Азов не држел цивили како заложници во Азовстал

Фото: Принтскрин видео

Од сведоштва на цивилите коишто биле во Азовстал во текот на бомбардирањето во Мариупол, евидентно е дека тие таму дошле сами, на сопствена слободна волја и пред сè, поради нужност, сметајќи го тоа место за најбезбедна опција во текот на руското бомбардирање. Така што, во постот што го рецензираме невистинито се тврди дека Азов ги држел цивилите како заложници

Од сведоштва на цивилите коишто биле во Азовстал во текот на бомбардирањето во Мариупол, евидентно е дека тие таму дошле сами, на сопствена слободна волја и, пред сè, поради нужност, сметајќи го тоа место за најбезбедна опција во текот на руското бомбардирање. Така што, во постот што го рецензираме невистинито се тврди дека Азов ги држел цивилите како заложници

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Сите забораваат дека Азов зема стотици цивилни заложници и ги користеше како жив штит во утробата на бункерот Азовстал.

Како што пишува Гласот на Америка на 21 мај 2022 година, руското министерство за одбрана објави дека 2.439 украински војници од Азовстал се предале.

Според властите на Украина, борците од Азовстал, кои издржаа таму во времетраење од три месеци заедно со цивили кои бараа безбедност во подземните тунели на Азовстал, доаѓаат од различни воени и полициски единици.

Таму беше Азовскиот полк, кој е дел од Националната гарда на Украина, 36-та специјална бригада на украинската морнарица и 12-та бригада од Националната гарда. Гранични стражари, полицајци и територијални екипи за одбрана, формирани непосредно пред војната, ги дополнија своите редови

Најголемиот дел од овие сили беа испратени да го бранат Мариупол на почетокот од руската воена инвазија. Тие се релоцираа во Азовстал за да му се придружат на Азов, единица на националната гарда со корени во крајната десница и некои од нив беа фатени од Русите. Стотици украински цивили се засолнија под земја заедно со војниците. Неколку видеоматеријали покажаа дека војниците имаат интеракција со цивилите, а некои војници на снимките им даваат слатки на децата.

До 7 мај 2022 година, кога последните цивили беа евакуирани, стотици жители на Мариупол, жени, деца и постари луѓе, исто така, се криеја во бункерите под фабриката за челик.

Андреј Водовозов, 31 годишен електричар во Азовстал, завршил во бункерот под фабриката за челик на 24 февруари 2022 г., денот кога почнала војната. Утрото вообичаено отишол на работа, ама си ги земал со себе и жената, двегодишната ќерка и кучето. Тој ден веќе се слушале истрели во Мариупол и Водовозов решил дека неговото семејство ќе биде побезбедно во ова засолниште под фабриката. Во тој момент си помислил дека ќе поседат таму најдолго една недела и не ни претпоставувал дека конфликтот ќе трае толку долго.

Азовстал е голем металуршки објект со површина од 11 квадратни километри, што е една петнаесеттина од целата територија на Мариупол. Директорот на Азовстал,  Енвр Тскитшвили, вели дека пред војната таму работеле 11 илјади работници.

Систем на засолништа од бомби, цел „град под земја“ останал под Азовстал од советско време. До 2014 година кога почна конфликтот во Донбас, на никого не му паѓало напамет дека овие засолништа би биле повторно корисни. Но, работниците истражувале во архивите и виделе дека има 36 засолништа за 12 илјади луѓе и пет од овие бункери, според директорот , се толку силни што би можеле да издржат нуклеарен напад.

Исто така, покрај бункерите, има и тунели 8 метри под земја, кои се толку долги што се протегаат од едниот до другиот крај на Азовстал. Тие биле исчистени и во нив имало храна и вода подготвени една недела пред Русија да ја нападне Украина. Овие тунели сами по себе не се засолништа, ама нивната длабочина им дозволува да спасат луѓе.

По руската инвазија имавме соопштение, повик дека сите луѓе што сакаат може да дојдат во Азовстал, ќе ги храниме и ќе ги штитиме,вели директорот на Азовстал.

Според него, на почетокот на војната, вработени во Азовстал со автомобили оделе по куќите и ги превезувале цивилите до бункерите. Фабриката била погодна не само за засолниште на цивилите, туку и за војската на Украина. Веќе во првите денови од војната таму имало 3 илјади војници.

На крајот на март (2022) кога жестоки битки за Мариупол се водеа подолго од еден месец и градот беше речиси целосно разурнат, властите на тнр. про-руска Доњецка Народна Република рекоа дека последниот бастион на отпор за украинската војска е Азовстал.

На 18 април (2022) авиони на руската армија почнале да го бомбардираат Азовстал, а во руските медиуми било објавувано дека внатре нема цивили.

Во март и април, цивилите оделе до дома за да донесат храна, според сведоштва на цивилите коишто биле во бункерите. Организираната евакуација на цивилите од Азовстал не почна пред 30 април, два дена откако украинскиот претседател, Володимир Зеленски се сретна со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутиерез и рече дека е спремен веднаш да преговара за спас на луѓето во Азовстал, ама е потребна согласност од Русија. Цивилите беа отстранети од фабриката со медијација на ОН и Црвениот Крст. Некои од луѓето беа однесени на територијата на Запорожје.

Цивилите беа евакуирани од Азовстал од 30 април до 7 мај 2022 година. За време на тие денови и покрај тоа што цивилите останаа во бункерите под фабриката, имаше борби на територијата на Азовстал. И двете страни се обвинуваа една со друга за попречување на евакуацијата. На 3 мај Азов извести дека Русија ја бомбардирала фабриката и две жени биле убиени во бомбардирањето.

Од сведоштвата на цивилите коишто биле во Азовстал во текот на бомбардирањето во Мариупол, евидентно е дека тие таму дошле сами, по сопствена слободна волја и, пред сè, поради нужност и сметајќи го тоа место за најбезбедна опција во текот на руското бомбардирање. Така што, во постот што го рецензираме невистинито се тврди дека Азов ги држел цивилите како заложници.

Како што пишуваат и проверувачите на факти на Полиграф, тоа дека Азов ги држел цивилите против нивна волја не е точно. Азов, пишува Полиграф, ги опиша цивилите во катакомбите како нивни сопруги, деца и родители, кажувајќи дека тие одлучиле да останат со трупите за да избегнат можно насилство или смрт во рацете на руската војска или депортација во Русија.

Видео, чија веродостојност, како што пишува Полиграф , ја потврди Ројтерс, покажува војник на Азов како им помага на цивилите да излезат надвор низ урнатините предизвикани од руското бомбардирање.

Цитирајќи еден спасен цивил, Наталија Усманова, Ројтерс на 1 мај 2022 г. извести дека руските бомби биле толку жестоки што луѓето во Азовстал биле преплашени дека бункерите нема да издржат.

Не видовме сонце толку долго,  рекла Усманова за Ројтерс, потсетувајќи на недостатокот на свеж воздух, храна и вода.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 


 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција