Експресниот пат Велес-Штип сè уште не е готов

Пробиен рокот за завршување на експресниот пат. Фото: Скриншот

Вкупната должина на овој пат (Велес – Штип, до Кадрифаково н.з.) е 24,3 км. Реализацијата на овој проект се изведува во три фази од кои првата фаза, односно рехабилитацијата на делницата клучка Велес (трета лента)–Лозово–Сарамзалино во должина од 6,3 км е веќе завршена.

Втората фаза од проектот е рехабилитација и проширување на делницата Велешка депонија–Лозово која е во должина од 8,9 км, третата фаза опфаќа рехабилитација и проширување на делницата Лозово–Сарамзалино–Кадрифаково во должина од 10,7км. Реализиацијата на овој проект ќе овозможи делниците да се издигнат до ниво на експресен пат со две ленти за возење и две за бавно возење. Проектот се финансира со средства од ЕБОР. (Буџет: 14,9 милиони евра, Рок: 2 0 1 4 – 2 0 1 5 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Проширувањето на патот од Велес до Штип, односно претворањето на постоечкиот магистрален пат во експресен пат, ветено во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ – „Проверено“ –  е делумно остварено, бидејќи е пробиен рокот што партијата што ја освои власта на парламентарните избори во 2014 година го зацрта за завршувањето на овој крупен зафат– односно, до крајот на 2015 година.

Рокот до крајот на 2015 година е наведен и во програмата на Владата на РМ за периодот 2014 – 2018 година, во одделот Патна инфраструктура на делот Инфраструктура.

Експресен пат Велес–Штип (до Кадрифаково) (2014–2015) 

Дека е пробиен рокот потврди и министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, на вчерашниот отчет на ВМРО-ДПМНЕ.

Велес-Кадрифаково е во длабока фаза, јас очекувам дека за неколку месеци комплетно ќе биде готов овој експресен пат.

Дека ќе биде „поместено“ ветувањето дадено во „Проверено“, Министерството за транспорт и врски најави уште во својата програма за работа за минатата година. Програмата за 2015 година е последната објавена програма на веб-сајтот на Министерството.

 6. Експресен пат Велес – Штип (до Кадрифаково)

Во 2015 година ќе продолжи изградбата и рехабилитацијата на патниот правец Велес – Штип (до Кадрифаково) со должина од 25,9 километри. Овој проект ќе се изведува во три фази. Проектот чини 14,6 милиони евра и се финансира со средства од ЕБОР.

I фаза (6,3 км) е комплетно завршена.

II фаза (8,9 км) градежните работи се реализирани околу 33%. Градежните работи се очекува да завршат до месец декември 2015 година.

III фаза (10,7 км) изведувачот е воведен во работа на 26.11.2014 година. Градежните работи се очекува да завршат во прва половина на 2016 година.

Носители на проектот се Министерство за транспорт и врски и ЈП за државни патишта.

Дека патот е сè уште во фаза на изградба зборува и денешниот  (21.03.2016),  извештај за состојбата на патиштата на АМСМ.

Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим и тоа:
– од крајот на трета лента (депонија Велес) до с. Лозово,
– и од с. Лозово преку с.Сарамзалино до клучка Кадрифаково.

Инаку, реконструкцијата на патот Велес – Штип, до Кадрифаково, почна на 10 октомври 2013 година. Како што тогаш беше најавено, третата фаза требаше да стартува во мај 2014 година. Сепак,  стартот на реконструкцијата на  делницата  Лозово-Сарамзалино-Кадрифаково се пролонгираше пет месеци и почна на крајот на октомври 2014.

Започна изградбата на  третата делница  до Кадрифаково, од патот Велес, Штип. Оваа делница има неколку црни точки, кои целосно ќе бидат отстранети а возилата ќе можат да се движат до 100 км/ч наместо сегашните 40. Овој магистрален пат е многу значаен за  Источниот регион. Првата делница е завршена. На втората делница до Лозово завршени се земјените работи, започна да се става прв слој асфалт. Доколку времето послужи, септември до година  треба да се заврши. Третата фаза треба да заврши до крајот на наредната година најавува изведувачот  – изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски. 

Третата фаза од проектот, всушност, е најдолгата планирана делница за реконструкција (10, 7 км), па допрва останува да се види дали изведувачот ќе успее да го запази рокот најавен од министерот вчера, или ќе се појават проблеми кои повторно ќе ги пролонгираат работите. Сепак, иако е пробиен првично зададениот рок рок за изведување на проектот, ветувањето „ЕКСПРЕСЕН ПАТ ВЕЛЕС-ШТИП (ДО КАДРИФАКОВО)“, го оценуваме како делумно исполнето,  бидејќи досега се направени најголемиот дел од работите, а во моментот (21.03.2016) сè уште патот не е пуштен во целосна функција.

ИЗВОРИ

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција