(ИНТЕРВЈУ) Николовски: Руските црковни играчи во МПЦ-ОА наметнаа лажни теми во јавноста

Момент од протестот на МПЦ против законите за родови прашања, 29.06.2023 г. | Фото: Бојан Блажевски, Мета.мк

Колку повеќе е воспевана руската црква меѓу верниците, толку поголемо е нејзиното влијание. Хипотетички, ако руската црква „ни ја спасува“ црквата, зошто руската држава да „не ни ја спаси“ државата од лошиот Запад кој сака нели, сè да ни уништи? Отприлика така некако одат тие приказни, вели Марјан Николовски, уредник на Религија.мк, кого Светиот Синод на Македонската православна црква неодамна го повика пред Црковен суд поради неговите текстови

 

Поминаа три месеци откако јавноста дозна дека Марјан Николовски уредник, новинар и сопственик на порталот „Религија.мк“ беше повикан пред Црковниот суд на МПЦ-ОА поради наводно ширење омраза меѓу верниците и раководството, синодот на МПЦ. Исто толку време помина откако тој јавно го отфрли тој повик. Во ова интервју за Мета.мк, тој зборува за овој случај кој предизвика големо внимание во јавноста, но зборува и за автокефалноста на МПЦ-ОА, за руското влијание, како и за заладувањето на односите со Бугарската православна црква.

Можете ли поконкретно да кажете за што бевте повикан на сослушување пред Црковниот суд и дали до денес сте почуствувале последици, притисоци, можна екскомуникација, и т.н.? 

„Да критикуваш Архиереи на црквата не е баш лесна работа“ – Марјан Николовски, уредник на Религија.мк | Фото: Лична архива

НИКОЛОВСКИ: Колку што мене ми е познато, случајот е сè уште отворен. Однoсно, постапката е почната на денот кога јас требаше да се појавам на сослушување кај црковен обвинител. Јас не се појавив бидејќи Црквата нема никакво право да повикува новинари на одговорност пред нејзини судови, а не се појавив и од едноставна причина што не сакам да му давам легимитет на еден таков процес. Но, црковниот обвинител и таму уште кој друг, биле на тој датум во Архиепископија и веројатно донеле свои заклучоци. Сè уште не сум известен што се случува. Но, дека постапка постои укажува последната синодска седница од 29 февруари, каде во редовен состав, тројцата владици, Стефан, Петар и Тимотеј го опсервирале моето работење како новинар и иако се обиделе да ги ублажат последиците, поради жестоките реакции, сепак решиле моето име и презиме како новинар да го внесат во официјално соопштение на Црквата – „Светиот Синод на МПЦ–ОА разгледувајќи ги написите од г. Марјан Николовски на порталот Религија.мк, го советува, при објавувањето на црковните теми, да ги проучи соодветно за да не предизвикува погрешни информации во јавноста..“. Ова може да значи и дека овде постапката е трансформирана од можност за исклучување од црквата, во јавно советување. Но, владиците на МПЦ-ОА треба да знаат дека самото споменување на моето име, или на име на кој било новинар во официјално соопштение на црквата, е форма на притисок.

Дополнително, изминатиов период работите не се стивнуваат, туку напротив ексалираат преку јавни настапи на дел од владиците кои продолжуваат со јавните закани кон мене, преку навреди и омаловажувања и мислам дека тоа ќе продолжи. На тоа се лепат на социјалните мрежи нивни фанатизирани верници и квазипатриоти, пропаднати политички ликови, кои дополнително ја подгреваат атмосферата. Но, ќе се издржи. Јас секако ќе продолжам соодветно да им одговарам. Проблемот е што во Македонија, во медимуите има многу малку новинари што се занимаваат со оваа проблематика. Има луѓе кои ја познаваат, но не се секојдневно ангажирани со тоа. И јас, заедно со Религија.мк, некако им бодеме очи на некои владици бидејќи честопати ги вадиме од нивниот комформизам во кој се научени на функционираат. Да критикуваш Архиереи на црквата не е баш лесна работа.

Инаку, главната причина, како што и тогаш соопштив, беше тоа што јас изминативе две години редовно укажувам на сериозното руско влијание што во Македонија се шири преку црквата, конкретно преку тројца Архиереи. Токму истите оние кои се обидоа институционално преку црквата, а сега преку јавен линч да се пресметаат со мене.

Неодамна професорот од Факултетот за безбедност Марјан Ѓуровски предупреди дека високи црковни достојници од Синодот одржувале тесни врски со претставници на Руската Православна Црква, за кои пак според разузнавачки податоци искажани од претседателот Стево Пендаровски, биле соработници и на руското разузнавање. Следуваше демант од портпаролот на Светиот Архиерејски Синод (САС), владиката Тимотеј. Како црковен познавач, дали можете да ги искоментирате ваквите изјави, за кои црковни достојници станува збор и реално, колкаво е руското влијание во државата преку РПЦ?

НИКОЛОВСКИ: Професорот Ѓуровски го кажа она што јавно го кажа претходно претседателот на државата, и што го знаат и во врвот на МПЦ-ОА. Тие информации на МПЦ-ОА, на Поглаварот му се соопштени од повеќе страни и доаѓаат како информации на безбедносните служби. Во што се состои ризикот од таквите активности? Постоењето на интересот на Русија на Балканот е неспорен. Обидот за влијание влече историски корени. Состојбата што сега е актуелна на релација Европа – Русија, посебно руската агресија во Украина, само дополнително ги алармира безбедносните служби за пресретнување на информации. Тоа е легитимен процес на секоја држава.

Во Македонија реално руското влијание е незначително, ако се гледа низ призмата на продор преку политиката, економијата, или медиумите. Ние имаме маргинални политичари кои се промотори на руските интереси. Имаме учество на руска економија, која не е со моќ да влијае врз состојбите за да овозможува руско влијание. Имаме маргиналци, исклучително некредибилни и компромитирани, интернет-медиуми или медиумски ликови, кои се блиски до руските политички определби. И ако тоа се стави на една страна, ќе се види дека сè ова е минимален канал за ширење на руско влијание. Токму затоа е избрана Црквата, како институција која има исклучителна висока доверба во општеството и која лесно може да ги канализира и афирмира руските политики и ставови во општетсвото. За таа цел, Русија ја користи руската црква и ги злупотребува македонските црковни интереси во тој процес, играјќи на емотивната карта за името на црквата, иако за црковна Москва до пред две години МПЦ-ОА беше расколничка организација, именувана како таканаречена македонска црква.

И токму во тоа се состои „заемниот“ интерес на руската црква и поедини владици на МПЦ-ОА. Колку повеќе е воспевана руската црква меѓу верниците, толку поголемо е нејзиното влијание. Хипотетички, ако руската црква „ни ја спасува“ црквата, зошто руската држава да „не ни ја спаси“ државата од лошиот Запад кој сака нели, сè да ни уништи? Отприлика така некако одат тие приказни.

Иако дојде до признавање на МПЦ-ОА од страна прво на СПЦ, преку т.н. нивен Томос со кој ни ја признаваат афтокефалноста, а потоа и до нормализација на односите со Вселенската патријаршија и со најголемиот број помесни православни цркви, многумина познавачи велат дека вистинскиот Томос треба да уследи од Вселенската патријаршија и дека сè додека не го добиеме тој документ автокефалноста на МПЦ-ОА сè уште не е докрај призната. Дали е тоа вистина и ако да зошто помина толку време, а документот сè уште го нема? Дали е во прашање името на МПЦ-ОА или како што и вие пишувавте, ставот на нашата црква кон афтокефалијата на Украинската православна црква? 

Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј и Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј (лево) во Цариград, март 2023 г. | Фото: Дебарско-кичевска епархија, Охрид

НИКОЛОВСКИ: Решавањето на македонското црковно прашање се случува во исклучително комплициран период за Православието. Како никогаш претходно Цариград и Москва се на спротивставени страни. И тоа беше добра шанса за МПЦ-ОА. Едноставно се погодија истириски околностите. Но, не треба да се заборави дека процесот на решавање на македонската автокефалност не почнува со СПЦ, туку почна пред повеќе од седум години. Почна со тоа кога МПЦ-ОА одлучи проблемот од дворот на СПЦ да го извади надвор и да го наметне како проблем на целото Православие. Така се случи писмото до бугарската црква, а потоа и процесот на барање за Апелација пред Вселенската патријаршија. Во тој период СПЦ сè уште одбиваше разговори, сè до моментот кога Вселенската Патријаршија го стави ова прашање на дневен ред. Тогаш СПЦ ја смени стратегијата и под влијание на Москва, одлучи да влезе во овој процес со свои интереси. Издаде документ за согласност за автокефалност, кој го нарече Томос, а кој јасно укажува дека не е завршен документ и дека МПЦ-ОА е испратена на референдум за нејзината автокефалност пред сите останати автокефални цркви.

Дополнително што и нејзиното име станува проблем, не само за гркојазичните, туку и за сите цркви. Проблем немаше да има ако МПЦ-ОА се заблагодареше на СПЦ и со истиот документ заминеше во Фанар кажувајќи дека ја има согласноста од „мајката црква“ за автокефалност. Досега веројатно Вселенскиот патријарх ќе беше дојден во Охрид и ќе го донесеше Томосот за автокефалност. Но наместо тоа, руските црковни играчи во МПЦ-ОА ја почнаа кампањата против Цариград, по налог од Моксва. Москва имаше интерес да спречи Томос од Вселенската патријаршија, кој впрочем сите современи автокефалии го имаат. Руските црковни играчи во МПЦ-ОА наметнаа лажни теми во јавноста. Едната дека Вселенската патријаршија сака да ја земе дијаспората, односно црквите во дијаспората да ѝ бидат нејзе отстпаени, нешто што и на најобичен верник му е јасно дека е лага. Втората тема што ја наметнаа е дека со Томос од Всленската патријаршија, МПЦ-ОА ќе се обезличела и ќе го изгубела македонското име, иако Вселенската патријаршија реално очекува МПЦ-ОА да избере под кое име црквата ќе биде запишана во Диптихот, „Охридска Архиепископија“, или „Црква на Северна Македонија“, како што се сите други цркви запишани, бидеќи националното именување на црквите не е официјално именување.

„Решавањето на македонското црковно прашање се случува во исклучително комплициран период за Православието. Како никогаш претходно Цариград и Москва се на спротивставени страни“, вели Николовски

Во меѓувреме што се случи? Од сите 13 автокефални цркви, кај кои беше испратен Томосот од СПЦ, само две цркви го прифатија целосно. Руската и Бугарската. Бугарската ѝ даде име на „МПЦ-ОА – Црква на Северна Македонија“, со Архиепископ „Северномакедонски“. Руската го користи името МПЦ-ОА. Романската црква го прифати Томосот, но потенцира дека ќе чека и официјалнен Томос од Всленската патријаршија. Името под кое ја призна МПЦ-ОА е Архиепископија на Охрид и на Северна Македонија, а титулата на Архиепископот е Архиепископ на Охрид, Скопје и на Северна Македонија. Четвртата црква е СПЦ. Останатите десет автокефални цркви не го прифатија Томосот на СПЦ и за нив МПЦ-ОА не е автокефална црква, сè додека Томос не издаде Вселенската патријаршија. Такви се фактичките состојби сега во моментов.

Прашањето за Украина се наметна некаде во јуни минатата година, кога последен пат беше делегација на МПЦ-ОА во Фанар. Но, откако руските црковни играчи во МПЦ-ОА не успејаа да ги продадат своите лажни тези, и откако на последната средба во Царигард тие теми не беа дел од разговорите, тогаш одлучија да издејствуваат став на МПЦ-ОА дека никогаш нема да ја призне украинската автокефалност. Тоа дојде како нов удар врз Вселенската патријаршија, бидејќи ако таа тебе треба да ти даде автокефалност, која е логиката ти да ја спориш автокефалноста што таа ја дала на Украина? Поради кои интереси го правиш тоа? И сега во моментов токму Украина е клучното прашање поради кое Вселенската патријаршија чека одговор од МПЦ ОА. Последна информација беше дека е формирана комисија во МПЦ-ОА за преиспитување на ова прашање, па ќе видиме што од тоа ќе произлезе.

Имате ли информации зошто дојде до заладување на односите со Бугарската православна црква иако пред неколку години, (ноември 2017 г.) МПЦ-ОА ја нарече и ја призна БПЦ за „црква мајка“ и отворено бараше признавање од нив? Го заборавија ли нашите владици тој став па дел од нив негодуваа за некои одлуки на мешовитата историско-образовна комисија во однос на образовниот дел за нашата црква во учебниците? До неодамна на сајтот на МПЦ-ОА во секцијата за историја на црквата дури и стоеше појаснување за врските меѓу Охридската архиепископија и Трновската патријаршија, но сега таа секција е изменета и скратена?

НИКОЛОВСКИ: Искрено за ова последното не сум запознаен. Не се сеќавам каде имало таква споредба и не би можел да анализирам. Но, односот меѓу МПЦ-ОА и БПЦ е чуден. Јас не би рекол дека има некакво заладување на односите. Можеби има малку повеќе недоворба, како што има недоверба во сите општетствени сфери меѓу двете држави. Изминативе две години МПЦ-ОА и БПЦ сослужуваа, овде во Македонија, еве неодамна во Кратово, пред тоа во битолско, и таму, во Пловдив, а прв пат чинам сослужуваа во Ерусалим, откако беше вратена МПЦ-ОА во канонско единство со одлука на Вселенската патријаршија. Ако се анализираат работите од 2017 година до сега, јас мислам дека Бугарската црква во 2017 година беше (зло)употребена за повисоки цели, кои еве сега МПЦ-ОА ги остварува. Барањето на признавање од БПЦ и нејзино препознавање како „мајка црква“, според мене имаше токму за цел македонскотo црквоно прашање да излезе од дворот на СПЦ и да стане проблем на Православието. Никој не очекуваше дека БПЦ ќе ја признае МПЦ-ОА и ќе сослужува со нејзе, услов нели од кој зависеше и дали МПЦ-ОА во БПЦ ќе гледа како „мајка црква“. Напротив идејата беше веројатно да се втурне БПЦ во проблемот и таа свесно, или несвесно, ја прифати играта и формираше комисија која требаше да го анализира барањето на МПЦ-ОА. Тогаш се јави Вселенскиот патријарх со реакција и рече дека БПЦ нема ингеренции за такво нешто и дека тоа ѝ припаѓа на Вселенската патријаршија. Една година подоцна следуваше барањето за апелација од МПЦ-ОА до Фанар. Дополнително за бугарската црква проблематично е името „Охридска Архиепископија“ и меѓу овие две причини треба да се бара и причината за нејзиниот непринципиелен и навредувачки став, МПЦ-ОА да ја именува како „Северномакедонска црква“.

 

 

hubmk

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција