Дали ДС го пере образот со неговиот законски прелог за СЈО?
Демократскиот сојуз (ДС), предводен од пратеникот Павле Трајанов, на 3 март 2016 година во јавноста излезе со слединот став:
Сите граѓани и државни институции мораат да соработуваат со Специјалното јавно обвинителство, доколку сакаме да се надмине политичката криза и утврди одговорноста за креаторите на кризата, како и за тие кои го кршат Уставот и ги блокираат институциите за да се попречи разоткривањето на криминалот и кршењето на човековите права.
Криминалот не е вредносна категорија туку зло кое ги разорува институциите и со кое мораме да се справиме на ефикасен начин.
[Извор: А1Он, Датум, 03.03.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Претседателот на Демократски Сојуз и пратеник во Собранието со своето неприсуство на седницата 123 на Собранието (04.10.2016), на која се гласаше за Предлог-законот за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, се покажа недоследен во однос на претходно искажаните заложби на неговата партија за поддршка на СЈО.
Изјавата (соопштението) од 3 март годинава, во која Демократскиот сојуз порача дека „сите граѓани и државни институции мора да соработуваат со специјалното јавно обвинителство за да се утврди одговорноста на креаторите на политичката криза, како и на тие кои ги блокираат институциите со намера да се спречи разоткривањето на криминалот и кршењето“, тој не ја спроведе во дело.
На 123 седница на Собранието на Република Македонија на дневен ред беа предлозите за изменување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со кој се бараше продолжување на мандатот на СЈО, како и за законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци. И двата предлога не беа прифатени.
Обвинителката Катица Јанева неколкупати побара од пратениците да се измени Законот за заштита на сведоци, за СЈО да може нормално да работи на предметите „Нешковски“, „Монструм“ и „Сопот“. Измените на Законот за заштитени сведоци предвидуваа специјалниот јавен обвинител да може да одреди статус на заштитен сведок на одредено лице. Јанева, исто така побара и продолжување на мандатот на СЈО, кој сега изнесува 18 месеци.
Иницијативата за измени на двата закона специјалната јавна обвинителка ги достави во Собранието уште во април, а на споменатата собраниска седница тие се најдоа како предлози на СДСМ. Записниците од гласањата за двата закона – за мандатот на СЈО и за дополнување на Законот за сведоци – покажуваат дека Павле Трајанов не бил присутен и не гласал.
Неговото присуство во Собранието, како дел од опозицијата и човек што повика на поддршка на СЈО, беше потребно и поради фактот што претходно и координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, најави дека ДУИ нема проблеми да ја поддржи иницијативата на Јанева и партијата би гласала за Законот за заштита на сведоци. Тоа, за Трајанов требаше да биде сигнал дека е можно предлог-законите да бидат изгласани, па тој да се потруди да дојде на седницата и со својот глас учествува во собраниската верификација на двата значајни закона.
Така што, неговото отсуство од оваа важна собраниска седница (04.10.2016) го сметаме за недоследен потег. Тоа што, пак, Трајанов на 05.10.2016 поднесе измени на законите кои ги бара Специјалното обвинителство во редовна собраниска постапка, не го менува ваквиот впечаток. Споменатите предлози за измена на законите за СЈО и за заштитени сведоци, кои ги поднесе Демократскиот сојуз делуваат како обид се испере образот.
ИЗВОРИ
- Собрание на Република Македонија – Седница бр.123 на Собрание на Р.Македонија закажана на 04.10.2016 год. во 11:00 часот. [Пристапено на 04.10.2016]
- (04.10.2016) Плусинфо – Пратениците не одобрија измени во Законот за СЈО [Пристапено на 04.10.2016]
- Собрание на Република Македонија – Да се донесе по скратена постапка, Предлог – закон за изменување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите по скратена постапка, предлог поднесен од Гру [Пристапено на 04.10.2016]
- Собрание на Република Македонија – Да се донесе по скратена постапка, Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци по скратена постапка, предлог поднесен од Група пратеници [Пристапено на 04.10.2016]
- (27.09.2016) Нова – Видео:ДУИ ќе поддржи предлог за измени на Законот за заштитени сведоци [Пристапено на 04.10.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар