„Фридом Хаус“: Неуспеси во владеењето на правото и борбата со корупцијата во Северна Македонија

Фото: Порталб

Забележано е дека „националистичката партија на Груевски“ ја опструираше работата на парламентот и е фаворит за победа на претседателските и парламентарните избори годинава

 

Северна Македонија претрпе големи неуспеси во владеењето на правото и постојаната корупција на високо ниво во текот на годината, е заклучокот во најновиот извештај на Фридом Хаус насловен „Државите во транзиција“ (Nations in Transit).

Во него, организацијата го забележува и судирот на политичките партии околу уставните амандмани поради ветото на Бугарија на напорите на земјава за пристапување во ЕУ.

Во извештајот е наведено дека допрва треба да дадат резултат надежите за подобрување на состојбите во владеењето на правото и борбата со корупцијата, а кои се зголемиле во 2017 година по соборувањето на, како што пишува, антидемократскиот премиер Никола Груевски.

„За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде големи чекори за елиминирање на корумпираните мрежи на дејствување, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на истата група партии, како и во изминатите децении“, се вели во извештајот на Фридом Хаус.

Забележано е дека „националистичката партија на Груевски“ ја опструираше работата на парламентот и е фаворит за победа на претседателските и парламентарните избори годинава.

„Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, контроверзните измени на кривичниот законик во 2023 година ги намалија казните за таквите злоупотреби, предизвикувајќи отфрлање на историските случаи додека јавноста веќе се оптеретуваше од фатални корупциски скандали во здравството“, пишува во извештајот „Државите во транзиција“.

Во извештајот, Северна Македонија, заедно со Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Ерменија е сместена во групата „циклични хибриди“ во кои редовните промени на владејачките елити спречуваат значителни структурни промени.

„Како што влегуваат и излегуваат од власта, ривалските партии во кои доминираат личностите или личните определби на нивните лидери, постојано ги поларизираат и заробуваат слабите институции“, се вели во делот од извештајот посветен на цикличните хибриди.

Во групата „демократизирачки хибриди“ се ставени Украина и Косово, додека меѓу „автократизирачки“ хибриди се наведени Србија, Унгарија и Грузија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција