Хамас не е создаден ниту од ЦИА, ниту од Мосад

Палестински протест во појаост Газа, 2021. Фото: hosny salah преку Pixabay

Мосад не ја креираа Хамас, со оглед на тоа што во манифестот на Хамас, стои дека нивната крајна цел е да го уништат Израел како држава. Во самиот манифест пишува дека се работи за палестинско движење, исламско, кое се стреми „да го дигне знамето на Алах врз секој инч од Палестина“ (член 6)

Мосад не ја креираа Хамас, со оглед на тоа што во манифестот на Хамас, стои дека нивната крајна цел е да го уништат Израел како држава. Во самиот манифест пишува дека се работи за палестинско движење, исламско, кое се стреми „да го дигне знамето на Алах врз секој инч од Палестина“ (член 6)

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Секогаш кога на Израел му треба причина да почне чистење на појасот Газа, се појавува ХАМАС и прави терористички напади врз Тел Авив.

ХАМАС за оние кои не се упатени е полувоена организација која израелски МОСАД со помош на ЦИА ја создаде за да го уништи ПЛО (Палестинскиот ослободителен фронт на Јасер Арафат). ХАМАС дури и почна граѓанска војна со ПЛО на почетокот на овој век и е директно одговорен за пролевање на палестинска крв.

Сега гарантирам дека израелските сили ќе направат покољ врз Палестинците.

Да заклучам, на сцена е Фолс Флаг операција на ЦИА, МИ6 и МОСАД.

Наспроти изнесеното во објавата, ни ЦИА, ни МОСАД ја немаат создадено Хамас.

Како што објави Ал Џезира, Хамас е формирана во Газа во 1987 година од страна на имамот шеик Ахмед Јасин и неговиот помошник Абдул Азиз ал Рантиси, кратко после „востанието против израелската окупација на палестинските територии“. Движењето почнало како групација на муслиманско братство во Египет и создало воено крило, кое се впуштило во воени судири против Израел со цел да ја ослободи историска Палестина. Исто така, им нудело „хуманитарна помош на палестинските жртви од израелската окупација“.

Корените на Хамас,  која е фактички основана на почетокот на првото палестинско востание, се во палестинскиот огранок на Муслиманското братство и е поддржан од голема социо-политичка структура внатре во палестинските територии. Повелбата на групата повикува на формирање исламска палестинска држава на местото на Израел. Силата на Хамас е концентрирана во појасот Газа и областите на Западниот Брег. Хамас има воено крило кое изврши бројни напади и врз Израел и на палестинските територии од 90-тите години од минатиот век. Овие напади вклучуваат големи бомбашки напади врз израелски цивилни цели, напади со мало оружје, импровизирани експлозиви покрај патишта и ракетни напади. Групата, на почетокот на 2006 година победи на изборите на палестинските територии, ставајќи крај на владеењето на секуларната партија Фатах на палестиските територии, предизвикувајќи го раководството на Фатах на палестинско националистичко движење. Хамас продолжува да одбива да го признае или да се откаже од насилниот отпор против Израел и на почетокот на 2008 година изврши самоубиствен бомбашки напад, при што загина еден цивил, како и бројни ракетни и минофрлачки напади во кои беа повредени цивили. Владата на САД го прогласи Хамас за странска терористичка организација.

Хамас во јуни 2008 година склучи шестмесечен договор со Израел со кој значително се намалија ракетните напади. По привременото смирување, Хамас ги продолжи своите ракетни напади, што предизвика голема израелска воена операција кон крајот на декември 2008 година. Откако уништи голем дел од инфраструктурата на Хамас во појасот Газа, Израел прогласи едностран прекин на огнот на 18 јануари 2009 година.

Хамас и Фатах во април 2011 година се согласија да формираат привремена влада и да одржат избори, потврдувајќи го ова ветување во февруари 2012 година. Хамас го напушти политичкото седиште во Дамаск во февруари откако сирискиот претседател Башар Ал Асад го направи неодржливо нивното останување во Сирија.

Во мај 2012 година, Хамас тврдеше дека формирал сили од 300 војници за да ги спречи другите палестински групи на отпорот да истрелаат ракети кон Израел. Во ноември повторно избувна конфликт. Додека Хамас работеше на одржување на примирјето со посредство на Египет, со што заврши овој еднонеделен конфликт, други милитантни групи го прекршија пимирјето со спорадични ракетни напади  во 2013 и 2014 година. Фатах и Хамас во април 2014 се согласија да формираат технократска унитарна влада на чело со премиерот Рами Хамдала и да одржат избори за шест месеци. Хамас не се откажа од насилниот отпор против Израел дури и за време на примирјето со Фатах.

Во јули 2014 година, кревкото примирје меѓу Хамас и Израел целосно пропадна откако во јуни тројца тинејџери од Израел беа киднапирани и убиени, а нивната смрт Израел смета дека е резултат на Хамас. Еден Палестинец беше убиен од Израелците во знак одмазда. Одмазднички ракетни напади од Хамас и други Палестински милитанти во појасот Газа ескалираа во најдолгиот и најсмртоносниот конфликт во Израел од 2009.

Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, ЦИА не само што ја нема формирано Хамас, туку и на својот сајт ја карактеризира и опишува како терористичка група.

Во мај 2021 година Хамас истрела ракети кон Израел, иницирајќи 11-дневен конфликт, кој вклучи и други милитантни групи во Газа. Египет, Катар и специјалнио координатор на ОН за Блискиот Исток почнаа мировни процеси за да се спречи ескалацијата во поширок конфликт. Од 2018 година Хамас, исто така, координираше демонстрации на безбедносната граница со Израел, а многу од овие протести се претворија во насилни, резултирајќи со смртни случаи на израелски војници, како и повеќе од 200 починати и илјадници повредени, од 2018 до 2019, пишува ЦИА.

Како што објави Гардијан во 2015 година, САД во 1997 година, исто така, ја има окарактеризирано Хамас за терористичка организација.

На ЦИА ѝ е забрането со закон да дава материјална поддршка на терористичка организација, но би било дел од нејзината работа да се обиде да регрутира некој однатре во таква организација како информатор или извор.

Портпаролот на ЦИА за Гардијан изјави:

ЦИА ги поддржува владините напори да се бори против интернационалниот тероризам преку собирање, анализирање и распространување на разузнавањето во странски терористички групи или индивидуалци. ЦИА ги спроведува тие разузнавачки активности во согласност со Уставот на САД, федералните статути и насоките од претседателот.

Ниту Мосад не ја креираа Хамас, со оглед на тоа што во манифестот на Хамас, стои дека нивната крајна цел е да го уништат Израел како држава. Во самиот манифест пишува дека се работи за палестинско движење, исламско, кое се стреми „да го дигне знамето на Алах врз секој инч од Палестина“ (член 6). Потоа пишува дека крајна цел е уништувањето на Израел, што е наведено во преамбулата. Потоа се наведува и дека, според Хамас, Палестина е целосно муслиманска, дека е свет посед обезбеден за идните муслимански генерации до судниот ден и никој не смее да ѝ одземе ни инч. Во самиот манифест има вознемирувачки антисемитски пораки и заложби кои не би можеле да бидат напишани од Евреи, односно од Мосад. На пример, пишува дека сите Евреи треба да се убијат. Израелското министерство за надворешни работи го има објавено манифестот како информација.

Хамас е дел и од регионалниот сојуз со Иран, Сирија и Хезболах во Либан, кои се противат на американските политики за Блискиот Исток и Израел.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме го оценуваме како невистинита.

 



 

Напомена: Поднасловот на оваа рецензија, кој претставуваше извадок од содржината на рецензијата, беше накнадно сменет со друг извадок, исто од содржината на рецензијата, кој се сметаше за посоодветен на темата. Во телото на текстот од рецензијата не се извршени измени после првичното објавување.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција