И Калиопи се најде во лажна реклама за чудотворен лек 

Фото: Принтскрин ФБ пост

Ова е уште една во низата лажни реклами на социјалните мрежи кои имаат за цел да ги мамат граѓаните, наведувајќи ги да купуваат лажен производ. На официјалната веб-страница на ТВ 24 не може да се најде интервју со Калиопи во кое таа зборува за капките У-капс кои се рекламираат во објавата. Фотографиите употребени во лажниот напис се од интервју кое Калиопи го дала за емисијата Неделен микс на ТВ 24 пред три месеци, но во него таа не зборува за никаква глувост и лек за подобар слух, туку за новиот дует со пејачот Жељко Самарџиќ

 

Ова е уште една во низата лажни реклами на социјалните мрежи кои имаат за цел да ги мамат граѓаните, наведувајќи ги да купуваат лажен производ. На официјалната веб-страница на ТВ 24 не може да се најде интервју со Калиопи во кое таа зборува за капките У-капс кои се рекламираат во објавата. Фотографиите употребени во лажниот напис се од интервју кое Калиопи го дала за емисијата Неделен микс на ТВ 24 пред три месеци, но во него таа не зборува за никаква глувост и лек за подобар слух, туку за новиот дует со пејачот Жељко Самарџиќ

 

Анализираме објава на Фејсбук која лажно рекламира лек за слух и притоа злоупотребува лекари, медиуми и македонски јавни личности.

Аудиолозите ја изгубија дарбата за говор! Глувоста исчезнува навечер ако пиете вода и … пред спиење, стои во објавата што е предмет на нашата рецензија.

Кога ќе стиснете на линкот на објавата ве води до наводна страница (принтскрин) на ТВ 24 каде може да прочитате наводно интервју со познатата македонска пејачка Калиопи Букле и со д-р Александар Трајановски.

Калиопи се врати во Македонија, по долго отсуство од локалниот јавен живот, даде интервју за Weekly Mix и за прв пат проговори за тоа како Др. Александар Трајановски го спасил од глувост со помош на заборавен лек, стои во написот.

Нашата проверка покажа дека ништо од ова не е вистина и дека станува збор за уште една во низата лажни реклами на социјалните мрежи кои имаат за цел да ги мамат граѓаните наведувајќи ги да купуваат лажен производ.

На официјалната веб-страница на ТВ 24 не може да се најде текст, односно интервју со Калиопи во кое таа зборува за капките У-капс кои се рекламираат во објавата.

Фотографиите употребени во лажното интервју се од интервју кое Калиопи го дала за емисијата Неделен микс на ТВ 24 пред три месеци, но во него таа не зборува за никаква глувост и лек за подобар слух, туку за новиот дует со пејачот Жељко Самарџиќ.

Што се однесува до д-р Алекандар Трајановски кој се спомнува во лажното интервју, тој не е доктор за слух, туку е хирург на Клиниката за ортопедија и директор на ЈЗУ ТОАРИЛУЦ.

За лекот кој се рекламира, У-капс, нашата проверка во регистарот на лекови покажа дека таков лек во С Македонија не постои.

Доколку капките ги побарате на Гугл, ќе видите дека тие не можат да се најдат во ниту една аптека, туку се нудат само на некои сомнителни веб-страници.

Очигледно е дека целта на објавата е да ги измами читателите да нарачаат лажен лек кој се продава по цена од 4.800 денари, односно со попуст 2.400 денари.

Од сето ова можеме да заклучиме дека не е вистина дека постои посочениот лек кој го враќа слухот, како што се тврди во објавата. Таков лек именуван како „У капс“ не е регистриран во Македонија. Објавата злоупотребува медиуми, лекари и јавни личности со цел да биде поубедлива во рекламирањето и полесно да ги измами граѓаните да купат лажен лек. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција