Фејсбук објава дезинформира дека тестирањата за Ковид-19 се опасни

Пост на социјалната мрежа Фејсбук ја дезинформира јавноста дека со тестовите за детектитање Ковид-19, наводно, се допира мозочната бариера и се вградуваат чипови. Вистината е дека тестирањето за коронавирусот единствено има за цел да открие дали во организмот постојат знаци на активна инфекција

Пост на социјалната мрежа Фејсбук ја дезинформира јавноста дека со тестовите за детектитање Ковид-19, наводно, се допира мозочната бариера и се вградуваат чипови. Вистината е дека тестирањето за коронавирусот единствено има за цел да открие дали во организмот постојат знаци на активна инфекција

 

 

Фејсбук објава опасно манипулира и пропагира луѓето да не се тестираат за Ковид-19. Со овој пост се заплашува населението дека тестовите кои детектираат дали постои вирусот се опасни, бидејќи од нив паѓа имунитетот, дека со нив се вградуваат чипови и дека ја допираат мозочната бариера?! За оваа објава, која е лична констатација, не се понудени никакви релевантни докази, ниту е поткрепена со какви било дополнителни информации, односно извори од каде корисниците на социјалните мрежи можат повеќе да се информираат и да заклучат дали е точна или не.

Подалеку од Ковид тестови(убацуваат чип-пага имунитетот-допира мозочна бариера)

Во време кога епидемијата со Ковид-19 зема сè поголем замав, сè повеќе луѓе во светот се заразуваат, заболуваат и, за жал, починуваат, ваквите неточни тврдења се многу опасни. Оваа објава за неполни 24 часа стана вирална и има речиси 100 допаѓања, 42 споделувања и 31 коментар.

Тестирањето на заболените и оние кои имале контакт со заболени е клучно во борбата со вирусот. Заболените и нивните контакти треба навремено да се детектираат и изолираат за да не го шират вирусот дополнително. Без тестирања не само што болните нема да можат да ја добијат соодветната здравствена заштита, туку и ќе придонесат во масовно ширење на вирусот.

Ова го порача и Светската здравствена организација (СЗО), која апелира на масовно тестирање и навремено изолирање.

Имаме едноставна порака за сите држави – тестирајте, тестирајте, тестирајте, изјави директорот на СЗО, Тедрос Адханом,во март оваа година.

Тестирањето за коронавирусот единствено има за цел да открие дали во организмот постојат знаци на активна инфекција и ниту со тестирањето се вградуваат чипови, ниту го допираат мозокот.

Молекуларниот тест (ПЦР тестот) претставува брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв, со којшто, пак, се детектира коронавирусот, одобрен е од СЗО и се применува насекаде во светот за време на Ковид-19 пандемијата.

Шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах, уште во април за МИА изјави дека според упатствата на организацијата, ПЦР тестот е направен да го детектира самиот вирус, односно антигенот.

Со него може да се измери вирусното оптоварување или бројот на вирусите во еден примерок. Тоа значи дека само преку тестирање на вирусното оптоварување преку ПЦР, ние ќе знаеме дали некој е заразен и има активна болест и кога некој е излечен, истакна таа за МИА.

„Вистиномер“, претходно објави тврдења на доктори дека при земањето брис главната потешкотија е единствено неудобноста на пациентот, бидејќи стапчето во носот оди во пределот каде се спојуваат носот и грлото, т.е. во назофаринксот.

Доктор Александар Стојанов, в.д. директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести изјави дека земањето брис од нос нема апсолутно никаква врска со било какво пробивање на мозочната бариера кај човекот.

Јавноста да не слуша и чита секакви тврдења кои не се на ниеден начин научно и медицински поткрепени. Очигледно, оној кој го тврди ова, сака да ги доведе луѓето во заблуда и очигледно нема основни познавања од анатомија. На крај ќе излезе дека мозокот преку носот им го вадиме на пациентите. Брис се зема од нос и од грло и нема тука никакво оштетување на ништо, вели Стојанов.

Чипувањето, пак, многу често се спомнува во релација со Ковид-19. Оваа теорија на заговор е една од најчесто распространетите лажни тврдења дека пандемијата со коронавирусот е голем план подготвен од Бил Гејтс за вградување микрочипиови кај луѓето за подоцна да може да ги контролира. За ова не постојат никакви релевантни докази. Ваквите конспиративни теории досега повеќепати се разоткриени од сервисите за проверување на факти, како оние на Би Би СиРојтерс, но и многу други, а за тоа неодамна имаше рецензија и на „Вистиномер“ .

Пропагирањата против тестовите за Ковид-19, исто како пропагирањата за неносење маски и против вакцинирањето, се многу опасни и може да имаат сериозни последици по човековото здравје. Секој треба да размисли и да провери пред да објави или сподели вакви дезинформации на социјалните мрежи, кои  можат да станат вирални и да влијаат на јавното мислење и делување.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција