Човечкиот живот е евтин кога царуваат дезинформациите

Фото: Палестинска информативно-новинска агенција во договор со APAimages, CC BY-SA 3.0, Википедија

Човечкиот живот е евтин во случај на војна каде прва жртва е секогаш вистината, но е уште поевтин кога царуваат дезинформациите на помоќниот во војната. Па така, иако и Израелците и Палестинците се човечки битија, цената на нивните животи е различна. На една страна 40 израелски убиени деца, на другата 5.000. Проблемот за проверувачите на факти е што израелските тврдења (и дел од оние на Палестиниците) се многу тешко или никако проверливи, дури и за оние медиуми што имаат дописници на теренот, додека страдањата од друга страна врз огромен број Палестинци, вклучувајќи ги и децата што гинат во Газа се потврдени од официјални независни извори

 

Израелците и Палестинците кои живеат судбоносни денови по нападот на Хамас на 07.10.2023 година на цивилни и воени лица надвор од појасот Газа, во кој загинаа околу 1.400 израелски државјани, а над 200 беа грабнати, сепак не се еднакви во однос на цената на човечкиот живот, а голема улога во тоа имаат и дезинформациите, особено кога се лиферуваат намерно.

Два дена по нападот израелски официјални лица, како што пренесоа домашните и светските медиуми, соопштија дека нашле 40 деца и бебиња од кои некои биле живи запалени, некои обезглавени, а на некои им било пукано во глава.

Но, оваа информација (посебно за обезглавувањето на 40 деца и бебиња), за која ни до ден денешен нема уверлив доказ, а беше проблематизирана веќе ден-два откако беше објавена, таков текст беше објавен и од еден домашен медиум, предизвика бран омраза и криминал од омраза откако и американскиот претседател Џо Бајден во првиот момент ја потврди, а потоа неговите служби се правдаа дека изјавата ја дал врз основа на новинарски извештаи (во САД беше крвнички избодено дете со американско државјанство од палестинско потекло пред очите на мајката).

Инаку, дека во нападот на Хамас на 7. октомври се извршени злосторства, во тоа нема никакво сомневање. Израел дозволи пристап до локациите каде што форензичките патолози работат на идентификување на останките од починатите (напомена: линкот води до вознемирувачки фотографии) и се соочуваат со грозоморни слики. Многу од останките се запалени, а некои од изгорените тела се без глави. Но, патолозите, кои работат на идентификација на останките, често не можат да утврдат што се точно се случило, односно дали обезглавувањето настанало додека жртвата била жива или постхумно, или дали настанало со нож или како последица од експлозија со ракетен фрлач. Според форензичките патолози, се смета дека останките на околу 200 жртви нема да можат да бидат идентификувани заради неможноста да се најде ДНК.

Наспроти ова, од почетокот на бомбардирањето на Израелската армија на Газа, каде што страдаат огромен број цивили, каде што многу често не важат правилата на меѓународното воено и хуманитарно право, каде што болниците и училиштата, како и шелтер центрите на ООН се легитимна воена цел,  до 13.10.2023 г. загинаа околу 5.000 илјади палестински деца, а вкупниот број на жртви изнесува околу 9-10 илјади. Само во Газа. Притоа, оправдувањето за бомбардирањето на болниците од страна на Израел, кое гласи – команден центар на Хамас, или штаб на некоја единица на Хамас, знае да биде и повлечено, како што тоа беше сторено на 14-ти октомври со информацијата од ден претходно. Но без оглед на тоа, ноќта меѓу 14 и 15 ноември израелски сили поддржани од тенкови влегоа во западното крило на најголемата болница.

Известувачите на Би-Би-Си, кои секогаш гледаат веста да биде избалансирана, уште ден претходно јавуваа со наслови дека главната болница наликува на масовна гробница…

И додека во Европа и САД растат пропалестинските демонстрации, а САД уште на 10 ноември во Њу Делхи преку Ентони Блинкен оцени дека „премногу Палестинци загинаа“ , лудилото не престанува. Американскиот претседател Бајден, знаејќи ги плановите на Израелците, без оглед на поддршката, предупреди дека „болниците во Газа мора да бидат заштитени“.  Дури и канадскиот премиер Џастин Трудо, чија земја е еден од најголемите подржувачи на Израел и на неговото право да се брани изјави дека „убивањето на жени деца и бебиња“ во Газа мора да престане.

Ја повикувам владата на Израел да покаже максимална воздржаност. Светот гледа, на телевизија, на социјалните мрежи – ги слушаме сведочењата на лекарите, членови на семејства, преживеаните, децата кои ги загубија своите родители, рече Трудо.

Светот е сведок на ова убиство на жени, деца, бебиња. Тоа мора да престане, додаде тој на прес-конференција.

Трудо изрично бара убивањето да престане. Но, потребно е да запрат и дезинформациите. Зашто само и онаа невина жртва – дете во Чикаго е доказ колку може да бидат штетни дезинформациите или нецелосните информации, како и за одговорноста на политиката и на другите креатори на јавното мислење кога станува збор за војни, национални судири, итн.

***

„Вистиномер“ ќе се справува со оние дезинформации за кои може да се најде потврда, вклучувајќи ги, се разбира, и оние кои доаѓаат од официјален Израел. Зашто таквите се елемент на информациската војна со кој се покрива убиството на луѓе, уште пострашно на деца. Четириесетина израелски и околу 5.000 палестински, според независни извори. Или како што потврди  првиот човек на СЗО Тедрос Аданом Гебресиус на седницата на Советот за безбедност на ОН, на секои 10 минути во Газа гине по едно дете! Што е директна потврда за евтиниот живот на луѓето, посебно на невините цивили, но и доказ дека некои животи се поевтини од другите.

И затоа, ова лудило кое се одразува на цивилите и врз децата мора да престане. Одговорноста ја имаат двете страни, но во моментов таа е поголема на оној кој што е помоќен, без оглед на неговото неспорно право да се брани и да се справува со тероризмот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција