АНАЛИЗА: Увид во ребалансот на Буџетот, помалку трансфери за невладините, кратења за комунални услуги
Кај сите ресори и институции се предвидени повисоки буџети за плати, придонеси и надоместоци, но од друга страна има кратења
Милионски суми од капиталните расходи се скратени за да се обезбедат пари за повисоки плати. Кај сите ресори и институции се предвидени повисоки буџети за плати, придонеси и надоместоци, но од друга страна има кратења, пишува Порталб.мк.
Финансиски поместувања во министерствата
За Министерството за политички систем се предвидува намалување на средствата за патни и дневни трошоци, позначајно намалување за 81.000 евра има за комунални услуги, греење, транспорт, намалување има и за скоро 200.000 евра има за основни плати и за придонеси кај потпрограмите Соодветна и правична застапеност. Од друга страна, повеќе пари ќе има за основни плати, придонеси и надоместоци за администрација во висина од 31.600 евра.
Поголем број прераспределби има во Министерството за одбрана, па така во однос на сегашните планирани средства намалување за 162.000 евра има за комунални услуги, за патни и дневни трошоци се предвидуваат 32.500 евра помалку, додека сумата за договорни услуги се намалува за 308.000 евра. По овие основи има намалување на расходите и во Армијата. Позначајно намалување има кај ставката Интеграција во НАТО – купување на опрема и машини за дури 24.600.000 евра. Сумата за плати, придонеси и надоместоци се зголемува за 350.000 евра, а платите се зголемуваат и во АРМ, за меѓународни мисии, договорни услуги во армијата.
Министерството за образование ќе добие дополнителни скоро 220.000 евра за плати, придонеси и надоместоци за вработените. Се зголемуваат платите и сумата за договорни услуги во Националниот совет за високо образование, како и во останатите институции кои се под надлежност на овој ресор. Дополнителни милионски суми ќе има за основно и средно образование. И државните универзитети ќе добијат повеќе пари за плати, за патни и дневни расходи, за комунални услуги.
Во Министерството за внатрешни работи се кратат трошоците за капитални расходи преку ставката Реформи во полицијата за капитални расходи има намалување за дури 2.500.000 евра, за реконструкција и опремување на згради ќе има 1.000.000 помалку. Дополнителни 110.000 евра ќе има за плати и придонеси за администрацијата, за 1.300.000 евра се зголемува ставката за плати и придонеси за полицијата, додека за 1.900.000 се зголемува сумата за надоместоци. Се предвидуваат дополнителни 600.000 евра за купување на возила, додека за купување на опрема и машини кај ставката Реформи во полицијата има зголемување за 2.900.000 евра.
Со ребалансираниот Буџет, Министерството за правда ќе добие 34.000 евра помалку за основни плати во административниот дел, а капиталните расходи се намалуваат за 30.800 евра, трансферите до невладините организации за дури 102.000 евра. Од друга страна, за 32.400 евра се зголемуваат средствата за надоместоци, за 27.000 евра за купување опрема и машини, а има и скоро 27.000 евра за новиот Национален совет за медијација.
Во Министерството за надворешни работи за 81.000 евра се намалуваат средствата за комунални услуги, а намалување од скоро 200.000 евра има за основни плати кај ставката за дипломатски и конзуларни претставништва, а за исто толку се намалуваат и капиталните расходи. Во МНР се кратат 324.000 евра за други тековни расходи поврзани со Претседавање на РСМ со ОБСЕ. Од друга страна, за плати, надоместоци, придонеси сумата е зголемена за 183.300 евра, а за градежни објекти за скоро 200.000 евра.
Поголеми прераспределби има во Министерството за финансии, има кратење и зголемување кај ставката за основни плати и придонеси, кратење има за набавка на материјали, за греење, транспорт, договорни услуги. Нивелација на плати има и во секторите и телата кои се под надлежност на овој ресор. За скоро 50.000 евра се намалуваат парите за патни и дневни трошоци во Управата за финансиско разузнавање каде има и кратење и за комунални и за договорни услуги.
Во Министерството за економија и во телата кои се под негова ингеренција направени се низа на буџетски прераспределби – 50.000 евра помалку за комунални услуги, а за капитални расходи за 46.000 евра. Ставките “субвенции за приватни претпријатија“ се кратат за дури 470.000 евра, а намалување има и кај платите за економска дипломатија, договорни услуги. За дури 810.000 евра се намалуваат и средствата за “разни трансфери“ кај ставката “Развој на енергетика“. За 47.000 евра се зголемуваат надоместоците и патните и дневни трошоци во административниот дел. Повисоки плати и повеќе пари за патни дневни трошоци ќе има за вработените во Геолошкиот завод, Агенцијата за поддршка на претприемништво, Институтот за стандардизација и други.
Министерството за транспорт и врски кое располага со еден од поголемите годишни буџети со ребалансот има неколку измени, но со големи износи. Позначајно се крати кај ставките: разни трансфери за 567.000 евра, за 924.000 евра кај капитални расходи (урбанизам) и скоро 500.000 евра за вложувања во нефинансиски средства. Од друга страна, ќе има скоро 70.000 евра повеќе за плати, придонеси и надоместоци. За капитални субвенции за претпријатија и невладини организации, преку повеќе ставки, сумата се зголемува за 1.250.000 евра.
Со Ребалансот на Буџетот се предлага кратење на околу 300.000.000 евра од капиталните расходи за да се обезбеди зголемување на платите.
Опозицијата оцени дека вака предложениот Буџет навестува парламентарни избори.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар