Дали центрите на моќ ја презедоа улогата на ЦК?

Политичкиот ПР сѐ повеќе натежнува врз медиумите. Фото: Nuiton may, 2008
Политичкиот ПР сѐ повеќе натежнува врз медиумите. Фото: Nuiton may, 2008

 

Стана тренд новинарите не само што ќе ја прераскажат ПР информацијата, туку во емисијата, весникот или на порталот да ги покануваат и портпаролите кои ќе ја надополнат сликата. И, кој победува во оваа игра? Се разбира, политичарите.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Од сите области на комуникацијата најтешко е да се дефинираат односите со јавноста. Инстиутот за односи со јавност (The Institute of Public Relations) ја дефинира вака:

„Односите со јавност се дисциплина чија цел е да го сочува угледот, да воспоставува разбирање и подршка на мислењето и на однесувањето во јавноста. Односите со јавност се планирани активности кои даваат резултати, а посебно делуваат на воспоставување на добри односи и меѓусебно разбирање на организацијата и нејзината јавност“

Односите со јавност во суштина подразбираат управување со угледот и воспоставување на солидна комуникација помеѓу клиентите и консументите. Најголемата моќ на односите со јавност се наоѓа во образованието на јавноста, влијанието на ставовите и однесувањето и воспоставување на меѓусебно разбирање.

Добрите односи со јавноста се невидлив елемент при формирањето на брендот и околината која го препознава. Односите со јавноста се од клучно значење при брендирањето, затоа што не можаете да се потпрете само на огласувањето за да го остварите посакуваниот имиџ. Важно е информацијата да дојде до посакуваната јавност.

Вака некако тоа функционира во светот. И таму точно се прави разлика на тоа што е ПР, а што новинарски текст.

Но, дали тоа се случува и во Македонија? Или како тоа функционира кај нас? Секако дека ние сме лидери во новитети, па и спрегата на ПР-от и новинарството кај нас функционира на „малку“ поинаков начин. Кај нас новинарите, всушност, делуваат како пишувачи на адверториали.

Далеку сме од ПР-стратези, а исто толку далеку сме и од новинари. Значи, нешто хермафродитно кое барем засега нема име во светската литература, но сепак лични на адверториал само со измени и само македонски брендирани моменти.

 

ШТО Е АДВЕРТОРИАЛ

Како поим самиот збор адверториал повлекува зад себе прашања за новинарската етика и струка. Тоа е платен напис во весник, прилог на телевизија или радио (во последно време и на портал),  кој е направен и напишан со новинарски стил, а содржината промовира некоја услуга, производ, идеја или нешто што треба да биде продадено (или запаметено). Зборот адверториал е кованица од англискиот збор advertising (огласување) и од уредничкиот односно новинарскиот збор за уредување –editorial. Во правило таквите написи мора (што кај нас не е случај) да бидат видно издвоени од останатите написи и да се истакнат како платен оглас. И според законот е забрането скриено рекламирање. Иако ова е јасно, и во еден дел од медиумите се постапува така, загрижува тоа што во последно време оваа форма добива нова димензија. Односно, таа станува задолжителна новинарска форма. Секако не во сите медиуми, но најмногу се запазува во медиумите кои се согласуваат со политиката на владата.

Иако новинарството учи дека секој промотивен текст мора да биде јасно обележен како оглас, дојде време на пласман на огромно количество на непроверени информации, на кои се препуштени сиротите читатели, слушатели или гледачи. Тие, всушност, треба да ја проценат вистинитоста и да ја изберат информацијата која вреди и која им е потребна.

ПР агенциите или самите ПР служби на институциите (пред се државните/владините), кои, се разбира дека ни се неопходни, ќе си земат за право да се обидат да се мешаат во уредувачката политика и да бараат објавување на одредени информации на начин на кој што сметаат дека треба или на начин на кој што ги испратиле во редакцијата. За волја на вистината ова воопшто не е тешко во последно време.

Дури и новинарите влегоа во категоријата мрзливи бирократи кои едвај чекаат да им стигне готов текст и без да го проверат веднаш го стваат на хартија или прават прилог на телевизија. Поради тоа, а секако и поради ред други причини, новинарството секојдневно паѓа по скалилата надолу без шанси за брзо закрепнување.

 

УЛОГАТА НА УРЕДНИКОТ

Сигурно сте биле сведок на ситуација која ПР оделението на некоја фирма или на некоја политичка партија пробува во некои медиуми да ја протури својата приказна. Наивно, ќе напишат новинарски текст, но во него ќе уфрлат и податоци за фирмата или за политичката партија или нивни ставови, така што мислат дека читателите тоа нема да го забележат. Проблемот, сепак, е во тоа што ретко кој успаел, пишувајќи за себе, да не ја помине границата меѓу самореклама и новинарски текст.

Дека кај нас е измешана улогата на ПР-от и новинарот се гледа од авион. Но, се поставува прашањето кој тоа треба или може да го спречи?

Секако дека ова најмногу зависи од главниот уредник, односно од сопственикот на медиумот, кој секогаш може или воопшто да не ја објави информацијата доколку смета дека е небитна, или, пак, да даде свој коментар.

Сепак, тоа многу ретко се случува. Причини има повеќе:

  • Страв
  • Финасиска моќ
  • Компензација
  • Закана

Независното новинарство и како тоа ќе дејствува во една земја е различно насекаде. Постојат големи разлики колку е новинарството слободно, но и колку јавноста е подготвена да плати за добро новинарство. Во западните демократии најголем проблем е тоа што постојат малку луѓе кои се подготвени да платат за добро новинарство. Сето тоа ја отежнува задачата на новинарите да ја контролираат власта. Поради тоа се нарушува и етиката во новинарството која се чини дека одамна изгубила смисла.  Иако за неа постојат точно одредени дефиниции, таа, сепак, се почитува од малку медиуми и новинари. Значи малку медиуми прават разлика што е ПР, а што новинарски текст или прилог.

 

ВРЕМЕ НА ОДЛУКА

Како да се избегне оваа ситуација и да се вратиме на корените, на изворното новинарство. За да се случи сето тоа потребно е:

  1. Да се прекине со манипулација на вестите. Власта се обидува да манипулира со медиумите. Методите за манипулација се суптилни и ги има многу. Иако најчесто манипулацијата кај нас е доброволна, не е исклучено таа во некои медиуми да биде и присилна. И, секако, мора да дозволимде да кажеме дека оние кои се изманипулирани не се секогаш свесни за тоа.
  2. Вистина. Клучно е да се пишува вистината и само вистината. Разбирливо е дека во новинарството вистината може да биде флексибилна, но новинарите треба да се потрудат барем да ја доловат реалноста на највисоко скалило. Тоа значи дека кога јавноста ќе почне да им верува на новинарите и нема за нив да зборува против на разни дебати целта е постигната.
  3. Јавен интерес. Да се разграничи што навистина е јавен интерес. Сѐ почесто во последно време новинарите се соочуваат со проблемот одредени информации да не можат да ги добијат. Тука зборуваме за оние информации кои се од јавен интерес, а не за државни тајни. Најтазе пример е легитимното прашање каде летува премиерот Никола Груевски. Тоа прашање под притисок доби одговор, но не на начин на кој што треба – преку официјално соопштение.
  4. Приватност. И новинарите треба да направат граница каде почнува, а каде завршува приватноста на јавните личности. Непристојните детали од животот на јавните личности може да биде најчитана вест, но, сепак, колку и да е информацијата точна, тие имаат свои права.
  5. И секако: Вкус. Има информации кои можат да ја шокираат чувствителноста на публиката. Колку далеку може да оди една приказна поради чувствителноста на публиката со цел коректно и целосно изнесување на вистината? Затоа треба добро да се помисли, најмногу од страна на уредништвото, пред да се објават информации кои се со лош вкус.

 

ДО КАДЕ ДОЈДОВМЕ?

Во каква и каша-попара од новинарство да се наоѓаме, сепак, оваа ситуација мора да се реши. Но, мора да се каже дека откако ПР стратегијата на политичките партии влезе во редакциските/новинарските текстови и прилози, професионализмот во новинарството почна да страда. Поради приликите во Македонија тоа можеби е така повеќе отколку во поразвиените демократии, но фактот е тој: наметнатиот ПР го загадува новинарството. Притоа,  тука се мисли на ПР-от на политичките партии, затоа што оној другиот ПР на компаниите и институциите, тоа е веќе нужно зло.

ПР-от на политичките партии стана вирус, кој е многу поинфективен дури и од Еболата и поштетен на подолг рок.

ПР стана црна книга на новинарот и, се разбира, машина за хранење на незапирливата, ненаситна за приказни или ексклузивни стории јавност.

Стана тренд новинарите не само што ќе ја прераскажат ПР информацијата, туку во емисијата, весникот или на порталот да ги покануваат и портпаролите кои ќе ја надополнат сликата. И, кој победува во оваа игра? Се разбира, политичарите.

Но, тоа може и треба да се смени. Потребно е само поголема гласност, што од јавноста, што од новинарите. Зашто, сепак, без јавност новинарот не постои.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција