„Хакнатите“ документи од ЕМА за вакцините биле манипулирани пред да се појават на интернет

Фото: скриншот од дел од постот

Повик за внимание околу кампањата за употреба на вакцината против ковид-19 од производителот Фајзер-БионТек е пласиран на социјалната мрежа Фејсбук, но со испуштање на важни факти за тоа што се случувало во меѓувреме со украдените материјали од серверот на европската агенција. Без тие информации не може да се расправа околу вистинитоста на содржината во постот

Повик за внимание околу кампањата за употреба на вакцината против ковид-19 од производителот Фајзер-БионТек е пласиран на социјалната мрежа Фејсбук, но со испуштање на важни факти за тоа што се случувало во меѓувреме со украдените материјали од серверот на европската агенција. Без тие информации не може да се расправа околу вистинитоста на содржината во постот

 

Објава на Фејсбук на македонски јазик преупредува да се внимава со јавната кампања за користење на вакцините за спречување на ковид-19 на Фајзер-БионТек поради проблемот со составот на вакцината.

Во објавата се наведува дека Фајзер-БионТек прекинале со производство на „вторите дози за вакцинација заради составот на вакцините со кои се вакцинирани луѓето во претходниот месец дена, кој е различен од составот на вакцините со кои се спроведени клиничките испитувања!!!!

Притоа во постот се наведува дека одговорот на ваквата постапка, за која постои сомнеж дали е вистинита, го има ЕМА, (Европската медицинска агенција):

Убаво да го разгледате документов.
Одговорот е од EMA (Европската Медицинска Агенција) која формулирала три „главни приговори“ на оваа вакцина:

  1. отсуство на одобрение за некои производствени погони,
  2. недостаток на податоци за комерцијални серии на вакцини,
  3. и што е најважно, фактот дека биле пронајдени значителни разлики помеѓу комерцијалните серии и оние применети за време на клиничките испитувања.

Токму последната точка предизвикува најголема загриженост кај истражувачите кои се занимаваат со проценки на квалитетот на вакцините.

Следниот пат попретпазливо малку со кампањата!

Како прилог на оваа објава се прикачени фотографии од три документи од ЕМА, кои треба да се поткрепа на кажанато.

Првото што може да се забележи е дека сите три документи се датирани во ноември 2020 година, т.е. еден месец или помалку од еден месец, од официјалното одобрување на спомената вакцина за употреба на територијата на Европската унија издадено на 21.12.2020 година.

Под услов да се вистинити документите на меморандуми од ЕМА што се прикачени во објавата, тоа не исклучува дека сите спорни прашања што може да се видат во нив, односно од кореспонденцијата што се води, можеле да бидат дополнети од производителот. Впрочем такво тврдење od EMA може да се види во последните два пасуса во овој текст на италијански медиум.

Второ, производителот Фајзер-БионТек, апликацијата за комерцијална употреба на вакцината ја доставил до ЕМА на 30 ноември 2020 г. ЕМА на 15.12.2020 соопштува дека нејзиниот комитет веќе работи интензивно со недели и дека наскоро може да се очекува одлуката за одобрување. Таа одлука е објавена, како што рековме на 21.12.2020.

Но, она што недостасува во објавата на ФБ што ја рецензираме, е фактот дека на 9-ти декември е извршен хакерски напад врз ЕМА. Некој ден подоцна е појаснето дека хакерскиот напад на серверот на ЕМА се однесувал само на документацијата поврзана со апликацијата на вакцината против ковид-19. Пред десетина дена дел од украдените документи почнале да се појавуваат на дарк веб, а потоа преку медиумите и социјалните мрежи почнаа помасовно да циркулираат на интернет. Тоа било повод за ново соопштение/изјава од ЕМА на 15.01.2021 г, што во контекстот на постот што го рецензираме е многу важен:

Тековната истрага за кибер нападот врз ЕМА откри дека на Интернет протекоа некои од документи поврзани со лекови и вакцините за ковид-19, чие објавување е незаконско. Меѓу нив има внатрешна / доверлива е-пошта, која датира од ноември, а се однесува на процесите за проценка на вакцините за ковид-19. Некои од преписките биле манипулирани од сторителите пред објавувањето на начин што може да ја наруши довербата во вакцините.

Овој контекст, т.е. ваквите факти воопшто ги нема во постот што го рецензираме. За да биде сликата покомплетна, не постои ни информација за одлагањето на испорака на дел од вакцините најавени од производителот за територијата на Европската унија. Во соопштението изадено на 15.01.2021 година од Фајзер и БионТек се наведува дека ќе дојде до привремена редукција на доставувањето на вакцините поради интервенции во нивната фабрика во Белгија и дека континуитетот на испораката ќе продолжи од 25 јануари, а од 15 февруари испораката ќе биде зголемена над првично планираниот распоред.

Имајќи ги предвид погоре наведените факти може да се оцени дека објавата што ја рецензираме е со недостаток од контекст, т.е. недостасуваат важни информации за да може да се поверува во нејзината точност.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција