Измама: За 123 денари нема Самсунг мобилен, туку се добива членство на сајт за видео игри

Постот ги насочува корисниците на Феjсбук на посебна веб-страница, каде од нив се бара да ги внесат личните податоци. Потоа се пренасочуваат кон друга страница, каде пак, од нив се бара да ги остават и банкарски податоци и лажно се известуваат дека со плаќање на 123 денари ќе им биде испорачан телефонот.  Но, доколку внимателно се прочитаат ситните букви ќе се види дека не станува збор за никаква наградна игра за мобилен телефон, туку дека се станува член на некаков клуб за лојалност на продавница за видео игри

Постот ги насочува корисниците на Феjсбук на посебна веб-страница, каде од нив се бара да ги внесат личните податоци. Потоа се пренасочуваат кон друга страница, каде пак, од нив се бара да ги остават и банкарски податоци и лажно се известуваат дека со плаќање на 123 денари ќе им биде испорачан телефонот.  Но, доколку внимателно се прочитаат ситните букви ќе се види дека не станува збор за никаква наградна игра за мобилен телефон, туку дека се станува член на некаков клуб за лојалност на продавница за видео игри

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Распродажба на телефони Samsung s22 – само 123 денар.
 Се случи несреќа во нашиот магацин и кутиите за телефони Samsung s22 беа оштетени. Можете да купите телефон во оштетена кутија или без кутија само за 123 денари.
Гарантираме дека телефонот нема да биде оштетен, се проверува детално пред испорака! За да учествувате, посетете ја веб-страницата и поднесете барање.

Потоа објавата ги води корисниците кон посебна веб-страница, каде од нив се бара да направат неколку чекори со цел да ја добијат наводната награда. Од нив се бара да пополнат полиња со лични податоци, како име и презиме, адреса, поштенски број, држава, телефонски број, мејл адреса. Додека се наоѓаат на оваа посебна веб-страница, од левата страна на екранот се појавува цената од 123 денари и тече време на тајмер, со цел да се изврши притисок за брзо и непромислено да се остават личните податоци во што пократок временски период. Потоа, откако ќе се внесат личните податоци, сајтот ги пренасочува корисниците кон друга страница, каде пак, од нив се бара да ги остават и личните банкарски податоци и лажно се известуваат дека на таков начин ќе платат 123 денари за да им биде испорачан телефонот.

 

Меѓутоа, доколку внимателно се прочитаат податоците кои се испишани со ситни букви под оваа наводна цена од 123 денари ќе се види дека не станува збор за никаква наградна игра за мобилен телефон, туку дека со внесувањето на банкарските податоци се станува член на некаков клуб за лојалност на продавница за видео игри.

Оваа специјална понуда ви дава можност да станете член и да добиете целосен пристап во првите 3 дена по минимална цена. После овој период станувате целосно вклучен член и секои 14 дена автоматски ќе бидат вршени наплати од 33 евра. Не се грижете, ве потсетуваме три дена пред секоја наплата. Откако еднаш ќе платите, не може да ги добиете парите назад. Вашето членство ќе биде достапно веднаш додека не го откажете. Можете да го откажете вашето членство во било кое време со пристапување кон вашата сметка за членство или преку контактирање на нашиот центар за грижа за корисници преку мејл или чет во живо. Како ценет член, ќе бидете во можност да користите ексклузивни цени достапни само за членови и посебни промоции, пишува со ситни букви под полињата каде се манипулираат граѓаните да ги остават своите банкарски податоци.

Оттука станува јасно дека се работи за лажно пренасочување кон сервис за видео игри, а не за наградна игра, односно промоција за добивање на мобилен телефон за 123 денари. Станува збор за измамнички начин на којшто се манипулираат граѓаните да се зачленат на некаков сервис кој ќе продолжи да им одзема пари од банкарската сметка, без притоа да им биде испорачан никаков телефон.

Меѓутоа, мал е бројот на корисниците на Фејсбук кои ги читаат ситните букви под полињата кои треба да ги пополнат со своите лични  и банкарски податоци. Така, се доведуваат во заблуда и мислејќи дека ќе добијат мобилен телефон за 123 денари, всушност се зачленуваат на сајт за видео игри, иако тоа не им била намерата.

Приказната дека телефоните се продаваат за 123 денари само зашто им се оштетени кутиите е небулозна, не кореспондира со реалноста. Страницата од која се споделува постот што го рецензираме, не е официјалната страница на Самсунг туку е наменски креирана страница со цел да се измамат корисниците и ширење на манипулативен маркетинг, при што е злоупотребен е брендот, логото и телефоните на Самсунг.

Корисниците на Фејсбук треба да бидат особено внимателни и да не оставаат свои банкарски и лични податоци за да учествуваат во наградна игра. Доколку некоја цена изгледа премногу неверојатна за да биде вистинита, тогаш е сосема извесно дека се работи за измама.

Во последно време Вистиномер интензивно разоткрива дезинформации и измамнички постови каде се користи нереалната цена од стотина денари за различни промоции, на бела техника, електроника, апарати за домаќинство, мебел и слични производи, а во кои се злоупотребени имињата на етаблирани брендови.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција