Холокаустот не е измислен, ниту пак, бројката од 6 милиони убиени Евреи!

Концентрациониот логор Аушвиц Фото:Dimitris VetsikasPixabay

Меморијалниот центар на холокаустот во САД, потврдува дека најточната проценка за бројот на човечки животи кои се загубени во холокаустот од еврејската заедница е 6 милиони. Музејот исто така истакнува дека утврдувањето на точниот број е речиси невозможна мисија, со оглед на тоа што нацистите се обиделе да ги уништат официјалните архиви на крајот од војната

Меморијалниот центар на холокаустот во САД потврдува дека најточната проценка за бројот на човечки животи кои се загубени во холокаустот од еврејската заедница е 6 милиони. Музејот, исто така, истакнува дека утврдувањето на точниот број е речиси невозможна мисија, со оглед на тоа што нацистите се обиделе да ги уништат официјалните архиви на крајот од војната

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Од кога е измислен холокаустот и бројката од 6 милиони убиени Евреи!

Во објавата се споделува видеоматеријал според кој, неколку изданија на весници кои датираат пред Втората светска војна, навеле бројка од 6 милиони Евреи во светот. Според она што се имплицира во објавата, токму тоа што пред Втората светска војна во весниците пишувало дека има вкупно шест милиони Евреи, значи дека „холокаустот е измислен, како и бројката од 6 милиони убиени Евреи“.

Прво, она што е важно да се истакне, е дека негирањето на холокаустот, како што впрочем се прави и во објавата, којашто е предмет на нашата рецензија, претставува кривично дело според поголем дел на ЕУ земјите. Праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, покажала дека негирањето на фашизмот и холокаустот поттикнува омраза и нетолеранција.

Со оглед на историскиот контекст на засегнатите држави, негирањето на фашизмот и на холокаустот, макар и маскирано, како непристрасно историско истражување, треба да се гледа како конотација на антидемократска идеологија и антисемитизам. Ова Европскиот суд за човекови права го утврдува во предметот Перинчек против Швајцарија. Европскиот суд за човекови права утврдил дека негирањето на реалноста на злосторствата против човештвото, како на пример фашизмот и холокаустот, имало за цел да го рехабилитира национал-социјалистичкиот режим и да ги обвини самите жртви за фалсификување на историјата, вели во изјава за Канал 5 дадена на 4 август 2022, адвокатот и експерт за човекови права Тони Менкиновски.

Во 2013 година земjите членки на Меѓународната алиjанса за сеќавање на Холокаустот (ИХРА) се дого- вориjа за работната дефинициjа коjа се однесува на негирањето и искривувањето на Холокаустот:

Негирањето на Холокаустот претставува дискурс и пропаганда коишто ги негираат историската вистина и обемот на истребувањето на Евреите од страна на нацистите и нивните соучесници за време на Втората светска воjна, попознато како холокауст или Шоа. Негирањето на холокаустот се однесува конкретно на секоj обид да се тврди дека холокаустот/Шоа воопшто не се случил. Негирањето на Холокаустот може да вклучува jавно негирање или изразување сомнежи за примената на главните механизми за уништување (како што се гасни комори, масовни стрелања, изгладнување и измачување), како и на постоењето умисла во вршењето геноцид врз евреjскиот народ.

Негирањето на Холокаустот во неговите разновидни облици претставува израз на антисемитизам. Обидот да се негира геноцидот врз Евреите претставува усилба да се ослободат национал-социjализмот и антисемитизмот од вината и одговорноста за геноцидот врз евреjскиот народ. Меѓу облиците на негирање на Холокаустот се вброjува и обвинувањето дека Евреите го преувеличуваат или измислуваат Холокаустот/Шоа за свои политички или финансиски цели проследено се верување дека Холокаустот/Шоа бил резултат на заговор скроен од Евреите. Целта на ваквите обиди е да се обвинат самите Евреи за Холокаустот/Шоа, а анти-семитизмот повторно да стекне легитимитет. Честа цел на негирањето на Холокаустот е и да се возобнови отворениот антисемитизам и да се промовираат политички идеологии и услови погодни за случување на истиот настан што се негира, пишува во публикација на ОБСЕ за справување со негирањето, искривувањето и тривијализацијата на холокаустот.

Инаку, како што пишуваат проверувачите на факти на Лид Сторис, тоа што во печатените медиуми пред Втората светска војна, се појавувала бројката од 6 милиони Евреи, не значи дека не се случил холокаустот и дека бројката на убиени Евреи, која официјално е 6 милиони во овој грозоморен чин, не е реална.

Дали тоа што бројката од 6 милиони Евреи се појавува во американските весници пред Втората светска војна, значи дека немало холокауст во кој 6 милиони Евреи се проценува дека починале? Не, тоа не е вистина. Дизајнот на ова ,,истражување” е длабоко погрешен. Креаторите на ова видео барале само весници и исечоци од текстови каде фигурира бројката од 6 милиони Евреи, додека ги игнорирале сите други бројки поврзани со интернационалната еврејска заедница од 1915 до 1921 година, период опфатен со тврдењето. Тоа што се имплицира како заклучок од ова видео е дека холокаустот бил мит зашто не би останале Евреи ако целата популација од 6 милиони била убиена, пишуваат проверувачите на факти на Лид Сторис.

Во видеото има исечоци од американски весници од 1915 до 1921 година кои се однесуваат на бројката од 6 милиони Евреи, кога се покриваат различни светски настани кои ја засегаат еврејската заедница.

Но, за истиот временски период од 1915 до 1921 година во базите кога ќе се пребараат објави во кои се споменуваат Евреите без да се наведе 6 милиони пред пребарувањето, се добиваат 1.075.669 различни резултати.

Ако се пребара истата база на податоци со клучен збор 1 милион Евреи, се добиваат 376 резултати. А, за сто илјади Евреи, се добиваат 902 резултати.

Всушност, од архивата се вршело селективно пребарување само со клучни зборови „6 милиони Евреи”, а се игнорираат другите новинарски написи каде се споменуваат и други бројки, или пак, воопшто не се споменуваат бројки.

Од тоа може да се заклучи дека бројката од 6 милиони Евреи е само една од многуте референци во американскиот печат за големината на еврејската популација пред Втората светска војна.

Ако се земе предвид дека некои пошироки теми може да ја засегаат истата популација, не е статистички неможно дека бројките повремено се повторуваат во новинарските текстови.

Меморијалниот центар на холокаустот во САД потврдува дека најточната проценка за бројот на човечки животи кои се загубени во холокаустот од еврејската заедница е 6 милиони. Музејот, исто така, истакнува дека утврдувањето на точниот број е речиси невозможна мисија, со оглед на тоа што нацистите се обиделе да ги уништат официјалните архиви на крајот од војната.

Нема ниту еден документ креиран од нацистите за време на војната кој кажува колку луѓе се убиени во холокаустот или во Втората светска војна. За точно да се процени големината на човековите загуби, научниците, еврејските организации и владините агенции од 1940 се потпираат на поствоени истраги за да ги соберат овие статистички податоци. Како што повеќе документи го здогледуваат светлото на денот, или како што научниците доаѓаат до попрецизно разбирање за холокаустот, може да се промени и проценката за човечките загуби, пишуваат проверувачите на факти на Лид Сторис.

Израелскиот дневен весник Haaretz во 2022 година извести дека поранешниот нацистички службеник доктор Вилхелм Хоетел, цитирајќи го организаторот на холокаустот Адолф Ајхман, се чини бил првиот кој споменал дека имало систематско убивање на Евреите кое резултирало со 6 милиони убиени Евреи.

Израелските историчари користеле различни методологии за да го верификуваат бројот на жртви од холокаустот, и доаѓале до разни заклучоци, но поголемиот дел од проценките се меѓу 5 и 6 милиони луѓе, според Харец. Како што појаснува весникот, флуктуациите главно произлегуваат од потешкотиите кои го одредуваат бројот на жртви во окупираниот дел од нацистите  во поранешниот Советскиот Сојуз, со оглед на тоа што во Советскиот Сојуз информациите не се споделувале транспарентно, но исто така, таму и записите на нацистите за убиентите Евреи се помалку сеопфатни отколку во европските земји

Организацијата АДЛ, го има, исто така, дебанкирано митот дека бројката од 6 милиони убиени Евреи во холокаустот е „претерана” заедно со други негирања на холокаустот и фактите околу него.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Иако е точно дека пред Втората светска војна имало весници кои пишувале за 6 милиони Евреи, тоа не значи дека холокаустот е измислен или дека бројот на жртви е помал од проценетите 6 милиони жртви. Во видеото, кое е предмет на објавата што ја рецензираме, игнорирани се бројни други изданија на весници во кои се споменуваат поголеми бројки на Евреи пред Втората светска војна, зависно од тоа дали се пишува за интернационалната еврејска заедница. Намерно во видеото се издвоени само неколку примери од исечоци од весници, каде се пишува за „6 милиони Евреи“, иако бројките на еврејската популација кои се среќаваат пред Втората светска војна во други исечоци од весници се далеку поголеми.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција