ДЕБАТА: Српските таблоиди и дезинформациите најголем проблем за новинарите од Западен Балкан

Фото: Мета.мк

Црна Гора, Македонија, Србија, БиХ ги претставија клучните проблеми во медиумската сфера и впечатокот е дека речиси сите се соочуваат со слични или идентични проблеми – таблоидното новинарство, недоволната регулација на онлајн медиумите и штетата што ја предизвикуваат дезинформациите беа посочени како клучни проблеми од речиси сите држави

 

Говорот на омраза, таблоидното и клик бејт новинарство, личните податоци и етиката во новинарството се само дел од темите на кои два дена се дебатира на регионалниот состанок на саморегулаторните тела од Југоисточна Европа што се одржува во Белград. Новинари, медиумски работници, професори, експерти и членови на саморегулаторните тела дискутираат и наоѓаат решенија за клучните проблеми кои од локални стануваат глобални.

Црна Гора, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина ги претставија клучните проблеми во медиумската сфера и впечатокот е дека речиси сите се соочуваат со слични или идентични проблеми – таблоидното новинарство, недоволната регулација на онлајн медиумите и штетата што ја предизвикуваат дезинформациите беа посочени како клучни проблеми од речиси сите држави, нешто што го нотираше и шефот на мисијата на ОБСЕ во Белград, Јан Брату.

Јан Брату, шеф на мисијата на ОБСЕ во Србија / Фото: Мета.мк

„Масовното насилство, говорот на омраза, кршењето на правото за лични податоци, сето ова се важни вредности и тие треба да нè водат, да го ојачаме и заштитиме новинарството од дезинформации и од клик бејт новинарство. Видете ги таблоидите во Велика Британија, точно е дека тие известуваат посензационалистички, но и понатаму го почитуваат етичкиот кодекс. Значи, тоа е возможно. Во Белград имаме по 663 претставки месечно за говор на омраза во медиумите. Позитивна работа е што во Законот за јавно информирање сега е вметната и саморегулацијата, нешто што само неколку држави го имаат направено и ние ќе ја следиме неговата имплементација“, рече Брату.

Жељко Бодрожиќ, претседател на Управниот одбор на Советот за печат од Белград го посочува таблоидното новинарство како еден од најгорливите проблеми. Тој таблоидните медиуми ги нарекува „мутанти“ кои се развиваат на просторот во Србија.

„Ни се случува дивеење на таблоидите во Србија и таа симбиоза со властите е нешто досега невидено. Да не споменуваме што ќе се случува сега со изборната кампања, иако ние веќе 10 години сме во некаква кампања. Останува само да се надеваме дека ќе се почитува новиот закон, бидејќи неспорен факт е дека големи пари се влеваат за лаги и пропаганда во српските медиуми“, изјави тој.

Со овој став се согласува Ранко Вујовиќ од Медиумски совет за саморегулација од Подгорица, Црна Гора, кој вели дека државата е прилично затрупана со говор на омраза и дезинформации, од кои голем дел влегуваат токму од Србија.

„Сепак, најголемиот дел дезинформации и говор на омраза произлегуваат од онлајн медиумите и од социјалните мрежи“, вели Вујовиќ.

Сандра Гојковиќ Арбутина / Фото: Мета.мк

Сандра Гојковиќ Арбутина од Советот за печат и онлајн медиуми, Сараево, БиХ, сведочи дека има премногу портали кои не се регистрирани во државата и кои немаат импресум и на кои буквално не им се знаеме сопствеништвото. Таа вели дека од 600 веб-портали, 280 немаат импресум во БиХ.

„Таквите медиуми можат да објават буквално било што и да одговораат за тоа“, рече таа.

Со два големи проблема се соочува БиХ во моментов во односот на новинарската фела. Првата е дека навредата и клеветата беа декриминирализирани, а пред извесно време биле вратени во Кривичниот законик како кривични дела. Досега, како што соопшти таа, има 20 кривични пријави против новинари и сега е неизвесно дали тие ќе се процесираат пред кривичните или пак пред граѓанските судови.

„Со ова, јас сум сигурна дека од истражувачкото новинарство ќе се откажат голем број медиуми“, вели таа.

ПОЧНА ЛОВОТ НА НОВИНАРИ: ДОДИК СО АКТ КЛЕВЕТАТА ЈА ПРОГЛАСИ ЗА НОВО КРИВИЧНО ДЕЛО

Вториот предизвик се однесува на невладините и граѓанските организации, вклучително и медиуми кои се финансираат од странски донатори или пак добиваат донации од амбасади. Сите тие, со новиот закон во Република Српска би биле обележани како „агенти за странски влијанија“.

„Буквално добивме пакет закони кои нè враќаат години и години назад“, смета Гојковиќ Арбутина.

Настанот на кој дебатираат околу 20 претставници на седум саморегулаторни тела, како и над 20 локални уредници, академици и различни медиумски експерти од Западниот Балкан продолжува и утре, каде што ќе се дискутира за развојот за вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз медиумите, како и за заштитата на приватноста во новинарската етика.

(Мета.мк)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција