„Фајзер“ не ја купи „Арена Фармасутикалс“ поради „пандемија на срцева слабост“

Фото: Mike Ramírez Mx auf Pixabay

Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. Точно е дека „Фајзер“ ја купи фармацевтската компанија „Арена Фармасутикалс,“ ама не поради „пандемија на срцева слабост“, туку поради цела лепеза на лекови во зародиш за третман на низа состојби, меѓу кои имуновоспалителни болести, улцеративен колитис, кронова болест, атопичен дерматит, алопеција, срцеви болести итн

Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. Точно е дека „Фајзер“ ја купи фармацевтската компанија „Арена Фармасутикалс,“ ама не поради „пандемија на срцева слабост“, туку поради цела лепеза на лекови во зародиш за третман на низа состојби, меѓу кои имуновоспалителни болести, улцеративен колитис, кронова болест, атопичен дерматит, алопеција, срцеви болести, итн

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

„Сосема случајно“, Pfizer инвестира МИЛИЈАРДИ во претстојната пандемија на срцева слабост. Pfizer инвестира милијарди долари во третмани за да се подготви за претстојната „пандемија на срцева слабост“.

Нема извор на информацијата, но со пребарување на англиски јазик пронајдовме текст од 13 јануари 2024 година, со ист наслов, како и изнесеното во оваa објава на Фејсбук. Во овој текст се наведува дека компанијата „Фајзер“ инвестира милијарди долари во третмани за да се подготви за претстојната „пандемија на срцеви слабости“, затоа што „случаите на миокардитис и ненадеен срцев удар вртоглаво растат“. Во текстот за да се поткрепи ова, се наведува дека „Фајзер ја купил фирмата ‘Арена Фармасутикалс’ за 6.7 милијарди долари“, дека „ ‘Арена Фармасутикалс’ е фирма која се специјализира во развој на третмани за срцево воспаление како миокардитис и перикардитис“.

Објавата што ја рецензираме е дел од наративот дека вакцините на „Фајзер“ за ковид предизвикуваат миокардитис и перикардитис и се „опасни“. Ваков наратив во текот на вакциналната кампања беше туркан од страна на антивакциналните движења и тоа продолжува до ден денешен. Меѓутоа, несаканиот ефект на миокардитис од вакцина на „Фајзер“ е пријавен и исклучително редок.

Најголемиот дел од пријавените случаи се разрешиле за неколку денови и биле благи. Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот кога се кажува дека „Фајзер инвестира милијарди за лекови против миокардитис и перикардитис“, со намера да се алудира дека тоа е зашто нивните вакцини го предизвикуваат тој несакан ефект, па компанијата ќе направи нови лекови за состојби предизвикани од нивната вакцина. Односно – дека фирмата ќе се збогати на состојби што самите ги предизвикале. Таа намера може да се види од коментарот под објавата на авторката на постот,  во кој се тврди дека „сосема случајно тие срцеви слабости ќе бидат кај децата и младите“:

За жал од „безбедните и ефикасните” ваксови, кои упорно ги туркаат со пропаганда „магарешка кашлица”, која се појави како резултат на труењето од загаден воздух, коментира авторката на објавата.

Меѓутоа, иако е точно дека „Фајзер“ ја купи „Арена Фармасутикалс“, не е точно дека тоа е направено поради некаква „пандемија на срцева слабост“. Фармацевтскиот гигант „Арена Фармасутикалс“ располага со лекови за бројни состојби, а не само за срце. Кога на 11 март 2022 година „Фајзер“ соопшти дека ја купила „Арена Фармасутикалс“, наведе дека „Арена Фармасутикалс“ развива иновативни потенцијални терапии за неколку имуно-воспалителни болести.

„Арена Фармасутикалс“ му носи на „Фајзер“ портфолио на разновидни и ветувачки терапевтски кандидати во развојна фаза во гастроентерологијата, дерматологијата и кардиологијата, вклучувајќи го и етрасимод, орален селективен 1 фосфат (S1P) модулатор на рецептор, кој моментално се развива за низа инфламаторни болести, вклучувајќи улцеративен колитис, кронова болест, атопичен дерматит и алопеција. Возбудени сме што ќе го додадеме импресивното искуство и линијата на „Арена Фармасутикалс“ во терапевтската област за воспаленија и имунологија на „Фајзер“, помагајќи ни да ја продолжиме нашата цел за развој на откритија за промена на животот на оние со имуно-воспалителни болести. Конкретно, се надеваме успешно да го забрзаме клиничкиот развој на етрасимод, за да има позитивно влијание врз оние кои живеат со овие исцрпувачки болести, рече Мајк Гладстон, глобален претседател на „Фајзер“.

„Арена Фармасутикалс“ претходно посочи дека ги очекува резултатите од третата фаза испитувања на етрасимод кај улцеративен колитис. На репертоарот на „Арена Фармасутикалс“ има и две кардиоваскуларни средства во развојна фаза – теманогрел за микроваскуларна опструкција и друг за акутна срцева слабост.

Така што, не е точно дека „Фајзер“ ја купил фирмата „Арена Фармасутикалс“ стриктно поради некаква „пандемија на срцева слабост“, туку поради целиот пакет на медицински производи коишто ги развива фирмата, кои се однесуваат на медицински состојби поврзани со бројни болести, а не само на срцето – болести на дигестивниот систем и автоимуни болести, како и состојби од областа на ревматологијата и дерматологијата.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека објавата што ја рецензираме е делумно неточна. „Фајзер“ ја купи „Арена Фармасутикалс“ ама не поради „пандемија на срцева слабост“. Безбедносниот профил на вакцините на „Фајзер“ против ковид е поволен, наспроти ризиците во смисла на миокардитис, кој во најголем број случаи е надминат за кратко време.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција