Хрватски блог дезинформира дека сите кои ќе се вакцинираат против Ковид-19 ќе добијат минимална плата

Хрватски блог пренесува текст од наводно „сериозен“ портал, во кој се изнесени низа невистини за „новото“ глобално економско и политичко уредување на светот, наречено „Медицински фашизам“

 

Хрватски блог пренесува текст од наводно „сериозен“ портал, во кој се изнесени низа невистини за „новото“ глобално економско и политичко уредување на светот, наречено „Медицински фашизам“

 

Под наслов „Свиркач: Долговите ќе им бидат отпишани на сите кои ќе се согласат на вакцина Ковид 19 и Ковид 21 – останатите во куќен притвор, па во ‘изолациски објекти“ (Zviždač: Dugovi će biti otpisani svima koji pristanu na cjepivo COVID-19 i COVID-21 – ostali u kućni pritvor, pa u “izolacijske objekte”), хрватски блог изнесува редица невистини, кои беа споделувани во регионот и од македонските корисници на социјалната мрежа „Фејсбук“. Блогот го презел текстот од друг портал, иронично коментирајќи дека „за жал“, се работи за сериозен портал, односно дека информацијата наместо „теорија на заговор“ веројатно е вистински заговор против човештвото. За што се работи?

Називот на хрватскиот блог е неологизам – „Хомунизам“ („Homunizam“) – спојувајќи ги хуманизмот и комунизмот како медиумски атрактивни поими. Кога ќе се погледне профилот на блогот, веднаш станува јасно дека теориите на заговор се срцевината на неговата содржина. Главните теми се дадени под насловот на блогот, и тие се занимаваат со хомосексуализацијата на општеството, политичката коректност, тоталитаризмот, сведоштва за излегување од хомосексуалноста (homoseksualizacija društva – politička korektnost – totalitarizam – za roditelje: prevencija homoseksualnosti – svjedočanstva izlaska iz homoseksualnosti). Кога, пак, ќе го пребарате блогот по категории, тогаш наидувате на тврдења дека абортусот е главна причина за депопулацијата на светското население; големите фармацевтски компании, либерализамот и невладиниот сектор се главните алатки на глобализацијата; феминизмот, џендер идеологијата, ЛГБТ и хомосексуалноста не се О.К.; во категоријата „здравје“ главни теми се стандардните: 5Г, вакцините и коронавирусот, а не се изоставени ниту исламизацијата и имиграцијата…

Текстот започнува со тврдењето дека светските лидери планираат нови карантини (lockdown) за да ја инсталираат глобалната програма „World Debth Reset Program”, која вклучува универзална минимална плата за сите граѓани кои ќе се вакцинираат. Со што го поткрепува ова тврдење? Со ништо, освен со забелешката дека се работи за „инсајдерска информација“, за веднаш да се тврди дека наводно светските лидери подготвуваат втор и трет бран на Ковид-19, кои ќе бидат спроведени кон крајот на 2020 и во 2021 година. Сето тоа со цел да се развие нова светска економија која ќе воведе „медицински фашизам како траен начин на живот“.

Наспроти наводите на наводниот „свиркач“ од одборот за стратешко планирање при Либералната партија на Канада, кој наводно делувал под капата на кабинетот на премиерот, се информациите и анализите дека одржувањето на функциите на општеството и поддршката на настраданите економски сектори, заедно со забавувањето на ширењето на вирусот, е единствениот начин да се преброди пандемијата, додека не се произведе сигурна и ефектна вакцина.

Наводните мерки кои ќе го воспостават „медицинскиот фашизам“ вклучуваат воведување дигитални валути, универзална основна плата, задолжителна вакцинација при патувањата и некаков „светски програм за поништување на долговите“.

Дигиталните валути се веќе реалност неколку години, како биткоинот, а по појавата на пандемијата една од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот е токму препораката што помалку да се користи готовината. Терминот што го користи текстот за заплашување – „war on cash” – е само сплет од фискални мерки со кои намалувањето на употребата на парите во готово (кеш) ја намалува и даночната ерозија, и е стратегија што постои многу пред појавата на пандемијата со Ковид-19.

Текстот е контрадикторен затоа што од една страна тврди дека либерализмот му крои медицински фашизам на светот, а од друга страна истите тие заговорници кроеле план за универзален минималец, што е неспоиво за која било стратегија на либералниот капитализам. Таков минималец дури е и посакувана категорија во некои економски средини, како нашата, но и во една економски супериорна Швајцарија. Од друга страна, пак, неодамна во Финска беше спроведен двегодишен експеримент со основниот месечен приход на граѓаните, дури и за оние што се невработени: експериментот се покажал како неуспешен.

Кога се работи, пак, за можните „корона пасоши“, односно задолжителна вакцинација за тие што ќе сакаат да патуваат низ светот, изминативе шест месеци многу земји се бранеа од пандемијата преку задолжителните ПЦР-тестови за влез на нивните граници. „Светската програма за отпишување на долговите“ веќе беше спроведувана по финансиската криза од 2008 година, како што беше случајот со Грција и други економски погодени земји од еврозоната. Пандемијата со Ковид-19 беше аларм за светските финансиски институции како Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, но и групата најразвиени земји Г7, да ја санираат финансиската штета во посиромашните земји.

Наводниот заговор продолжува со етикетирање на програмата на американската влада за заштита на економски погоденото население (Paycheck Protection Program, PPP), нешто што речиси секоја земја во светот, побогата или посиромашна, на разни начини веќе го спроведува, во склад со финансиските можности, откако пандемијата зема замав.

Текстот по којзнае кој пат ги повторува и наводите дека фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс стојат зад овој заговор, за да го вакцинираат цел свет. Што се однесува, пак, на заплашувањата дека ќе бидат формирани логори (кампови) во кои ќе бидат задржувани, токму мерките за изолацијата се покажаа многу успешни во Сингапур, на пример.

На крајот, текстот тврди дека „сите ќе станеме Кина“, алудирајќи на строгите кинески методи во справувањето со пандемијата. Рековме, не оди заговор на либералниот капитализам со комунистички шмек: најновите податоци велат дека токму економијата на Кина, и покрај нејзините методи, повторно расте.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција