Еврообврзницата, одлично средство за медиумски манипулации и пропаганда

Има земји кај што не треба војна за нивните обврзници за служат за пропаганда. Постер за пропагирање на воените обврзници на САД во Втората светска војна.
Има земји на кои не им треба војна за нивните обврзници да послужат за пропаганда. Постер за пропагирање на воените обврзници на САД во Втората светска војна. Фото: National Museum of American History, 2010

 

Најголемото задолжување на земјата во нејзината историја, вредно 500 милиони евра, кое се случи лани летото, од провладиниот медиумско-индустриски комплекс сѐ уште се користи за пропаганда и за медиумска манипулација

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Уште кога беше извршено задолжувањето на државата на светскиот пазар на капитал со еврообврзница во износ од 500 милиони евра, а за да се обезбедат средства со кои Македонија би можела да ги врати натрупаните долгови и кон домашните, но, пред сè, кон странските кредитори, власта, со помош на голем број блиски медиуми, почна да бои една розова слика за целата таа постапка.

Првиот аргумент кој беше изнесен од потпретседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески, се однесуваше на каматите и се говореше за „историски најниски камати“ со кои се задолжила земјава. Ваквиот аргумент беше со ширум отворени раце дочекан од провладиниот медиумско-индустриски комплекс и повеќепати повторен. Проблемот е само што таквиот аргумент е смешен со оглед на фактот што Македонијa досега има издадено само три еврообврзници (2005, 2009 и 2014 година) и во таква ситуација не е никакво достигнување една од нив да има најниска камата. Кога ќе се каже „историски најниска камата“ се добива впечаток како небаре нашите дедовци и татковци со децении или векови да издавале државни обврзници на светските пазари на капитал и, еве, сега, по толку долг период, сме успеале тоа да гo направиме по многу ниска стапка.

 

НАЈВИСОКО ЕДИНЕЧНО ЗАДОЛЖУВАЊЕ ВО ИСТОРИЈАТА

Она што е точно е фактот дека ова задолжување од 500 милиони евра е највисоко во историјата и на независна и на социјалистичка Македонија, односно највисоко единечно задолжување на Македонија од АСНОМ до ден-денешен и тоа и ако се земе предвид инфлацијата, односно ако сметаме во долари од 1944 година. Никогаш земјава во својата историја немала потреба, ниту, пак, се осмелила да изврши вакво огромно задолжување ниту самата, ниту, пак, федералната Југославија од своите странски задолжувања ваква сума на пари одеднаш не одвоила за Македонија, која би изнесувала повеќе од една шестина од националниот буџет или повеќе од 6,2 отсто од домашниот бруто-производ. Или, пак, ако сакате и за да биде уште појасно, по речиси 250 евра по жител. Но, моќната провладина пропаганда целосно ја измести дебата во насока на „историски најниската камата“, при што тука приказната ни приближно не заврши, па се појавија тези дека таквата ниска камата била резултат на  „стабилната економија“, па дури и дека сме добиле најниски камати во регионот, што не може да биде подалеку од вистината.

Условите на светските пазари на капитал едноставно станаа добри за задолжување и само во првите шест месеци лани, земјите во развој издадоа државни обврзници во износ од 70 милијарди долари (потребна регистрација, линк на анг. јазик), што претставуваше пораст од 53 отсто во однос на истиот период од 2013 година. Провладиниот медиумско-индустриски комплекс, во тој период, за да го докаже недокажливото, споредуваше обврзници издадени од страна на соседните земји за време на светската финансиска криза, кога капиталот беше далеку поскап од лани летото, а се правеа споредби на камати на обврзници издадени со рок на достасување од 10 години со оваа нашава на седум години, при што каматите на обврзниците издадени на подолг рок се секогаш повисоки од оние на покус рок. Конечно, ако сега, во овој момент државата реши да издаде еврообврзница, таа ќе добие уште пониска камата, но тоа нема врска со неа, туку со движењата на пазарите на капитал, каде каматите/приносите паѓаат (примери овде, овде и овде – сите анг.) и заради падот на цената на нафтата и заради европската дефлација.

Удри на задолжување - ниски камати: земјите кои издале државни обврзници во најголеми износи, јануари-јуни 2014. Извор: ФТ
Удри на задолжување – ниски камати: земјите кои издале државни обврзници во најголеми износи, јануари-јуни 2014. Извор: ФТ, Томпсон Ројтерс

 

„ПОЗИТИВНИТЕ“ МОМЕНТИ ОД ЕВРООБВРЗНИЦАТА

За голем дел од овие работи веќе пишувавме, но она што изненадува е фактот што поместувањата во финансискиот систем на земјава, предизвикани од овие 500 милиони евра задолжување, во кои е многу тешко да се забележи нешто што е суштински позитивно (освен фактот што земјава нема да банкротира и ќе има пари да ги врати долговите) сѐ уште упорно и постојано се користат во пропагандни намени и тоа на најбезочен начин, при што се користи неинформираноста на јавноста, која комплексните и чести промени во макроекономските и во монетарните индикатори не може да ги следи постојано. Па, за нејзина манипулација ѝ се даваат нецелосни информации и податоци, се прикрива целата приказна, односно се испуштаат важни моменти неопходни за комплетно информирање. Или, пак, едноставно се превртува приказната на таков начин што се воспоставуваат нови критериуми и се измислуваат нови „попозитивни“ моменти со надолу поместени граници, додека старите фалби се забораваат.

Најдобар пример за тоа е класификацијата на Македонија претходно како „четврта најмалку задолжена земја во Европа“ (што не беше точно, како што веќе имаме објаснето), а сега како една од 10-те земји со најнизок долг во Европа. Одеднаш се заборава претходното „достигнување“ (пренискиот долг не секогаш значи дека си штедлив – често знае да значи дека никој или речиси никој не сака да ти позајмува пари, пример Молдавија) и веднаш се креира ново со пониски критериуми. Ваквата манипулација и пропаганда несомнено ќе продолжи и понатаму како нивото на јавниот долг ќе продолжи да расте. Кога веќе нема да бидеме меѓу десетте земји во Европа со најнизок долг, ќе се вели дека сме „меѓу земјите кои имаат пониско ниво на долг од повеќето други земји во Европа“. Ваквата евентуална идна споредба има многу малку смисла зашто иако со 50 отсто од БДП (на пример, како што предвидува власта за 2017 година), би имале пониско ниво на долг по повеќето развиени земји, со оглед на нашата сиромаштија и тоа ниво на долг нам ни е потешко да го вратиме или да ги рефинансираме тие пари отколку остатокот на Европа. Имено, на Германија многу полесно ѝ е да се справи со јавен долг на ниво од 80 отсто од БДП, отколку нам со 50 отсто од БДП зашто нашите капацитети за отплата се далеку помали. Настрана фактот што споредбите со Европа во оваа инстанца, барем, претставуваат погрешна појдовна точка од проста причина што развиените европски земји, како што ќе ви каже кој било економист, се презадолжени. Едноставно, која е утехата да си задолжен нешто помалку од други земји кои се презадолжени? Тоа значи дека и ти си презадолжен, само нешто помалку. Но, каква било длабинска анализа е небитна. Она што е важно е да се изнајдат некои неважни, помалку важни, странични, односно споредни аргументи за пропагандата да има можност и простор да си ја врши својата работа.

 

ЈАВНИОТ ДОЛГ ПАДНА – Е, ДА, АМА ОТКАКО ДАЛЕКУ ПОВЕЌЕ ПОРАСНА

А, таа како никогаш да не престанува. Токму деновиве бевме известени дека јавниот долг на земјата доживеал пад од 65 милиони евра, односно дека тој во ноември лани се намалил „дури“ 0,7 отсто во однос на октомври, или „дури“ 1,1 отсто во однос на септември, дека причина за тоа е што државата намалила со задолжувањето на домашниот пазар на капитал со издавање државни хартии од вредност, дека се вратени „200 милиони денари“ (демек 3,25 милиони евра), како и дека државата издржала дури 13 дена во новата година да не се задолжи (како ли само успеала?), а кога повеќе не можела да издржи, се задолжила со шест милиони евра (значи повеќе отколку претходно што му вратила на стопанството). Причината за намалувањето на јавниот долг нема врска со намаленото задолжување со државни хартии од вредност. Причината за тоа е, се разбира, еврообврзницата, чии 500 милиони евра власта може да си дозволи да ги троши „натенане“ и да не му ја мисли многу-многу за нови хартии од вредност, иако без нив, сепак, не се може зашто така еврообврзницата ќе ја снема многу бргу и од неа нема да остане ништо до крајот на годинава. И тамам работа по земени 500 милиони евра преку нови задолжувања, јавниот долг да продолжеше да расте и понатаму, откако тој порасна од 40,1 отсто на 46,6 отсто од БДП од вториот кон третиот квартал лани кога беше прокнижена еврообврзницата. Ова значи дека само таа го зголеми долгот за 6,5 отсто, при што ваков раст на јавниот долг Македонија, во период од еден месец, нема забележано никогаш од својата независност. Но, ваквиот голем раст на јавниот долг во еден потег, досега невиден во современата македонска историја, за провладиниот медиумско-индустриски комплекс останува небитен и за него не се известува, додека падот од 0,7 или 1,1 отсто го заслужува целото можно внимание. Уште повеќе, во фалбите за намалувањето на јавниот долг пресудната улога на еврообврзницата воопшто не е спомната, а сè за неинформираната јавност да добие впечаток дека намалувањето на јавниот долг е заслуга на Владата, која преку штедење или на некој друг премудар начин успеала да го намали националното задолжување.

 

ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ – ДУША ДАЛЕ ЗА ПРОПАГАНДА

Ширењето „добри вести“ преку изоставање на ефектите од еврообврзницата, а за да се постигне манипулативен и пропаганден ефект, сепак, најмногу се практикува при известувањето за состојбата со девизните резерви на државата што се чуваат во Народната банка. Откако еврообврзницата беше прокнижена и овие пари легнаа на сметката на НБРМ во јули лани, при што девизните резерви пораснаа од 1,87 милијарди евра на 2,38 милијарди евра, туку одеднаш прилично редовно се почна да се известува за тоа како девизните резерви покажале значителен пораст во септември, октомври (22 отсто од почетокот на годината), ноември или во целата 2014 година, и тоа 488 милиони евра, без никаде да се наведе дека единствена причина за тоа е токму еврообврзницата и ништо друго. Типично пропагандистички. Ај пропагандистички (и манипулативно), но и неточно. Порастот на девизните резерви не изнесува 488 милиони евра, туку 439 милиони евра. Оваа вест, на пример, објавува точни бројки: на крајот на годината девизните резерви изнесуваа 2,432 милијарди евра наспроти износот од 1,993 милијарди евра на крајот од 2013. Порастот, преку обична операција на одземање, изнесува 439 милиони евра (значи и помалку од вредноста на еврообврзницата од 500 милиони евра, зашто во меѓувреме таа почнала да се троши и тоа веднаш штом стигнала), но кога пропагандата е во прашање и математиката изгледа мора да падне на второ место, при што 439 милиони евра се претвораат во 488 милиони евра. Пред девизните резерви да почнат да „растат“ на ваков начин – со задолжување во странство, провладиниот медиумско-индустриски комплекс беше прилично незаинтересиран за нивната состојба и за нив известуваше многу спорадично. Но, кога тие добија пропагандна и манипулативна вредност, веднаш станаа тема за известување. А, не е дека за девизните резерви во изминатиов период немало што да се пишува. Ако се види официјалната табела на Народната банка, поточно првата колона, која го покажува износот на монетарното злато како дел од вкупните девизни, ќе се види дека тоа достигнало највисока вредност во септември 2012 година од 300,7 милиони евра за потоа да почне да паѓа и тој пад да трае цели 15 месеци, односно до крајот на 2013 година, кога тоа достигнало вредност од само 190,3 милиони евра. Ова значи дека за период од 15 месеци, монетарното злато изгубило повеќе од 110 милиони евра или речиси 37 отсто од својата вредност, додека цената на златото паѓаше на светските пазари тие 15 месеци. Но, за целиот тој период никому во Народната банка не му текнало да преземе нешто таквите загуби да не се случат или барем да не бидат толку драматични. Кога ќе се види инвестициската способност на НБРМ за таков финансиски инструмент каков што е монетарното злато, можеме само да ја замислиме способноста и стручноста на централните банкари кога станува збор за еден далеку покомплексен и поразновиден инвестициски инструмент, каков што се странските хартии од вредност во кои се инвестирани најголем дел од македонските девизни резерви. Но, за ова провладиниот медиумско-индустриски комплекс не напиша ништо, што е и за очекување кога една обична математичка операција на одземање е проблематична за егзекуција.

Gold Price Chart-crop-marked-002
Цената на златото на светските пазари во изминатите 3 години и вредноста на македонското монетарно злато во септември 2012 и на крајот од декември 2013. Извор: Gold Price
Движење на вредноста на монетарното злато, септември 2012 - крајот на декември 2013. Извор: НБРМ
Движење на вредноста на монетарното злато, септември 2012 – крајот на декември 2013. Извор: НБРМ

 

ШАМПИОНИ – АМА ВО ПОРАСТ НА ЈАВНИОТ ДОЛГ

Во секој случај,  пропагандната и манипулативната вредност на девизните резерви е при крај. Објавени се податоците за годишниот пораст и отсега, како државата и понатаму ќе ја „делка“ еврообврзницата, нивото на девизните резерви ќе паѓа и не ќе можат да се објавуваат лесни вести за нивниот пораст. Но, со оглед на фактот што економијата функционира по принцип на поврзани садови, провладиниот медиумско-индустриски комплекс би требало да може да продуцира вести за намалување на јавниот долг зашто со парите од девизните резерви токму тој ќе се отплаќа, но и тука „добрите приказни“ се при крај. И покрај тоа што од обврзницата треба да се вратат рати од 220-те милиони евра земени од ММФ пред изборите во 2011 година (кои си ја одиграа својата улога во обезбедување на победата на владејачката партија на тие избори), како и обврзницата од 2005 година, сепак, јавниот долг е предвидено да се зголемува според  среднорочната фискална стратегија за управување со јавниот долг и буџетскиот дефицит на власта и тоа до нивото од 48,2 отсто од БДП на крајот од 2016 година и повеќе од 50 отсто од БДП во 2017 година. Токму и заради ова власта одлучи податоците за јавниот долг да не ги објавува месечно, туку само квартално за ударите од јавноста, како резултат на порастот на јавниот долг, да се проретчат, исто како што и стратегијата за управување на јавниот долг, која до 2010 година се објавуваше еднаш годишно, беше укината и беше речено дека од тој момент ќе се водела политика за управување со него. Сите знаеме што се случи потоа – јавниот долг почна значително да расте и порасна од 27,2 отсто од БДП на крајот од 2010 година на 46,6 отсто од БДП на крајот од третиот квартал лани, што претставува зголемување за дури 71 отсто за само 3 години и 9 месеци – пораст на јавен долг каков што ретко која друга земја во Европа има забележано во овој период.

Но, никако не треба да се грижиме дека пропагандата ќе замре и дека манипулациите со јавноста ќе ги снема. И при најлоша фискална ситуација, секогаш има некој економски индикатор кој ќе покаже пораст (или ќе му се „помогне“ да покаже пораст), кој потоа ќе може пропагандно да се експлоатира.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција