Измислена изјава на Лавров кружи на Фејсбук

Наспроти тврдењето во постот, никаде не може да се понајде наводната изјава на Лавров  во која тој ѝ одржал на Грција лекција по демократија: „Вие ли што со години терор вршите врз Македонија и Македонците најдовте да зборувате за демократија“. А, исто така, досега искажаните ставови на официјална Русија во врска со Договорот меѓу Северна Македонија и Грција воопшто не кореспондираат со наводните остри критики на Лавров кон Грција пласирани во постот

Наспроти тврдењето во постот, никаде не може да се понајде наводната изјава на Лавров  во која тој ѝ одржал на Грција лекција по демократија: „Вие ли што со години терор вршите врз Македонија и Македонците најдовте да зборувате за демократија“. А, исто така, досега искажаните ставови на официјална Русија во врска со Договорот меѓу Северна Македонија и Грција воопшто не кореспондираат со наводните остри критики на Лавров кон Грција пласирани во постот

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој е пренесено дека рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, наводно, ги  „прегазил Грците“  и им кажал дека „со години вршат терор врз Македонија и Македонците и немаат право да зборуваат за демократија”.

Во оваа смисла гласи и насловот на текстот којшто се пренесува во постот, а во кој не е посочен ниеден извор, ниту пак, место и време кога Лавров ја дал оваа изјава.

Во постот се наведува дека Лавров ја нападнал Атина за хипокризија и ѝ одржал лекција по демократија, посочувајќи го примерот со Македонија и македонскиот народ.

Ѝ плесна во лице дека Атина не е земја која може да се повикува на човекови права, затоа што самата не ги почитува, посебно во односот со Македонците кои се обесправени и дискриминирани во делот под окупација на Атина каде што се ендопи, т.е. автохтон народ а освен тоа Атина ја тероризира Република Македонија и нејзиното население, до тој степен што ја принуди да си го смени и сопственото име во понижувачки договор кој ги репресира Македонците во сопствената земја до степен на угнетување и суспензија на елементарни човекови права! Значи да повториме ,,Грк” не е нација ,,Грк” е професија! п.с.Честит Свети Георги Победоносец утрешен и нас и ним кој ја примија верата од Македонците и го ставија на својот државен грб, пишува во текстот кој е споделен во постот кој го рецензираме.

Меѓутоа, ваква изјава на министерот за надворешни работи на Русија нема никаде на Интернет. Таа не може да се пронајде од ниеден извор на пребарувачот Гугл, во текстот, пак, не е наведено каде наводно била дадена, а не е прикажан ниту видео материјал од наводната изјава.

Повикувајќи се на овој портал, наводната изјава ја пренесоа и други медиуми кои, сепак, наведоа дека:

Нема официјална потврда дали изјавата цитирана од порталот МКД Пресс ЕУ автентична и вистинита.

Но, и покрај ваквата ограда имаат одговорност дека известиле спротивно на членот 1 од Кодексот на новинарите, според кој новинарот ќе пренесува само точни и проверени информации.

Инаку, уште во 2018 година Лавров изјави дека „Руската Федерација најверојатно ќе го признае кое било име на Македонија, кое ќе го договорат Скопје и Атина“.

На годишната конференција за новинари, рускиот министер за надворешни работи истакна дека спорот за името меѓу Македонија и Грција долго време бил во „полузаспана ситуација“ и оти сега заживеал дури откако САД одлучиле Македонија да влезе во НАТО. Лавров потсети дека Грција е веќе членка на НАТО и оти не ѝ е неопходно да прави отстапки, туку дека тоа треба да го стори Македонија, која се надева дека ќе влезе во Алијансата, пренесуваат руските новински агенции РИА Новости и ТАСС, извести „Дојче Веле“ во јануари 2018 година.
На 13 јуни 2018 година, по објавувањето на договорот,  шефот на руската дипломатија Лавров изрази надеж дека договорот за новото име на Македонија ќе биде во интерес на Атина и на Скопје и дека ќе го подржат граѓаните и на двете држави.
Секогаш нагласувавме дека се залагаме за пронаоѓање договор за тој проблем, без мешање однадвор, без поставување на одредени вештачки услови. Говоревме дека ќе го поддржиме решението кое ќе биде во интерес на Грција и на Македонија и кое ќе има широка народна поддршка. Се надевам дека договорот кој вчера беше објавен е токму таков, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија, изјави Лавров на прес-конференцијата во Москва со тогашниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕиас.
Потоа на 16 јануари 2019 година, Лавров изјави дека Русија „не е против договорот меѓу Северна Македонија и Грција, туку спорен е правниот легитимитет на процесот“. 

Еден месец подоцна, на 16 февруари 2019 година, Лавров, според објавата на  официјалната Фејсбук страницата на руската амбасада во земјава, ги коментирал обвинувањата за руско мешање во внатрешните работи на Македонија и Грција и кажал дека за нив нема убедливи докази.

Па, имајќи предвид дека никаде не може да се понајде наводната изјава на Лавров: „Вие ли што со години терор вршите врз Македонија и Македонците најдовте да зборувате за демократија“, како и тоа што досега искажаните ставови на официјална Русија  во врска со Договорот меѓу Северна Македонија и Грција, не кореспондираат со наводните остри критики на Лавров кон Грција пласирани во постот, оваа објава на Фејсбук е измислена, односно невистинита.


Qries

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција