Измислица е дека авиони на СЗО „запрашувале“ со раствор што предизвикува коронавирус

Не постои доказ кој сугерира дека Ковид-19 е биолошко оружје, како што  неточно се тврди во постот што го рецензираме

Не постои доказ кој сугерира дека Ковид-19 е биолошко оружје, како што  неточно се тврди во постот што го рецензираме

 

Целосно невистинито е тврдењето изнесено во вирален пост на Фејсбук, дека авиони во сопственост на Светската здравствена организација (СЗО) биле натоварени со раствор кој ги предизвикува сите симптоми на коронавирусот.

Исто така, во постот лажно се тврди дека етаблираната агенција „Ројтерс“ на втори декември годинава објавила оти Шведското воздухопловство (веројатно се мисли на военото воздухопловство на оваа држава со оглед на фотографиите од воени авиони ловци) спуштило три авиони на СЗО и дваесет лица. И со едноставно и со напредно пребарување на написите на „Ројтерс“, евидентно е дека ваква информација воопшто не била објавена. СЗО никогаш немала авиони во коишто се наоѓал раствор кој ги предизвикува сите симптоми на коронавирусот. Уште повеќе, СЗО нема никакви авиони во своја сопственост. Ако се види графиконот на организациската структура на СЗО; ќе се види дека таму нема никаков оддел за управување со авиони, ниту, пак, такво нешто се спомнува. СЗО изнајмува авиони за своите потреби во итни ситуации, каков што беше случајот во октомври кога таков авион изнајмен од СЗО, однесе опрема за борба против Ковид-19 во Либија. Но, организацијата нема авиони во своја сопственост како што децидно се вели во постот.

Понатаму, во постот сосема изостануваат детали и објаснувања кои би придонеле кон неговата веродостојност. Каде тоа „шведското воздухопловство спушти 3 авиони“? На кој аеродром? Во близина на кој град? Како тоа било утврдено дека наводниот раствор бил тој што ги „предизвикува сите симптоми на коронавирусот“? Како и кој го утврдил тоа? Понатаму, фрлање раствори од 5 или 10 илјади метри е сосема неефикасен метод за заразување со коронавирус. Тоа е премногу голема височина која не гарантира дека вирусот ќе преживее пад од толкава висина и дека ќе падне врз човек, кој потоа ќе го вдише и ќе се зарази. Веројатноста за такво нешто е минорна. На сите нам сега веќе ни се познати препораките за заштита од вирусот кои велат да се практикува социјално дистанцирање од најмалку 2 метри. А, овде од читателите се бара да поверуваат дека можело да се биде заразен ако некој фрли вирус врз некого на оддалеченост од 5 или 10 илјади метри.

Коронавирусот предизвикува широк спектар на симптоми, кои кај различни пациенти предизвикуваат компликации со различен интензитет и зафаќаат различни системи од организмот. Официјалната страница од македонските здравствени власти опишува дека симптомите на коронавирусот се висока температура, кашлица, отежнато дишење, но од досегашните искуства на лекување на инфективните одделенија ширум државата евидентно е дека има пациенти кои имаат тешка форма на болеста и нивното закрепнување трае многу долго. Министерот за здравство, доктор Венко Филипче, опишувајќи ги компликациите кај пациентите со најсериозната форма на болеста, тврди дека станува збор за тешки форми на оштетување на виталните органи.

Тешка форма на пореметување на крвта со целосно губење на клетките кои се одбрана на организмот. Тоа беше детектирано со специфична анализа на крвта и таа состојба бараше посебна терапија. Понатаму, дифузно зафаќање на белите дробови, онеспособување на крвта да прима кислород. Тие пациенти или завршуваа на кислородна маска или на неинвазивна вентилација или на респираторна машина. Понатаму, тешка форма на оштетување на бубрезите, тешка форма на оштетување на црниот дроб, оштетување на мозокот поради недоволна оксигенација, што се најтешките компликации на вирусот и тие во најголем процент завршија со смртен исход. Ова е вирус кој ги напаѓа сите органи и нема правило, изјави Филипче во интервју во август годинава. 

Оттука, поради тоа што не е можно да се знае кој пациент ќе помине со лесна форма на болеста, а кај кого болеста ќе предизвика тешки последици, комплетно е неиздржано да се тврди дека, наводно,  некаков раствор „ги предизвикува сите симптоми на коронавирусот”. Што значи, дека симптомите на коронавирусот се многубројни и различни, а не унифицирани. 

СЗО, исто така, наведува дека коронавирусот се шири со близок контакт на заразено лице со друго лице:

Вирусот се шири од инфицирано лице односно преку неговата уста и нос, преку мали капки коишто се пренесуваат во воздухот кога лицето кашла, кива, пее или засилено дише. Овие капки се со различна големина. За да се инфицира лицето, вирусот мора да навлезе во устата, носот или очите што се случува кога лицата се во близок контакт помал од еден метар со инфицирано лице.

Значи, инфекцијата не се случува преку измислен вирус кој паѓа на земјата од натоварени авиони(!), туку со близок контакт со инфицирано лице.

СЗО е децидна дека има социјални контексти, односно услови во кои што вирусот многу лесно се шири, како во затворени простори, со многу луѓе, кои не се соодветно проветрени, во ноќни клубови, канцеларии, ресторани, места каде што се пее.

Не постои доказ кој сугерира дека Ковид-19 е биолошко оружје, како што неточно се тврди во постот што го рецензираме. Научните податоци објавени на официјалната страница за информации за Ковид-19 во Њу Џерси, покажуваат дека Ковид-19 на почетокот, во иницијалниот прв случај, се проширил од животно на човек. Една студија покажала дека вирусот Ковид 19 во 96 проценти е идентичен со вирусот кој претходно бил идентификуван кај лилјаците.

Уште на 30 април со заедничко соопштение излегоа сите 17 разузнавачки агенции на САД. Станува збор за збир од различни институции во кои се вработените стотици илјади луѓе, што значи дека е невозможно сите тие институции и вработени да се натераат или да се договорат да лажат и тоа да функционира без никаков проблем. И нивната оценка е јасна:

Разузнавачката зедница, исто така, се согласува со широкиот научен консензус дека вирусот Ковид-19 не е креиран од човекот и не е генетски модифициран.

Разунавачката заедница на САД има пристап до сите неопходни стручни и финансики ресурси за да го истражи ова прашање, надвор од било какви сомневања. Според овој став, постигнат по пат на консензус. актуелниот корона вирус, кој ја предизвикува болеста ковид-19, е настанат по природен пат и не може да стане збор за проект преку кој од авиони би се фрлале раствори со вирусот.

Со оглед на сето ова, на сите овие аргументи изнесени во овој напис, утврдивме дека ваквиот пост е целосно невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција