персонал и топлотни бранови, но вакцинацијата не е една од нив. На официјалната веб-страница на ASL Napoli 3 Sud, болницата во Торе дел Греко не е вклучена во списокот со места за вакцинација против ковид-19. Во Торе дел Греко, вакцинациите против ковид-19 се обезбедуваат во поранешното сиропиталиште SS Trinità. Овој центар за вакцини е на 2 километри од болницата што ја гледаме на видеото.

Поради сите горенаведени факти објавата ја оценуваме како невистинита. Погрешно се наведува дека на видеото причината за агресивноста на мажот е тоа што дознал за негативните ефекти од вакцинацијата.

 

Овој напис е дел од заеднички проект на над 50 организации под водство на Европската мрежа за стандари при проверката на факти за справување со дезинформациите околу европските избори во 2024 година. Повеќе можете да дознаете на elections24.efcsn.com

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција