Фејсбук страница нуди греалки, а измамнички ги рекламира како клима уреди
Оваа објава нуди клима уред за 2.499 денари, а всушност продуктот е друг вид на грејно тело – калорифер или греалка. Фејсбук страницата на којашто ја има оваа понуда е креирана пред неколку дена и има само три слични објави на кои наводно се нудат клими. Исто така, нема никаква информација како може да се набават продуктите, ниту како ќе им бидат доставени на оние кои ќе нарачаат
Оваа објава нуди клима уред за 2.499 денари, а всушност продуктот е друг вид на грејно тело – калорифер или греалка. Фејсбук страницата на којашто ја има оваа понуда е креирана пред неколку дена и има само три слични објави на кои наводно се нудат клими. Исто така, нема никаква информација како може да се набават продуктите, ниту како ќе им бидат доставени на оние кои ќе нарачаат
Објава на социјалната мрежа Фејсбук нуди керамички клима уред за неверојатна цена од 2.499 денари. Оваа објава е манипулација.
Електрична керамичка клима од SUS – Made in Germany, познат бренд за грејни тела, сега и кај нас за неверојатна цена – само за 2499 денари! А++ енергетска класа, минимална потрошувачка на електрична енергија, работни функции од 1000w до 2000w (2 денари потрошувачка за еден час). Тивка и бесшумна работа 35db.
❄️ Преку мала потрошувачката, оптимално е загревање на просторија до 45м2. И до 10 пати поевтино од најевтината клима.
На Фејсбук страница наречена Demo.mk, којашто е креирана пред неколку денови, се нуди неверојатна цена за таканаречена керамичка електрична клима за греење од 2.499 денари. Има неколку слични вакви објави на истата страница во рок од неколку дена тука, тука, тука и тука. Во објаснувањата за продуктот што се нуди, напишани се спецификации кои звучат премногу добро за цената по којашто се нудат.
Извршивме пребарувања на фотографијата што е прикачена на објавата, што не доведе до кинеската интернет страница за купување Алиекспрес.
Таму навистина се нудат грејни тела кои се со слична цена како на објавата на Фејсбук што ја рецензираме. За понудите од Алиекспрес искористени се истите фотографии коишто се прикачени и на Фејсбук објавата.
Но, на понудите од Алиекспрес, пишува дека станува збор за електричен грејач со вентилатор односно калорифер или греалка, а не за клима уред. Такви понуди, на истиот производ може да се видат тука, тука, тука, тука и тука. Дел од овие понуди имаат слична цена како таа што се нуди на Фејсбук страницата, но во делот за достава треба да се доплатат многу повеќе пари. Така на една од објавите цената на уредот е 2.882 денари, но доставата чини 10.608 денари.
На истата Фејсбук страница има неколку слични објави, но во описот на продуктот пишува различни фирми како производители. Па така, на една од објавите пишува VITIK – Made in Germany, а на друга SUS – Made in Germany, а покрај двете пишува дека се познати брендови за грејни тела. Пребарувањето на интернет покажува дека VITIK компанија не постои, кога ќе се пребара овој збор излегува чешкиот фудбалер Мартин Витик.
Пребарувањето на SUS покажува дека ваква компанија постои, но не произведува грејни тела. Таа нуди машини и опрема за острење погодни за производство и одржување на алати за сечење и ножеви за пила.
Овие компании ги нема ни на листата на 50 најголеми компании за греење-ладење во Германија за 2023 година.
На понудите од Алиекспрес, на фотографиите од продуктот пишува БОШ (BOSCH), но овие продукти не се на овој познат бренд. Иако на фотографиите пишува БОШ сепак во спецификациите за продуктот на едно место пишува дека брендот е Hilitand, а земја на потекло Кина, на други место брендот е Aramox, на трето Ashata, а секаде земја на потекло е Кина, а не Германија.
Истото ова грејно тело се нуди и на друга македонска веб-страница но таму не пишува дека нудат клима туку Ѕидна греалка со изглед на клима уред и дека опфатот е помеѓу 11-20 метри квадратни.
Иако и греалката и клима уредот може да се користат за греење на просторот, тие всушност се многу различни и корисниците на социјалните мрежи се измамуваат кога им се нудат како ист производ што ќе им го даде истиот ефект.
Греалката работи со претворање на електрична енергија (т.е. струја) во топлинска енергија. Електричните грејачи поминуваат струја низ отпорник за да ја трансформираат електричната струја во топлинска енергија. За споредба, климатизер со обратен циклус е топлинска пумпа која зема бесплатна топлина од воздухот надвор и ја ослободува во просторијата. Работи со користење на обратен циклус на ладење, при што поминува ладна течност наречена разладно средство низ надворешен калем за да ја апсорбира топлината од надворешниот воздух. Ладилното средство се пумпа со компресор, низ коморите во кондензатор, кој го загрева воздухот додека го компресира за да создаде топол воздух. Овој топол воздух потоа циркулира низ просторијата со вентилатор. Откако ќе заврши овој процес, ладилното средство се лади во течност и циклусот започнува повторно.
За разлика од климатизацијата со обратен циклус, електричните греалки прават само една работа и имаат тенденција да консумираат повеќе енергија за да го направат тоа, па така се препорачува да затоплување да се користат инвертер клими коишто се многу поекономични при трошењето на електричната енергија.
Фејсбук страницата на којашто се нуди оваа понуда е во најмала рака сомнителна. Креирана е пред неколку дена и има само три слични објави на коишто наводно се нудат клими. Исто така, нема никаква информација како може да се набават продуктите, ниту како ќе им бидат доставени на оние кои што ќе нарачаат, иако објавите се вирални и има заинтересирани граѓани.
Бидејќи објавите нудат продукти кои што не се реални, односно нудат клима за 2.499 денари, а, всушност, продуктот е друг вид на грејно тело, оваа објава ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар