Бајден не гради подземен бункер во домот во Делавер, туку потпорен ѕид

Фото: Принтскрин видео

Објавата манипулира со документ, според кој претседателот на САД,  Бајден добил дозвола да гради потпорен ѕид во својот дом во државата Делавер, а не како што лажно се тврди, некаков „подземен бункер во својот дом во Денвер“. Марк Закерберг, сопственикот на МЕТА, гради подземен бункер во Хаваи во склоп на голем комплекс, меѓутоа државата ги охрабрува локалните резиденти да го прават тоа, поради урагани, па дури и им дава даночно ослободување. Во објавата се крои теорија на заговор за „длабоката држава“ и наводен план за убивање на светското население, иако факти кои говорат дека светското население расте и ќе продолжи да расте, со проекција да достигне 10.4 милијарди луѓе до 2080 година. Не постои ниту масовен план за депопулација преку 5Г мрежата, бидејќи таа не е опасна, ниту пак, постои големо масовно труење од небото

Објавата манипулира со документ, според кој претседателот на САД,  Бајден добил дозвола да гради потпорен ѕид во својот дом во државата Делавер, а не како што лажно се тврди, некаков „подземен бункер во својот дом во Денвер“. Марк Закерберг, сопственикот на МЕТА, гради подземен бункер во Хаваи во склоп на голем комплекс, меѓутоа државата ги охрабрува локалните резиденти да го прават тоа поради урагани, па дури и им дава даночно ослободување. Во објавата се крои теорија на заговор за „длабоката држава“ и наводен план за убивање на светското население, иако факти кои говорат дека светското население расте и ќе продолжи да расте, со проекција да достигне 10.4 милијарди луѓе до 2080 година. Не постои ниту масовен план за депопулација преку 5Г мрежата, бидејќи таа не е опасна, ниту пак, постои големо масовно труење од небото

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ужас. Сатанистите од длабоката држава се спремаат да се сокријат подолг период од големиот злостор што планираат да го сторат за уништување на масовен број на жители во светот, со активирање на 5Г мрежата на соодветни фреквенции, големо масовно труење на небото или пак иницирање и почнување на нуклеарна војна.

Потоа се презентира видеоматеријал во кој машки глас вели:

Пред 2 недели добивме вест дека Џо Бајден прави подземен бункер во својот дом во Денвер. Името на тој проект е државна тајна (топ сикрет) и не можам да го објавам тој документ зашто Тик Ток веднаш ќе го забрани ова видео. Марк Закерберг и уште 14 милијардери почнаа да градат подземни бункери. Што знаат тие, а ние не, па ги градат тие подземни бункери сега. И сите ќе се готови во 2024 година. Цивилните немири во Америка и третата светска војна сè уште две активни теми. Инаку, проектот кој го работи сопственикот на Фејсбук чини 200 милиони долари, со подземни гаражи, вода за снабдување и храна на лагер. Што знаат милионерите дека ќе се случи, па се скриваат под земја? Прашање кое во скоро време ќе се покаже.

Прво, претседателот на САД, Џо Бајден, воопшто нема дом во Денвер, туку во Делавер. Лажни информации дека тој ќе градел подземен бункер, најнапред се појавија на американски Инстаграм профил под името Дом Лукре. Во објавата на Дом Лукре беше презентиран документ од дозвола за градба во Делавер. Објавата наскоро стана вирална, па на социјалните мрежи почнаа да се плетат теории на заговор, како и во објавата што ја рецензираме, дека наводно Бајден гради подземен бункер без знаење на јавноста. Истата објава профилот Дом Лукре ја пласирал и на Твитер, ама според стандардите на заедницата, веднаш била додадена порака под објавата, во којашто се појаснува дека документот не бил за градење подземен бункер.

Пребарувањето на парцелата покажува дека оваа дозвола е за градење на потпорен ѕид кој може да биде под земја или над земја, или комбинација од двете, зависно од потребата. Нема докази дека дозволата е за подземен бункер, пишува во објавата под Твитот на Дом Лукре, во која Твитер заедницата додава контекст на изнесеното.

И на Инстаграм тој самиот кажува дека изворот не му е документот кој се презентира, туку дека „сведоци околу имотот му кажале дека тие веруваат дека Бајден гради подземен бункер”.

ЕКСКЛУЗИВНО Џо Бајден доби дозвола да гради потпорен ѕид. Сведоците околу имотот тврдат дека тие веруваат оти гради подземен бункер. Уште ги истражувам овие обвинувања, но проекцијата може да се најде преку сајтот New Castle Deleware gov. Бајден го добил финалното одобрение во август и наводно почнал веднаш да го гради својот таен проект, пишува во објавата. 

Ова е шпекулативен, несериозен, недокажан и конспиративен наратив. Дозволата за градба покажува децидно дека се гради потпорен ѕид и тоа не во Денвер, како што се вели во објавата што ја рецензираме, туку во Делавер.

Дом Лукре е политички коментатор познат по својот став кој е против Бајден. Дозволата, како што пишуваат странски медиуми, била за потпорен ѕид во округот Њу Кесл, во Делавер. Таа била за имот на Бајден и со датум од 31 август 2023.

Инаку, повеќе светски медиуми меѓу кои и Вајрд деновиве известуваат дека Марк Закерберг гради здание на Хаваи (на островот Кауаи) вредно 100 милиони долари со план за голем подземен бункер.

Како што пишува Вајрд, тие добиле бројни документи преку слободен пристап до информации од јавен карактер, кои го покажуваат проектот на Закерберг. Инаку, сите вработени на изградбата мора да потпишат договор за тајност, односно да се обврзат дека нема да зборуваат за него, а неколкумина што објавиле фотографии од изградбата, според текстот на Вајрд, биле отпуштени.

Закерберг го купил земјиштето во серија зделки од 2014 година до денес, зданието го носи името Кулау Ранч, предвидува подземно скривалиште, сопствени извори на вода и струја и врата отпорна на експлозии. Малку е познато за оваа градба, со оглед на тоа што изградбата се држи во строга тајност. Зданието според Вајрд има повеќе од 12 градби со вкупно 30 спални, а во средината има две вили со големина на професионално фудбалско игралиште, со многу лифтови, канцеларии, конференциски сали и индустриска кујна.

Во одговор на прашањата на ТАЈМ магазинот за тоа која е намената на бункерот, Бренди Хофин Бар, портпаролка на Марк Закерберг изјави дека општината Кауаи ги охрабрува сопствениците на домови да градат засолништа.

Општината почнала да ги охрабрува сопствениците да ги градат овие засолништа уште пред две децении, на начин што уште тогаш почнала да им нуди ослободување од данок ако изградат безбедносни соби отпорни на ураган.

Марк и Присила го ценат времето што нивното семејство го поминува на ранчот Кауаи и во локалната заедница и тие се посветени да ја зачуваат природната убавина на ранчот, изјави портпаролката на Закерберг за ТАЈМ магазинот и додаде дека проектот се развива на мал дел од земјиштето, оставајќи на другиот дел да има градинарство, сточарство, отворени простори и зачувување на флората и фауната.

Тоа што во домот на Закерберг во Хаваи ќе има подземен бункер, не значи дека се спремаат катастрофи, трета светска војна, ниту пак, како што лажно се тврди во објавата што ја рецензираме, дека ќе се случи депопулација со активирање на 5Г мрежата, труења од небото или нуклеарна војна.

5Г мрежата не убива луѓе, не постојат труења од воздухот, а светската популација непрекинато расте и не се намалува и така се очекува да продолжи да функционира светот и во иднина. Светското население се очекува да се зголеми за речиси 2 милијарди луѓе во наредните 30 години, односно од сегашните 8 милијарди до 2050 година да порасне на 9.7 милијарди. А до 2080 година се очекува да порасне на 10.4 милијарди. Тврдењето за иницирање нуклеарна војна е сеење страв и доколку се оствари, тешко дека милионерите би имале комфорен живот, дури и ако замислиме дека имаат бункери под земјата.

Така што, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. „Сатанистите од длабоката држава“, исто така, не постојат, односно се стандарден класичен наратив и вокабулар на пропагандистите на теориите на заговор Кју Анон, кои пласираат контроверзни, контрадикторни со фактите искази, со цел да креираат паника и недоверба во владите ширум светот, претставувајќи ги како непријатели на човештвото.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција