Груевски: Дали навистина новинарите не доаѓале на пресовите на ВМРО-ДПМНЕ во нејзините опозициски денови

Премиерот Никола Груевски за време на обраќањето во СРЦ „Борис Трајковски“

 

Во текот на својот 53-минутен говор на партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ во СРЦ „Борис Трајковски“ во неделата на 15.03.2015 година, премиерот Никола Груевски, говорејќи за состојбата во медиумите во земјава, тема на која неговата влада е постојано критикувана и во земјава и во странство, истакна дека во период пред 2006 година, кога партијата беше во опозиција, новинарите не ги посетувале на нејзините прес-конференции. Дали е тоа навистина така?

Премиерот Никола Груевски за време на обраќањето во СРЦ „Борис Трајковски“
Премиерот Никола Груевски за време на обраќањето во СРЦ „Борис Трајковски“. Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Еве го тој дел од говорот на премиерот Никола Груевски во текстуален формат:

Се сеќавам на времињата кога бевме во опозиција и кога се случуваше ниту еден медиум, ниту еден да не ни дојде на прес конференција. Тогашниот директор на Центарот за комуникации, Оливер Шамбевски, во тоа време ќе ми се јавеше и ќе ми кажеше, претседателе денес никој не дојде, пресот не се одржа, или некогаш ќе дојдеше само еден медиум на прес.

А, еве го истиот дел во видео формат:

 

Образложение:

Вистиномер разговараше со редица колеги кои во периодот од мај 2003 година (кога Никола Груевски стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ) до август 2006 година (кога тој стана премиер на Република Македонија) биле на новинарски и уреднички функции. Никој од нив не можеше да се сети на таква инстанција ниеден новинар да не дојде или само еден да дојде на прес конференциите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не било случај дури ни во евентуални вонредни ситуации кога евентуално поважни, итни и ексклузивни настани би се случиле кои би направиле некоја прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ да стане неинтересна, пред сѐ, зашто такви вонредни настани во тој период не се случиле. Точно дека имало инстанции прес конференциите на ВМРО-ДПМНЕ во некои прилики да бидат послабо посетени, затоа што дел од нив се одржувале во време на викендите, кога во редакциите има само дежурни екипи, а со цел партијата да го искористи слабиот прилив на вести во неработните денови и да добие поголема видливост, но дури и во такви прилики секогаш имало новинари на нивните прес конференции. Генерално гледано, во изминатите 25 години, тешко да се најде инстанција во која прес конференција на најголема опозициска партија (без оглед која и да е таа) да не биде посетена од македонските новинари.

Еве што велат новинарите и уредниците за посетеноста на прес конференциите на ВМРО-ДПМНЕ во овој период:

Работев во Сител и со сигурност знам дека немаше политички прес на кој не сум бил присутен и не сум направил нешто од тоа. Плус, честопати знаевме да останеме на кафе кај Оливер Шамбевски и да се излезе со некаков брифинг оттаму.

Зоран Фиданоски, новинар на Сител во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција

 

Како новинар што го следеше ВМРО-ДПМНЕ во времето кога беа во опозиција, најодговорно тврдам дека не се случило ниту еднаш, буквално ниту еднаш, никој да не дојде на прес. А, извештаите најчесто одеа на насловната страница!

Сашо Кокаланов, новинар на Дневник во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција:

 

Го паметам и јас тоа време и морам да кажам дека А1, барем во времето која јас таму сум работела, професионално информираше за активностите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Сабина Фахиќ, уредник во А1 телевизија од 1999 до 2005 година

 

Во периодот додека ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, Канал 5 ги следеше двете најголеми политички партии и не би рекол дека партијата бил изоставена од ТВ Дневникот. Сите информации кои беа објавени на нивните прес конференции беа покривани и беа застапени. Секогаш се обидувавме да бидат застапени и едната и другата страна. Можеби не беа застапени во првиот дел од ТВ Дневникот, но нивните пресови секогаш беа посетувани. Немаше таков случај, каде што, на пример, се бојкотираа пресовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Димитар Тануров, уредник на веб сајтот на Канал 5 од 2005 до 2007 година

 

Не се сеќавам да имало таков случај никој да не дојде на прес конференција на тогаш најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, се сеќавам дека тие, за да привлечат внимание, ги одржуваа прес конференциите преку викендот кога редакциите се слабо опремени и потешко одвојуваат новинари да праќаат, а второ, затоа што само така можеа да пробијат во медиумите кои во тие денови немаат многу настани.

Зоран Андоновски, одговорен уредник на весникот Време во периодот од 2004-2006 година

Ваквите конзистентни сеќавања на редица новинари, се потврдуваат и преку пребарување на Интернет, поточно преку пребарување на архивата на агрегаторот Тајм.мк, каде што има написи од редица македонски медиуми  и до 15 години во минатото. Во оваа архива нема ниедна инстанција во која би се спомнало вакво нешто, односно дека ниеден новинар не дошол или само еден новинар дошол на прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ во тој период. Самиот таков настан е вест и ако имало само еден новинар, тој би објавил дека вакво нешто се случило, а разумно е да се очекува и дека ВМРО-ДПМНЕ би искажало протест за таквиот евентуален игнорантски однос на медиумите. Но, такво нешто во медиумите од тој период едноставно нема.

Но, затоа, пак има други написи, кои говорат нешто сосема друго. На овие три места, на пример, (овде, овде и овде), се цитира извештајот на Медиумско огледало, во кој се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ имало многу подобар третман во медиумите на изборите во 2006 година, односно дека поголем број медиуми на изборите го поддржувале и биле многу понаклонети кон ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ. Потоа, медиумите јавуваат дека Груевски уште во тоа време имал одбивен став кон ТВ дуелите и дека и тогаш, кога неговата партија била во опозиција, тогашниот премиер Владо Бучковски морал преку весници да го повикува Груевски на ТВ дуели. Ваквите ТВ дуели, доколку се одржеа, би претставувале можност за значителна бесплатна промоција на ВМРО-ДПМНЕ и негова лична. Ако за пресовите на опозицијата не се известувало, тогаш ТВ дуелите можеле да ја израмнат видливоста на власта и опозицијата во јавноста, но и покрај понудата на Бучковски за 3 ТВ дуели во предизборната кампања, тие не се случија.

За тоа каков бил односот на медиумите кон ВМРО-ДПМНЕ говори и фактот што Шамбевски во тој период имал и своја колумна во тогаш најчитаниот дневен весник Дневник. Архивата на македонските медиуми на Тајм.мк од тој период содржи и напис кој говори за барањето на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ за прочистување на избирачкиот список, но кога средба со државните институции за таа цел е одржана, претставниците на партијата не присуствувале. Но, и тогаш медиумите педантно го одбележале настанот и тоа со изјава на Оливер Шамбевски. Уште повеќе за интересот на медиумите за ВМРО-ДПМНЕ покажува и фактот што од тогашниот директор за комуникации на партијата, Оливер Шамбевски, била побарана и тој дал изјави за македонските весници дури и од Вашингтон, кога тој и претседателот на партијата, Никола Груевски, биле на молитвен појадок во главниот град на САД.

 

Извори:

 

Оценил: Владимир Петрески

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар